Search
Close this search box.

Учениците со посебни образовни потреби во СОУ „Гошо Викентиев“ од Кочани не можат да следат настава поради непристапност на внатрешноста

Средношколец со посебни образовни потреби од СОУ „Гошо Викентиев“ во Кочани од дома следи настава на далечина. Друг ученик со комбинирана попреченост, редовно оди на настава во училиштето, но за да се движи по скали потребна му е помош од асистент.          

Мобилноста во училишниот објект за учениците со посебни образовни потреби во СОУ „Гошо Викентиев“ во Кочани е еден од главните проблеми со кои тие се соочуваат во следењето на редовната настава. Изградено пред четири децении, на корисна површина од над 5.200 квадратни метри, училиштето нема соодветно техничко решение што ќе им помогне полесно да се движат во неговата внатрешност. 

Се работи за стручно училиште за електротехничка и машинска струка, во кое наставната програма се изведува во 34 училници, работилници и специјализирани кабинети распределени на приземје и два ката. Освен внатрешните скали, не постои друга можност за совладување на висинската разлика меѓу катовите. Надминувањето на ваквата бариера за следење на часовите за учениците со посебни потреби е невозможно без туѓа помош. На потребата од ангажман на друго лице, пак, училиштето не може да одговори во секој момент, па и тоа не е најсоодветно решение. 

„Во нашето училиште се води грижа за инклузивноста, но во моментот имаме два ученика кои се со посебни образовни потреби и можностите тие да ја следат наставата не се на потребно ниво. Објектот располага со соодветна рампа што им обезбедува пристап и влез, но потребни се помагала за качување по скалите. 

СОУ „Гошо Викентиев“ во Кочани

Часовите се одржуваат во кабинетите на првиот и вториот кат, а во зависност од степенот на попреченост и можностите за движење, со поддршка од асистент им помагаме да стигнат до определена просторија. Сепак, потребно е соодветно решение што ќе биде трајно и на учениците ќе им овозможи независност во движењето“, вели Марија Хаџиевска Митевска, дефектолог во СОУ „Гошо Викентиев“.

Дека има потреба од решавање на проблемот потврдуваат и од основачот на ова училиште, Општина Кочани, која е надлежна за обезбедувањето услови за изведување на наставата. Со барање за пристап до информации од јавен карактер, ЛокалАктив побара одговор од Општината, која потврди дека состојбата со пристапноста во средното техничко училиште не одговара на потребите.

СОУ „Гошо Викентиев“ во Кочани

„Во средните училишта имаме проблем. Во СОУ „Гошо Викентиев“ има ученик со комбинирана попреченост кој се движи по скали со помош на асистент, но има друг ученик кој е на он-лајн настава поради неможност да посетува кабинетска настава во истото училиште. Тоа се проблеми кои Општината ги има нотирано, но сѐ уште не пронашла начин за нивно решавање. Пристап за лица со попреченост и целосен влез со лифт има во ОУ „Св. Кирил и Методиј“, а ОМУ „Ристо Јуруков“ е достапно за сите категории на ученици. Останатите училишта имаат само пристап на првиот кат, но не и внатрешен пристап по скалите. Кога имаат деца со инвалидност, различно пристапуваат во решавање на проблемот. На пример, во ОУ „Малина Попиванова“, поради ученик со телесна попреченост, сите деца од одделението учат во училница на првиот кат каде што може детето да функционира“, стои во одговорот од Општина Кочани.

Стручните служби во СОУ „Гошо Викентиев“ бараат соодветно решение што ќе им помогне на учениците со посебни образовни потреби. Услов е тоа решение да обезбедува физичка сигурност и безбедност.

„Имаме неколку опции за решавање на проблемот, главно преку поставување коси подвижни платформи што можат да се прицврстат на оградите на скалите. Потоа, постои можност за поставување вертикални движечки платформи или лифтови, како и за користење уреди – таканаречени гасеници што го помагаат движењето. Според нашето согледување, најсоодветна би била првата опција која е и најбезбедно решение, а притоа нема да им пречи на другите ученици кои ги користат скалите“, додава дефектологот Хаџиевска Митевска.

 Заради обезбедување на потребните средства за набавка и инсталирање на ваква опрема, Општината Кочани во соработка со сите училишта планира да организира хуманитарен културно-забавен настан под мотото „Без бариери“. 

Марија Хаџиевска Митевска, дефектолог

Активноста ќе се одржи на 1 декември со почеток вои 10 часот во спортската сала на ОУ „Св. Кирил и Методиј“, а во рамки на одбележувањето на 3 декември – Денот на лицата со попреченост. Од раководството на СОУ „Гошо Викентиев“ очекуваат добар одѕив на настанот од  општествено одговорнси донатори кои можат да помогнат во решавањето на проблемот со пристапноста до училиштата за учениците со попреченост.

Т.А. и В.И.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE