Search
Close this search box.

50 штипски ученици оваа година, второто полугодие го продолжуваат во странство  

Продолжува трендот на иселување во штипскиот регион. Второто полугодие во учебната 2023-2024 година во штипските основни и средни училишта нема да го започнат 50 ученици. Раководителката на Секторот за образование Снежана Санева на првиот ден од второ полугодие информираше дека родителите побарале исписници за своите деца за образованието да го продолжат во училишните клупи во странство. Најчесто заминуваат во Германија.

Според податоците на училиштата, второто полугодие во средните училишта ќе има помалку 26 ученици, а во основните училишта оваа бројка е 24.

„Значи на ниво на Општина тоа се вкупно 50 ученици, кои веќе нема да посетуваат настава. Инаку да кажеме од Општинското основно училиште „Гоце Делчев“ имаме пријавено отсуство на 25 ученици, меѓутоа таму родителите сѐ уште не образложиле зошто децата не посетуваат настава. Да се надеваме дека ова второ полугодие тие ќе продолжат со наставата, ќе се вратат во училишните клупи и редовно ќе ја завршат учебната година“, вели Санева.

За овие 25 ученици во основното училиште „Гоце Делчев“ родителите не побарале исписници за трајно испишување. Санева вели дека 20-30 отсто од учениците не се испишуваат трајно, туку повторно се враќаат на училиште, зашто родителите одат во странство и таму остануваат неколку месеци, па се враќаат.

ЛокалАктив пред еден месец во сторијата „Азилот остава печат за цел живот, особено за децата“ објави дека се празни ромското маало во Штип, а по депортацијата во земјава најтешко им е на децата да го продолжат своето образование. Најчесто, депортацијата на семејствата од Германија се случува преку ноќ, па нема можност да се земат свидетелства или доказ за тоа до каде стигнале децата на училиште. Ова е особено голем проблем за децата кои поминале месеци и години во Германија.

Општина Штип во учебната 2022-2023 година евидентирала 11 ученици повратници од западноевропските земји. Раководителката на Секторот за образование, Снежана Санева во декември 2023 година за ЛокалАктив  изјави дека најмногу ученици-повратници имаат во ООУ „Димитар Влахов“ – девет ученици повратници, од кои седум се од ромска националност, запишани во прво, трето и петто одделение.

В.Д.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE