Search
Close this search box.

Кратењето на парите од  Програмата за превенција од ХИВ, маларија и туберкулоза  ќе предизвика зголемување на бројот на ХИВ-позитивни

Автори: Денис Ампев* и Викторија Димитрова**

Помина точно една година откако се затвори канцеларијата – стационар на граѓанската организација Младински клуб од Штип, каде корисниците на наркотични средства секојдневно доаѓаа по стерилна опрема – комплети шприцеви, игли, кондоми, лубриканти. Активистите кои работат со корисниците сега работат на повик,  откако заврши преполовениот буџет од Програмата за превенција од ХИВ, маларија и туберкулоза. Се оствари тоа што ЛокалАктив го најави со сторијата објавена лани во јули – дека скратениот буџет еден по еден ќе ги затвори центрите за помош на ЛИД популацијата (лицата кои инјектираат дроги, сексуални работници и други лица со ризично однесување).

Граѓанските организации кои работат со корисниците информираа дека во изминативе три години неколку пати беа кратени средствата за Програмата: првото кратење од 40 % се случи во 2021 година, а лани буџетот се скрати за уште 15 %. По јавниот повик за избор на здруженија и за доделување средства на здруженијата што ќе спроведуваат активности утврдени во Програмата за заштита на населението од ХИВ инфекција за 2024 година, јасно е дека и годинава ќе се работи со уште пократок буџет. 

Со овие пари граѓанските организации не можат да обезбедат дополнителен медицински и едукативен материјал за корисниците, поради што честопати се принудени да бараат помош од други организации.

Кај долгогодишните корисници на Програмата се гледа разочараноста. При разговорите го споделуваат впечатокот дека не припаѓаат никаде и се третирани како отпадници од системот. Велат: „Сите се откажаа од нас. Подобро во затвор, отколку вака да живееме“.

Активистите додаваат дека со кратењето на буџетот се зафаќа од најранливите граѓани, бидејќи припадниците на ЛИД популацијата се главно социјални случаи, без работа и приходи, отфрлени од семејствата и општеството.

Фотографија од приватна архива
Духови на општеството

Една година по затворањето на канцеларијата во Штип, Рики М. (вистинското име е познато на редакцијата), сé уште доаѓа пред некогашните простории на Младинскиот клуб, секогаш во надеж дека ќе наиде на отворена врата. Со изнемоштен поглед ја раскажува својата животна приказна, но и дава одговор зошто не смее да згасне Програмата за превенција од ХИВ, маларија и туберкулоза.

„За нас е многу важно да добиваме чиста и нова опрема. Оти, сега, откако не постои канцеларијата, сите употребуваат стара опрема, ја мијат и не се знае која чија е. Тоа не е на арно, оти ако вака продолжи ќе има дупло повеќе заразени со Хепатит Ц и СИДА. Најголема опасност е Хепатитот, но да, и СИДА-та. Ако се прекине оваа Програма, тоа ќе биде катастрофа. Токму утринава неколкумина ми рекоа – ако ги видеш луѓето да ни земеш опрема. Ме молат да се јавам.“, вели Рики М.

Рики е зависник скоро 30 години. На дрога се навлекол од својата 18 година. Неколкупати се обидувал да излезе од групата на зависници, но пак се враќал на стариот и лош пат. Откако канцеларијата е затворена вели дека тој и другите корисници почнале да бараат и да купуваат опрема од аптеките. Но, не секогаш можат да купат.

„Тие што имаат опрема некојпат одбиваат да ни дадат. Веќе почнав да одам и по другите градови. Одам од аптека во аптека и колку можам да земам – земам – еден, два, три, пет шприцеви. Сега ни се случува ако немаме еден шприц да го користеме петпати, па и дваесет пати. Го миеш и си викаш мој е, нема да има проблем. Мој е, ама што ако е, кога е валкан и не е стерилен. Тоа не е во ред. Програмата беше прекрасна работа.“ рече Рики М.

Фотографија од приватна архива

Отфрлен од другарите, заедницата, тој живее со својата мајка. Преживува од социјална помош, а каде и да тропнал на врата и побарал работа е одбиен, бидејќи како што вели е обележан.

„Кога ќе отидам да барам работа, веднаш кога ќе ми речат: „Остави го телефонскиот број“, знам дека никогаш нема да ми се јават за работа“, додава Рики М.

Тој веќе три децении води битка со зависноста, но и со заедницата. Смета дека државата и политичарите не сакаат да го решат нивниот проблем.

„Слух нема никој, како да ви кажам, ние сме духови. Никој не сака да нè сослуша, никој не сака да разговара, дури и последен пат кога бев да ми земат крв, пенкалото со кое се потпишав ми рекоа да си го земам.

Лаборантот не сакаше ни да го допре пенкалото откако се потпишав. Јас ѝ велам: „Абе што се плашете, еве до сега сите тестови ми се негативни“. Тие ме праќаат во МАНУ да се тестирам, оти кај нас не биле сто посто сигурни тестовите, резултатите. Ако не се лажам, тоа тестирање во МАНУ чини 4.000 денари“, вели Рики М.

Намалувањето на средствата ги погодува најмногу најранливите категории граѓани

Штипската канцеларија беше еден од 17-те центри како дел од Платформата против ХИВ, која работи со ЛИД популацијата и на превенција против заразните болести, како што се хепитит Б, Ц и СИДА. Здруженијата кои се дел од оваа Платформа се децидни дека кратењето на средствата за превенција од оваа Програма директно ги загрозува здравјето и добросостојбата на граѓаните, а особено на ранливите категории граѓани кои се во најтешка ситуација.

„Услугите за превенција и заштита од ХИВ меѓу ранливите групи, со кои изминатите 15 години работат токму граѓанските организации, се дел од услужна програма, што значи дека услугите се достапни за корисниците секој ден во текот на годината. Притоа, тука спаѓаат услугите поврзани не само со ХИВ, туку и со други сексуално и крвно преносливи инфекции, како и грижата за сексуалното и репродуктивното здравје. Нестабилното и недоволното финансирање во пракса значи намалување на човечките ресурси, редуцирање на бројот на услуги, па дури и затворање на центрите што сериозно ги става во ризик физичкото и менталното здравје на граѓаните“, велат од Платформата за ХИВ.

Околу 50 отсто од ЛИД популацијата има ХЦВ вирус на Хепатит Ц. Обучените граѓански активисти, кои работат во центрите нагласуваат дека интравенозното користење на дроги не е опасно само за корисниците. Ако на терен нема ваков механизам за размена на ињектирање, поделба на кондоми и медицински третмани, тие буквално стануваат опасност по општеството и се потенцијална опасност од зараза од крвно-сексуално преносливи инфекции (КСПИ).

„Од друга страна, во случајов станува збор за многу ранливи и маргинализирани луѓе, кои единствениот линк со општеството го имаат преку овие организации. А, за жал, очекуваме во следниот период ова негативно да се одрази и на зголемувањето на бројот на ХИВ-позитивни“, порачуваат од Платформата против ХИВ.

Анализите на граѓанските организации од Програмата за превенција од ХИВ, маларија и туберкулоза говорат дека интравенозните корисници на дроги (ИКД) кои ги користат програмите за намалување на штети и програмите за заштита на населението од ХИВ се најчесто граѓани кои се социјални случаи. Една третина од тие корисници ги користат услугите од самиот почеток од 2005 година.

IMG-819b31b9af9d2628d087976160d3d42f-V
Фотографија од приватна архива

Покрај центарот во Штип, поради кратењето на буџетот, се затвори и Центарот за корисници на дроги во Шуто Оризари, по повеќе од 15 години постоење. Исто така, се намали и бројот на смените во гинеколошката амбуланта, која нудеше услуги и во руралните места, а престанаа да работат и мобилните клиники за ХИВ-тестирање.

Стевановиќ: Треба да го зголемиме бројот на тестирања за ХИВ

Од Програмата за ХИВ имаат информација дека Министерството за здравство за тековната 2024 година од државниот буџет побарало 125 милиони денари за Програмата за ХИВ. Меѓутоа, на нашето прашање до Министерството како овие средства ќе бидат распоредени, не добивме одговор и по еден месец чекање.  Од таму одговорија на селектирани прашања, кои всушност се копија на одговорите на претседателката на Комисијата за превенција на ХИВ, Милена Стевановиќ.

Докторката Стевановиќ  објасни како се спроведува превентивната програма, вклучително и соработката со Платформата за борба против ХИВ. Но, повторно изостанаа информациите за планираните средства за центрите.

Стевановиќ оценува дека Македонија сé уште е земја со ниска преваленца на ХИВ инфекција. Тоа го објаснува и низ бројки.

Фотографија од приватна архива

„Од 2019 година, кога имало 66 новооткриени пациенти, до оваа година има вкупно 48, што значи не може да се каже дека има зголемување на бројот на ХИВ инфекција во нашата држава. Врз основа само на вкупна бројка не може да се даде заклучок за движење на епидемијата со ХИВ во државата. РСМ е земја која е со ниска преваленца на ХИВ инфекција, за одржувањето на овие ниски стапки се заслужни сите вклучени професионалци од здравствените институции, како и активистите од граѓанскиот сектор и нивната посветена работа, а поддржани од Министерството за здравство. За намалување на бројот на нови ХИВ инфекции неопходно е нивно навремено откривање и лекување, а за тоа се, секако, неопходни повеќе средства и многу поголем ангажман на сите учесници во програмата, но и на сите бели мантили“, вели Стевановиќ.

Половина од новите случаи на ХИВ се дијагностицираат доцна

И од Платформата за ХИВ се согласни дека благодарение на воспоставените програми за ХИВ-превенција досега се постигнати значајни резултати на ова поле, односно имаме одржано ниско ниво на ХИВ-епидемија во земјата и релативна добра контрола.

„Успешно ја имаме спречено епидемијата на ХИВ кај лицата кои инјектираат дрога (намалување на проценетата преваленца за 3,5 пати) и кај сексуалните работнички. Со овие програми трикратно е намалена стапката на споделување на нестерилни игли за инјектирање и ограничување на сексуалниот пренос на ХИВ. Затоа е важно сите овие програми да се одржат за да немаме ризик од ХИВ во иднина кај популациите каде што веќе имаме воспоставено контрола“, додаваат од Платформата за ХИВ.

Но, од друга страна, според нивните анализи дури 51% од новопријавените случаи на ХИВ во годината се дијагностицираат доцна. Стапката на ХИВ кај популацијата на мажи што имаат секс со мажи изнесува 5,4%, според проценките од 2017 година. Сметаат дека кај оваа група треба да се зголеми инвестирањето во услуги за превенција и тестирање за ХИВ, доколку сакаме да го зголемиме бројот на луѓето со ХИВ кои се свесни за својот позитивен статус.

Стевановиќ, пак, има став дека не постои земја која има доволно средства за спроведување на превентивните програми, па дури ни меѓу најбогатите .

„Средства се предвидени, секако. Висината на средствата не е прецизирана, се работи на максимизирање на истата, се разбира, во рамки на можностите и потребите на програмата“, потенцира Стевановиќ.

Платформата од 17 организации за борба против ХИВ пресмета дека Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби за 2024 година има потреба од најмалку 78 милиони денари за антиретровирусни лекови и тестови за следење, имајќи го предвид годишното зголемување на бројот на пациенти што се лекуваат со хронична терапија.

Тоа значи дека за превенција остануваат 12 милиони денари. Колку за илустрација, во 2018 година за превенција беа обезбедени 47 милиони денари и ова ниво во континуитет опаѓа последните три години. Ако државата навистина се грижи за здравјето на сите свои граѓани, тогаш мора да ја зајакнува превенцијата. Не за џабе и народот вели дека подобро е да се спречи отколку да се лечи, порачаа од Платформата за ХИВ.

Комисијата за превенција на ХИВ има за задача да ја следи состојбата со ХИВ инфекции во државата, како со превентивни така и со куративни мерки. Стратешки ги планира и предлага до министерот мерките за кои смета дека треба да се спроведат во прилог на превенција на инфекцијата. Мерките се предлагаат во согласност со медицината базирана на докази и со препораките на Светската здравствена организација, како и според карактеристиките што ги има епидемијата на ХИВ инфекција во РСМ.

Настојува ли државата да стави крај на ХИВ?

Светската здравствена организација (СЗО) објави заложби за ставање на крај на ХИВ епидемијата. Глобалната цел до 2025 година е процентот на лица дијагностицирани со ХИВ да се сведе на помалку од 5 проценти, што треба да доведе до остар пад во преносот на инфекцијата и што треба да овозможи да се стави конечен крај на епидемијата до 2030 година. Каде е  Македонија во овие напори? Стевановиќ со дециден одговор дека се следат новите препораки и трендови, вклучително и зголемен број на тестирања за ХИВ. Во тоа сметаат и на граѓанскиот сектор и на обезбедени други извори на финасирање.

– Според направените истражувања за континуумот на нега, ние треба да го зголемиме бројот на тестирања за ХИВ. Тестирањето е предвидено во програмата и е наменето како за граѓанскиот сектор, наш сериозен партнер без кој програмата никогаш соодветно не би се спровела, така и за здравствените институции. Граѓанскиот сектор, во склоп на своите програми и активности секогаш ја дополнува програмата со активности, но и со финансии од други извори. Токму поради тоа оваа симбиоза на активности има успех, секогаш поддржана од Комисијата за превенција на ХИВ. Мора да се истакне дека секоја здравствена установа мора професионално да го предлага и реализира тестирањето на ХИВ за своите пациенти, со цел навремено откривање на ХИВ инфекција, независно од тоа дали е корисник на програмата или не, вели Стевановиќ, која додава и дека превентивните програми, како и програмата за ХИВ инфекција, беа за жал, скратени изминатата година што предизвика повеќе проблеми во реализацијата на активностите.

Фотографија од приватна архива

Граѓанските организации кои се дел од Платформата за ХИВ се децидни дека државата треба да инвестира паралелно во превенција и во терапија.  На тој начин ќе може брзо да се  дијагностицират поголем број луѓе коишто имаат ХИВ, а не се свесни за тоа.

„Тоа би значело дека наместо сегашните 45 нови дијагнози за ХИВ, би требало во просек да дијагностицираме околу 60 или 70 лица годишно. Зголемениот број нови случаи ќе бара поголеми инвестиции во терапијата, но тие би биле на краток рок затоа што на среден рок – односно, до 2030 година – ќе немаме нови инфекции, а со тоа и трошоците за лекување ќе престанат да растат“, порачаа од Платформа за ХИВ.

Министерството за здравство на 12 јануари 2024 година го објави јавниот повик за избор на здруженија и за доделување средства на здруженија што ќе спроведуваат активности утврдени во Програмата за заштита на населението од ХИВ инфекција за 2024 година. Вкупниот буџет за годинава, поточно за 11 месеци, изнесува 17.914.000 денари.  Лани, за девет месеци работа на граѓанските активисти на терен  буџетот изнесувал 16.969.000 денари. Ако се смета поделено по месеци, граѓанските активисти реагираат дека и годинава парите за превенција се скратени.

– Иако средствата за Програмите се зголемени во споредба со 2023 година, во целина тие се намалени, бидејќи во 2023 година аплициравме за девет месеци, а оваа (2024)  година за 11 месеци. Кога ќе ги поделат средствата на 15 организации, значи дополнително се намалени во однос на претходните години. Ова не е само за ЛИД програмите, туку важи и за другите програми и области во овој оглас, велат граѓанските активисти од Платформата.

Да потсетиме, Програмата за превенција на ХИВ д сега успеа да ја одржи Македонија на листата со ниска стапка на ХИВ/СИДА во светот. Кај нас, Глобалниот Фонд за борба против ХИВ, маларија и туберкулоза на Светската здравствена организација целосно ја финансираше програмата од 2004 до 2018 година. За овие 14 години, Глобалниот Фонд за Македонија издвои 33 милиони долари.

Во 2018 година обврските ги презеде државата. Преземањето на програмата предвидуваше одвојување на 1,5 милиони долари годишно.

Граѓанските организации не се сомневаат дека со овие средства и годинава ќе останат затворени канцелариите и стационарите, а услугите на корисниците ќе ги даваат на терен и на повик.

*Денис Ампев e активист на Здружението Гласен текстилец.

**Викторија Димитрова е новинарка.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE