Search
Close this search box.

Се враќа праксата на „платата во плик“ – реакција на Синдикатите и „Гласен Текстилец“

Новиот предлог Закон за работно ангажирање на лица за вршење работи од привремена и повремена природа за одредени дејности, што го подготвува Министерството за труд и социјална политика, предизвика лавина реакциии од синдикатите во земјава, а со реакција  се јави и Невладината „Гласен Текстилец“. Стравуваат дека со овој предлог Закон во одредени дејности ќе се врати и праксата на исплаќање плата во плик, што значи враќање на работничките права за десет години наназад. Со предлогот се предвидува исплатата на времено ангажираните работници во четири дејности, да може да се врши на рака. Со законот се регулира ангажирањето работници во земјоделските дејности, градежен сектор, услужни дејности поврзани со подготовка на храна и сместувачки капацитети. 

Кристина Ампева од „Гласен Текстилец“ смета дека платата во плик ќе значи целосна анархија. Но, од ова законско решение, доколку биде прифатено, штета ќе трпи не само приватниот, туку  и јавниот сектор. Меѓу предлозите што особено загрижуваат е и тоа што работодавачот за прекин на работното ангажирање може да го информира работникот само 12 часа пред прекинот.

„Ова не е проблем само на приватниот сектор, ова ќе биде поголем проблем. Ако кажеме добро, еве, сите сакаме да земаме пари во плик, да ги плаќаме најниските даночни стапки во однос на придонесите од здравствено и пензиско осигурување, тогаш што ќе се одлева во фондовите, што ќе се одлева во народниот буџет, но и од каде ќе се плаќаат функционерите, министрите, па и нивната гломазна администрација. 

Кристина Ампева - Гласен Текстилец

Да не се враќаме во некоја анархија, којашто одамна ја надминавме. Сметам дека овој предлог-Закон треба веднаш да биде повлечен од страна на Министерството за труд и социјала“, реагира Ампева.

На најавените измени Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) доставил пет забелешки до Владата. ССМ најмногу се противи на исплатата на рака и предлага да остане задолжителното исплаќање на трансакциска сметка. Проблематичен е и предлогот за тоа дека паричниот надоместок може, но и не мора да се исплати на крајот на работниот ден или најдоцна пет дена по истекот на работниот ангажман.

Предлог-законот не е јавно достапен. Делови од законското решение објави веб порталот „Денар“, од каде се гледа дека целта на предлагачот – Министерството за труд и социјална политика, е да го уреди работното ангажирање на лица кои вршат работи од привремена и повремена природа во одредени дејности.

– Работно ангажирано лице, согласно овој закон, може да биде леце кое не е во работен однос, вработено лице, самовработено лице, лица помлади од 18 години кои согласно Законот за работни односи ги исполнуваат условите за засновање на работен однос, студент, корисник на семејна и старосна пензија, странец кој има регулиран престој. Со овој закон се забранува работно ангажирање на лица помали од 15 години“, стои во Предлог Законот, објави „Денар“.

Со предлогот се предвидува работникот да добива паричен надоместок за извршени работни задачи за секој час, а тој не смее да биде понизок од минималниот нето износ. Работодавачот е должен и да уплати данок на личен доход, продонес за пензиско и инвалидско осигурување и дополнителен придонес за здравствено осигурување.

– Паричниот надоместок може да се исплати на работно ангажирано лице на крајот на работниот ден или најдоцна во рок од пет дена по истекот на работниот ангажман. Паричниот надоместок може да се исплати на трансакциска сметка на работно ангажираното лице или во готово со потврда издадена од страна на работодавачот, а потпишана од двете страни“, се наведува во предлогот.

Законот предвидува и мерки за спречување злоупотреба на работниците кои ќе бидат ангажирани. Имено, работодавачот може да ангажира лица најмногу 180 дена во текот на една година. Можат да бидат на овој начин ангажирани најмногу 10 лица или 10 отсто од вкупниот број вработени во компанија. Натаму, работодавачот не смее да ангажира повторно исто лице кое било во работен однос кај него три месеци претходно.

ЛокалАктив пред десеттина дена во истражувачката сторија  „Малолетничкиот труд во Источна Македонија – многу работнички обврски, малку работнички права“ ги пренесе приказните на малолетните работници, но и на работодавачите за проблемите со повременото ангажирање на младата работна сила токму во услужната дејност. Иако нема конкретни бројки кои официјално ги собрало Министерството за труд и социјална политика или друга надлежна институција, „јавна тајна“ е дека низ целата земја голем број од лицата ангажирани во угостителскиот сектор се малолетници, кои не се ниту уредно пријавени, ниту пак се осигурени. Овие нови законски измени можат дополнително да го продлабочат проблемот со злоупотребата на малолетничкиот труд во угостителската, но и во другите дејности каде привремено се агажираат малолетни лица.

 В. Д.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE