Search
Close this search box.

Азиланството остава печат за цел живот, особено за децата

Енисе Демирова*

Викторија Димитрова**

Се празни ромското маало во Штип. Десетици семејства со нивните деца заминуваат во странство, но не на печалба, туку бараат економски азил. Најчеста дестинација им е Германија. Овие семејства многу добро знаат дека не можат да добијат азил, бидејќи Македонија во ЕУ е на листата на сигурни држави. Заминуват за осум, десет месеци живот, на туѓа сметка. Со штедење може и да се заработи од месечниот надоместок што го добиваат како азиланти. Некои одат и поради бесплатното лекување што го добиваат. Меѓутоа, враќањето дома, во супстандардните услови ги соочува со проблем на повторното вклучување во системот. Најтешко им е на децата, коишто треба  да се вклучат во образовниот систем, а се соочуваат со јазични и културолошки бариери. Меѓу новородените, има и такви кои немаат изводи и се „фантоми“ за нашиот систем. За родителите, враќањето значи нов тежок почеток, бидејќи завршуваат како баратели на социјална помош или тргнуваат во потрага по работа. 

Локал Актив ги пренесува приказните на три семејства од Штип кои лани  заминале во Германија, како азиланти. Две од семејствата по неколкумесечен престој се депортирани назад во Штип, додека едно од семејствата сé уште живее во Германија.

Ризови со дестинација Карлсруе

Сунита Ризова со сопругот и двете деца заминале во Германија како азиланти во 2022 година. Ризова вели дека на тоа ги натерала сиромаштијата. На влезот во Германија, откако се изјасниле дека бараат азил, биле префрлени во камп во Карлсруе во Германија.

„Условите во хаемот (прифатниот центар) беа лоши. Имаше голема нехигиена. Имаше народ од секаде и од секоја нација. Ни беше тешко оти јазикот не го знаевме. Добивавме бонови за храна и јадевме три пати дневно. Храната беше добра, не можеме да се жалиме. Исто така, можевме и да се бањаме. По две недели престој во хаемот, ни дадоа трансфер во Маркдорф (160 километри од Карлсруе). Таму  имавме заедничка кујна и купатило  со уште три семејства, кои не беа од Македонија. Добивавме доволно храна и пијалоци и плус ни даваа џепарлак“, раскажува Ризова.

По шест месеци, од кампот за азиланти, семејството било префрлено во посебен стан.

„Доаѓаше и социјален работник, што се грижеше за нашите потреби. Децата одеа на школо. Ги имавме сите права за образование, здравство, социјала. Многу бевме задоволни. Ни даваа месечно околу 1.500 евра, плус ни даваа бонови за облека… зимна и летна.Таму сите трошоци околу школувањето на син ми ни ги плаќаше социјалното“, вели Ризова.

Сунита Ризова, фотографија од приватна архива

Меѓутоа, за нив азилантската приказна завршила  во март  2023 година,  кога биле депортирани во Македонија.

Демирови продале покуќнина за карти до Германија

Истата судбина ја имало и семејството на 60-годишниот Турбаи Демиров. За да заминат како азиланти во Германија, семејството било принудено да продаде покуќнина. Како азиланти поминале десет месеци, од февруари до декември 2022 година, по што се вратени назад, во Македонија.

„Моравме да заминеме со целото семејство, бидејќи јас имам 60 години и сум невработен, а жена ми е болна. Кога стигнавме во Германија, во Карлсруе видов многу Македонци. Имаше луѓе од секаде.Таму беше како една база за прифакање на азиланти.Тука ти даваат дозвола за слободно движење. Веднаш нè прегледаа лекарите, нè сликаа и потоа ни дадоа една соба и бонови за храна за три пати јадење. Храната беше добра, беше толку добра, каква што никогаш не сме јаделе дома. Да ви кажам не ни беше ич тешко, затоа што имаше многу Македонци, не се секиравме, сакавме да останеме таму засекогаш. Ама немавме среќа. Некои остануваат по три – четири години, ние само 10-11 месеци. Земавме социјална помош 500 евра како џепарлак за да можеш да си купиш нешто. Имавме доволно храна. Фрижидерот секогаш ни беше полн и постојано имаше топла вода за бањање. Многу брзо ни дојде решение за изгон, да се вратиме назад. Нè качија во автобус, ни дадоа и пари и се вративме тука“, вели Демиров.

Турбаи Демиров, фотографија од приватна архива

Адвокат завршил работа на Зулеви

Семејството на Ахмед Зулев лани исто така заминало во Германија, барајќи азил, но тие велат дека имале среќа да останат. Им помогнал адвокат, кој го ангажирале. Заминале со две деца, а во Германија им се родило уште едно.

„Едното дете ми беше девет години, го запишавме на школо, а ќеркичката имаше три години и ја запишаа во градинка. Во меѓувреме си добивме уште едно синче, еве како направи една година и многу сме си среќни и задоволни. Еднаш добивме решение за изгон, но најмивме адвокат, се жалевме и сега за сега немаме проблеми за враќање. Што да ви кажам, се средивме и сме со сите услови“, вели Ахмед.

На прашањето дали планираат да се вратат добивме концизен одговор: „Си ја сакаме Македонија, но не се враќаме, сé додека нè држат овде во Германија, нема враќање во Македонија“, вели Ахмед.

Другите две семејства – Ризови и Демирови, кои се вратиле назад во своите домови во Штип се соочиле со проблеми. Едно од децата од семејството Ризови не успеало да се запише во училиште.

Ахмед Зулев, фотографија од приватна архива

„Син ми кој имаше девет години  не го запишаа на  училиштето затоа што немало место веќе, а јас успеав веднаш да си најдам работа и еве работам. Но, право да Ви кажам, многу тешко прекаруваме со 20.000 денари плата. Добро е што мажот ми заработува нешто на приватно и го поминуваме некако месецот“, вели Ризова.

Турбаи Демиров сé уште сонува за животот во Германија. Вели дека сé би продал само повторно да замине со семејството, бидејќи со социјалната помош која што ја добива од шест илјади денари не можат да егзистираат, ниту пак да си ги платат сметките и лековите за неговата болна жена.

Азилантството - проблем стар со децении

Азиланството, како форма за преживување на ромските семејства, не е нова пракса. Ромските организации алармираат дека бројките на заминати семејства кои бараат азил се зголемува. Ерол Адемов, кој е вработен во Општина Штип и е постојано на терен меѓу ромското население, за Локал Актив вели дека овие семејства најчесто заминуваат како азиланти во западно-европските земји од економски причини. Но, поголем дел од нив по извесен период од три или шест месеци ги враќаат назад во земјава.

„Оваа бројка варира од месец во месец и од година во година, затоа што многу често луѓето заминуваат и се враќаат и поради тоа е многу тешко да се одреди приближен број. Овој период се зголемува бројот на баратели на азил, со оглед на фактот што одат со цел да ја поминат зимата таму. Минатиот месец имавме некаде околу 50 баратели, коишто дојдоа во нашата канцеларија за да добијат  лични документи, за нив и за нивните деца, а со тоа поднесуваат и барања за нови патни исправи, а со цел да заминат од државата“, вели Адемов.

Семејствата кои се враќаат во Македонија тешко се вклопуваат во системот

Враќањето назад во матичната држава за овие ромски семејства не значи само враќање, како што тие велат, во нивната секојдневна сиромаштија, туку и сочување со други проблеми.

Адемов потврдува дека овие луѓе не можат лесно да се вклопат во системот и да најдат вработување, затоа што голем дел од нив немаат основно образование.

„Овие луѓе немаат квалификации, со коишто би можеле да се вклучат на пазарот на трудот. Со оглед на фактот дека се невработени и се корисници на социјални права, односно на гарантирана минимална помош, а имајќи ги предвид цените и економската криза, со овие средства не можат да ги покријат ниту основните трошоци за исхрана, ниту за облека на нивните деца, за да можат да преживеат тука“, рече Адемов.

Семејствата се соочуваат и со административни пречки во остварувањето на нивните права. Откако ќе ја напуштат Македонија, тие добиваат решение за престанок на нивните права од социјална заштита. Како што објаснува Адемов, поголем дел од нив го губат и правото на здравствена осигурување, а со тоа се избришани и од списоците на Агенцијата за вработување, како активни баратели на работа. Враќањето назад значи и почнување од почеток на целиот процес на внесување во системот.

Дел од лицата мораат да го поминат повторно патот за да ја добијат гарантираната минимална помош. Според надлежните од Центарот за социјални работи проблеми нема, бидејќи законските одредби се јасни.

„Правата и услугите од социјална заштита и надлежноста на Центарот за социјална работа како институција во која граѓаните ги остваруваат своите права, се уредени со Закон за социјалната заштитa, Законот за семејството, Законот за меѓународна и привремена заштита, како и подзаконските акти и правилници што произлегуваат од овие закони. Согласно членот 14 од Законот за социјалната заштита (Сл.Весник на РСМ бр.104/19,146/19, 275/19,302/20, 311/20, 163/21, 294/21 и 99/22 ), право на социјална заштита има лице барател на право на азил, лице со статус на признаен бегалец и лице под супсидијарна заштита, под услови и во постапка утврдени со закон“, велат во писмениот одговор од Центарот за социјални работи на Штип.

Основицата за пресметка на гарантираната минимална помош на едно домаќинство се утврдува најпрво за еден член на домаќинството и изнесува 4.809 денари месечно, а потоа за секој следен полнолетен член на домаќинството овој износ се зголемува според еквивалентна скала. Сепак, помошта може да се додели најмногу за вкупно пет члена во домаќинството.

Интересен податок од Центарот за социјални работи од Штип е дека  кај нив нема евидентирано повратници во 2022 и 2023 година. Останува отворено прашањето, дали некогашните корисници на гарантирана социјална помош успеале економски да зацврстат со азилантскиот престој или по враќањето успеале да најдат работа.

Децата се најголеми губитници

Сепак, се чини најтежок за решавање е проблемот со вклучување на децата во образовниот процес. Најчесто, депортацијата на семесјтвата од Германија се случува преку ноќ, па нема можност да се земат свидетелства или доказ за тоа до каде стигнале децата на училиште. Ова е особено голем проблем за децата кои поминале месеци и години во Германија.

Општина Штип во учебната 2022-2023 година евидентирала 11 ученици повратници од западноевропските земји. Раководителката на Секторот за обраозвание, Снежана Санева вели дека најмногу ученици имаат во Општинското основно училиште „Димитар Влахов“, во кое имаат девет ученици повратници, од кои седум се од ромска националност, запишани во прво, трето и петто одделение.

„За ромските дечиња не е побарана еквиваленција (споредување), а за двете девојчиња се чека (одговор) од Министерството за образование и наука. Тие се условно запишани. Во ООУ „Тошо Арсов“ има еден ученик повратник од Германија од ромска националност. Ученикот е запишан во трето одделение условно и во ООУ „Славејко Арсов“ има еден ученик кој, исто така е запишан условно во трето одделение и се чека еквиваленција за прво и второ одделение“, вели Санева.

 

Вања Христова Серафимова, психолог при ООУ „Гоце Делчев“ во Штип вели дека најголем дел од родителите пред да заминат во странство ниту го известуваат училиштето, ниту пак земаат преведници (документ за прифаќање во друго училиште). Според нашиот закон, ниедно дете не може да биде испишано од училиште доколку не добие документ за продолжување на образованието во друго училиште.

„Тоа ни дава за право да заклучиме дека овие ученици за време на нивниот престој во странство не посетуваат училиште. Овие ученици по враќањето продолжуваат онаму каде што го прекинале образованието. Проблемот е во тоа што изгубените  

години создаваат пречка тие да го дооформат образованието, затоа што законот ни наложува да ги испишеме од основното училиште кога ќе наполнат 16 години. Што се однесува до уписот во прво одделение, запишуваме деца до две години надмината возраст“, вели Христова-Серафимова.

Речиси три месеци по почетокот на учебната година, училиштата, општината и  Просветниот инспекторат немаат информации за дури 75 ученици. Како што информира раководителката Санева, се работи за деца кои без образложение ја напуштиле наставата во две штипски основни училишта. 

„Во ООУ „Гоце Делчев“ наставата ја напуштиле 45 ученици, од кои 44 од ромска националност. Во ООУ „Димитар Влахов“ нема 27 ученици, сите од ромска националност. За сите овие ученици нема образложение каде се, за што е информиран и Државниот просветен инспекторат“, соопшти Санева.

Не е познато колку од овие деца заминале во странство.

Деца фантоми

Депортираните семејства, особено помладите, со враќањето во Македонија ги носат и децата кои се родиле во Германија додека барале азилантски статус.

Овие деца, практично се „фантоми“ за нашиот систем, бидејќи немаат извод на родени со којшто би можеле да ги запишат во Управата за матична книга во Штип. Според евиденцијата на Ерол Адемов, во Штип има пет вакви случаи за коишто веќе почнале постапка. Но, тој број на деца фантоми, според Адемов, може да е значително поголем од она што го имаат регистрирано на терен.

„Затоа апелирам на граѓаните коишто се соочуваат со ваков проблем да се обратат кај нас за да можеме да видеме на кој начин би можеле да им помогнеме во однос на добивањето на личната документација“, вели Адемов.

Немање на извод на родените на овие деца им прави проблеми во земјава, односно тие не можат да почнат со своето образование, да примаат вакцини или пак да се запишат во градинка.

Меѓутоа, и покрај изразените проблеми со повторното „враќање во живот“ дома, многу од вратените ромски семејства пак сонуваат за азилантски живот во Германија.

Германија најавува намалување на правата на барателите на азил

Според информација објавена од МИА, германските медиуми информираат дека Германската Федерална канцеларија за миграција и бегалци (БАМФ) објави дека само оваа година имало 13.000 повторени барања. Најголемиот број такви апликанти доаѓаат од земјите од Западен Балкан, иако кон средината на минатата деценија беа прогласени за „земји со безбедно потекло“, што ги прави речиси невозможни шансите за позитивно решавање на барањето за азил. Процентот на позитивно решени вакви барања е под еден процент.

Во моментов таму се дискутира за тоа дали на бегалците, односно на барателите на азил треба да им се исплаќа социјална помош, која кај некои семејства со повеќе деца лесно се зголемува на повеќе од 2.000 евра месечно (во готовина), или треба да им се издаваат ваучери за храна и други потреби. Ова, како што сметаат повеќе политичари, би ја намалило привлечноста на Германија за барателите на азил. Друг проблем е фактот што повторените барања за азил дополнително ги оптоваруваат службите за обработка на барања. И онака се при крај, поради зголемениот број бегалци од други земји, како Турција, Сирија и Авганистан.

* Енисе Демирова е активистка на Здружението на Роми Черења – Штип

** Викторија Димитрова е новинарка

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE