Search
Close this search box.

Момчињата исмејувани поради физичкиот изглед, а девојчињата поради начинот на однесување, покажа анкетата за меѓуврсничко насилство во Струмица

Висок процент од средношколците во Струмица знаат што е врсничко насилство и се свесни дека постои, 13 отсто биле жртви на насилство од врсници,  а дел од нив биле сведоци или жртви. Меѓутоа, оние кои биле жртви или сведоци на насилство ретко го пријавуваат кај стручните служби.  Овие наоди ги покажа онлајн анкетата на Организацијата на жени од Струмица спроведена во текот на септември и октомври 2023 година, меѓу 121 ученик во трите средни училишта во градот.

Анкетирани биле 71 девојче и 50 момчиња. Од нив, 68% одговориле дека се информирани за тоа што е врсничко насилство, а 13% се изјасниле дека самите биле жртви на некаков вид врсничко насилство. Од нив 8% се девојчиња, а 5% момчиња.

– Младите изјавуваат дека најзастапени видови се вербалното и психолошкото насилство. Навредите и исмејувањата на момчињата се насочени кон нивниот физички изглед, а на девојчињата кон нивното однесување и изглед. Анкетата покажа и дека младите немаат голема доверба во стручните служби и воспитно-образовниот кадар во училиштата и затоа ретко го пријавуваат, изјави Ленче Христова, извршен директор од Организацијата на жени од Струмица.

На прашањето во кого имаат најголема доверба за да пријават врсничко насилство само 12 од вкупно 121 испитаник одговориле дека би пријавиле кај наставниците или стручните служби. Околу две третини или 64% од анкетираните ученици одговориле дека најмногу им веруваат на родителите, а 9% се изјасниле дека немаат доверба во никого.

Анкетата е реализирана во рамки на проектот ,,Активни млади за живот без насилство“, поддржана од НВО Инфоцентар – Скопjе, со финансиска поддршка од Европската Унија. Целта на анкетното истражување е да се утврди  дали и колку младите се информирани за врсничкото насилство, дали биле жртви на некаков вид насилство, и како да се идентификуваат  нивните потреби и приоритети за спречување на насилството меѓу врсниците.

З.Ѓ.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE