Search
Close this search box.

Во Штип – продолжен е рокот за изградба на типските куќи за семејствата од Старо Нервно

На крајот на јануари ова година, во Штип требаше да заврши проектот финансиран од Европската унија за поставување на 40 типски куќи за бездомните семејства кои добија привремено сместување во објектот на Старата нервна болница во градот.

Дел од овие семејства сѐ уште се наоѓаат во „Старо нервно“ како што го нарекуваат штипските граѓани, додека на терен не се случува ништо што укажува на тоа дека семејствата брзо ќе бидат вдомени.

Во декември минатата година, Општината Штип со донаторот потпишала анекс на договорот, со кој рокот за завршување е продолжен за осум месеци. Тоа значи дека до крајот на август, оваа година, типските куќи треба да бидат поставени и подготвени за вселување.

Градоначалникот Иван Јорданов објасни дека проектот сега е во рацете на Генералниот секретаријат на Владата од каде се чека согласност за отстапување на државното земјиште за поставување на куќите. Од пред еден месец Општината Штип доставила барање заедно со проект, кој чека на реализација. 

„Веднаш штом добиеме согласност, очекуваме дека ќе распишеме тендер за избор на економски оператор кој ќе ги изработи и достави тие типски куќи и дел од овие жители ќе бидат дислоцирани. Тендерот ќе може да се распише, не е врзан со изборите, бидејќи се работи за европски пари“, изјави градоначалникот Јорданов.

Во натамошниот тек на реализација на овој проект, Јорданов најави дека ќе бара помош од државата, бидејќи според негови сознанија, не сите привремено сместени семејства се од Штип, туку има и дојдени од други градови. Центарот за социјални работи и Министерството за внатрешни работи ќе треба да се зафатат со овој проблем, бидејќи како што рече Јорданов, „има незаконски сместени жители, кои не се штипски семејства“. 

Локал Актив веќе пишуваше за проблемот и супстандардните услови за живот на овие семјества кои со години живеат „привремен живот“ во напуштените болнички објекти на Старото нервно. Исто толку време се бараше решение за нивна дислокација.

Решението се најде во проектот за поставување на типска населба во населбата „Света Недела“, за што Европската унија, како што рече Јорданов, одобри 600.000 евра. Меѓутоа, со месеци се чекаше на административни процедури, според тогашното објаснување на Општината. 

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE