Search
Close this search box.

Германија – азилантски сон на македонските државјани

Три години по ред нема значајна промена на бројот на баратели на азил на македонски граѓани во Германија, со што Македонија е првата земја во регионот на листата на Федералната канцеларија за миграција и бегалци (БАМФ). Во текот на 2023 година се поднесени 5999 барања за азил, што е речиси половина повеќе од Србија, која има 3.526 барања. Следат граѓаните на Албанија со 2.233 апликации за азил, Босна и Херцеговина со 1.132, Косово со 700 и Црногорците со 299 барања за азил. Значителен број на барања доаѓаат од македонкси граѓани од источниот регион.

Германската миграциска статистика евидентира 6864 барања за азил поднесени од македонски граѓани во текот на 2023 година, во кои покрај новите 5999 се бројат и повторените и нерешените од претходниот период. Во 2022 година се поднесени 5602барања, додека во 2021 година 4542 апликации.

Како што веќе пишуваше ЛокалАктив во сторијата објавена во текот на декември, лани, ромската населба во Штип се празни, откако тамошните жители и по втор и трет пат се обидуваат да дојдат до Германија и да побараат азил. Во изјавите во сторијата, нашите соговорници велат дека во германски азилантски центри добиваат покрив над глава, редовна здравствена заштита, храна, облека и пари за основните потреби.

„Моравме да заминеме со целото семејство, бидејќи јас имам 60 години и сум невработен, а жена ми е болна. Кога стигнавме во Германија, во Карлсруе видов многу Македонци. Имаше луѓе од секаде. Таму беше како една база за прифаќање на азиланти. Тука ти даваат дозвола за слободно движење. Веднаш нè прегледаа лекарите, нè сликаа и потоа ни дадоа една соба и бонови за храна за три пати јадење. Храната беше добра, беше толку добра, каква што никогаш не сме јаделе дома. Да ви кажам не ни беше ич тешко, затоа што имаше многу Македонци, не се секиравме, сакавме да останеме таму засекогаш. Ама немавме среќа. Некои остануваат по три – четири години, ние само 10-11 месеци. Земавме социјална помош 500 евра како џепарлак за да можеш да си купиш нешто. Имавме доволно храна. Фрижидерот секогаш ни беше полн и постојано имаше топла вода за бањање. Многу брзо ни дојде решение за протерување, да се вратиме назад. Нè качија во автобус, ни дадоа и пари и се вративме тука“, изјави тогаш шеесет годишниот Турбаи Демиров од Штип.

Проблемите за нив настануваат кога државите ги враќаат назад и треба повторно да се интегрираат во системот, за што е потребна помош и од институциите и од заедницата.

Федералната канцеларија за миграција и бегалци на Германија објави дека во 2023 година примила 329.120 барања за азил поднесени за првпат, што е за 51% повеќе од 2022 година. Најчести баратели на азил се Сиријците, со 104.561 барање, следат државјаните на Турција (62.624) и Авганистанците (53.582). 

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE