Search
Close this search box.

Поделени 2.200 бесплатни училишни униформи за штипските основци

Учениците од прво до петто оделение во петте штипски основни училишта добија бесплатни училишни униформи, обезбедени од буџетот на Општината Штип. Иницијативата доаѓа од граѓаните и родителите, а општината за реализација на овој проект издвои над 4,5 милиони денари.

Од општината објаснија дека оваа иницијатива е со цел да се намали социјалната диференцијација меѓу учениците. „Станува збор за комплет на униформи од маичка и дуксер, кои ќе се користат во три сезони, за да се намалат разликите помеѓу учениците, да се чувствуваат еднакво, со еднаков третман и чувство на припадност. После подолг период, еве од оваа година се започнува со имплементација на овој проект“, изјави градоначалникот Иван Јорданов.

Бесплатните училишни униформи се комплети, односно содржат маица со кратки ракави и дуксер, којшто е соодветен да се носи во текот на три годишни времиња. Дизајнот за нив е направен од професор на Технолошко-техничкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“- Штип.

Извор: Општина Штип

Како што објасни секретарот на Општина Штип, Вишна Шорова-Ангелова, униформите се изработени од високо квалитетни бои и материјали.

„Целта на овој проект е да се намали сегрегацијата меѓу учениците во образованието и се разбира, да се обезбеди еднаков пристап за сите ученици во образовниот процес“, рече Шорова-Ангелова.

Засега, со проектот се опфатени само учениците од прво до петто одделение. Во наредниот период ќе направат пресметки и за учениците од повисоките одделенија во основните училишта да добијат вакви бесплатни училишни униформи.

Извор: Општина Штип

Во текот на изминатите години секое училиште, на иницијатива на Советот на родители, обезбедуваше униформи за учениците, но родителите самите си ги плаќаа. Ова е првпат во Штип учениците да добијат бесплатни училишни униформи.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE