Search
Close this search box.

Координативно работно тело ќе ги лоцира загадувачите на воздухот во Струмица

Општина Струмица ќе формира координативно работно тело сочинето од претставници на граѓанскиот сектор, локалната и централната власт, за да се справи со аерозагадувањето. Вака одлучи Локалниот совет за превенција, откако последниов месец Струмица покажува високи концентрации на кубен метар од ПМ 10 честички.

Ова тело, велат локалните власти, ќе има цел да подготвува краткорочни мерки против аерозагадувањето, но и да врши контроли на терен. „Ефикасноста на ова тело ќе зависи од тоа кој сѐ ќе партиципира, но и од тоа колку, членовите на телото ќе имаат желба да се реши проблемот“ – кажа Ѓорѓи Танушев, еко-активист од граѓанската организација ,,Здрава котлина“ од Струмица.

Танушев смета дека е потребен посериозен пристап за решавање на овој проблем за кој се алармира веќе со години. „Во Струмица и населените места е потребна мрежа од мерни станици за да се лоцира од каде доаѓа загадувањето. Потребно е вработување инспектори, но и набавка на опрема, дронови кои ќе ги лоцираат загадувачите. Потоа, треба да се ангажираат лаборатории кои ќе го утврдуваат загадувањето и треба да се најде начин да се се смени начинот на греење на домаќинствата“, рече Танушев.

Градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов подвлече дека во моментов не е време да се бара виновникот за ситуацијата, туку е потребен брз заеднички пристап на решавање на проблемот.

„Се надеваме дека со формирањето на работното тело, во кое ќе има претставници и од судската власт секако и од Јавното обвинителство ќе помогнеме во конечното решавање на аеро-загадувањето. Надлежностите на нашите инспектори се такви какви што се, но не треба да се откажеме туку да ставиме поголем фокус на оваа проблематика“, изјави Костадинов

Просечната дневна вредност на ПМ-10 честички во Струмица, зимава, е  над 150 микрограми, а највисоките регистрирани вредности се во ноќните часови, кога концентрациите достигнуваат и до 600 микрограми на кубен метар. Вредностите до 50 микрограми на кубен метар се сметаат за дозволена концентрација, бидејќи се смета дека кои не му штетат на човековото здравје.

Во Струмица во тек е проект финансиран од УНДП, вреден 20 милиони денари, со кој се мери воздухот во затворен простор и на отворено. Резултатите од овој мониторинг ќе бидат индикативни мерки при изработка на акциски план за справување со аерозагадувањето.

В. Т.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE