Search
Close this search box.

Струмичките средношколци се обучуваат да ги препознаат загадувачите

Младите од Струмица учат како да ги препознаат загадувачите на воздухот, но и да изработат интерактивна карта, преку која многу полесно ќе се детектираат тие што загадуваат. Преку специјализирани обуки што ги организира еколошкото друштво Планетум средношколците од трите средни училишта се едуцираат за штетните влијанија од загадениот амбиентален воздух и како да превенираат.

Мите Ристов од географското здружение Геосфера од Битола, кое ги спроведува обуките, вели дека проблемот со аерозагадувањето мора да се подигне на повисоко ниво, а надлежните институции да најдат начин како да ги субвенционираат домаќинствата кои се греат на дрва.

Фотографија: Еколошко друштво „Планетум“

„Сите знаеме од каде потекнува аерозагадувањето и тука треба малку на повисоко ниво да се преземат мерки. Потребни се мерки од страна на државата и мерки од страна на општината, поврзани пред сé со субвенционирање на домаќинствата за да се префрлат на друг вид на греење на домовите, од дрво на некој друг енергенс. Исто така, имаме проблем и со големата концентрација на влага во дрвата, а според научните истражувања поголемата влага во дрвата дава четири до пет пати повеќе ПМ честички во воздухот. Затоа, мора да се најде начин шумските претпријатија да дистрибуираат суво дрво, а не дрва со голема количина на влага која продуцира дополнително загадување на воздухот“, вели Ристов.

Од еколошкото друштво Планетум сметаат дека вклучувањето на младите е многу важно бидејќи во иднина тие ќе треба да ги едуцираат нивните врсници како да ги детектираат, но и да ги решаваат проблемите од овој вид. Во рамки на проектот ќе се набават и осум мобилни мерачи кои во реално време ќе го покажуваат нивото на загаденост во градот.

„Во преговори сме за набавка на дрон којшто може директно да ја мери загаденоста на воздухот. Ќе се изработи и интерактивна мапа која во иднина ќе му овозможи на секој граѓанин, преку неговиот паметен телефон, да фотографира и да пријавува загаденост кај нас или директно кај надлежните служби, со помош на апликација која ќе биде изработена преку проектот. Со тоа сакаме да придонесеме да профункционира систем со кој загадувачот плаќа или ќе биде санкциониран“, вели Александар Лазаров од ЕД Планетум – Струмица.

Струмица останува високо на врвот на загадени градови во државата.

З.Ѓ.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE