Search
Close this search box.

Проблемот со изостанувањето на децата повратници од странство во образовниот процес е многу поголем

Поразителни се првичните сознанија со почетокот на процесот на застапување на Здружението за правата на Ромите – Черења, од Штип за проблемот со отсуството на децата од образовниот процес. Овие деца се враќаат од европските земји, каде родителите побарале, а не добиле азил. Реинтеграцијата оди тешко, а институциите тешко се справуваат со недостатокот на документација и други административни проблеми, поради кои, овие деца не можат да влезат во образовниот процес.

Да потсетиме, Локал Актив објави сторија во која како еден од најголемите проблеми, беше истакната реинтеграцијата на децата во образовниот процес. По објавувањето на сторијата, започна процес на застапување за решавање на овој проблем, за што до сега се одржани повеќе средби и разговори. На состанокот со раководството и педагошката служба на ООУ „Гоце Делчев“, каде учат најголем дел од ромските деца, беше кажано дека внесувањето на децата на повратниците во образовниот процес се покажа далеку потежок и многу сложен процес во пракса од тоа што првично изгледаше.

„Родителите на децата не поседуваат никакви документи со кои децата би се внеле во образовниот процес. Дури оценката на институциите е дека постои незаинтересираност од нивна страна да ги внесат во системот. Од училиштето беа дадени примери за тоа дека, досега, само еден родител донел доказ за посета на настава во Германија, но со само три предмети што ги учело детето и врз основа на овој документ, родителот инсистирал детето да се запише во осмо одделение. Во друг случај, била донесена копија од документ, за кој училиштето не може да утврди дали одговара на оригиналот. Нивниот впечаток е дека овој проблем се трупа со години, и станува речиси невозможен да се реши.“, вели Енисе Демирова од „Черења“, која од името на Локал Актив го почна процесот на застапување.

На терен работи и образовен медијатор, кој е ангажиран од Министерството за образование и наука (МОН) и неговата улога е да посредува меѓу институциите и заедницата. Меѓутоа, за решение, потребна е поголема посветеност и од страна на родителите, забележуваат од училиштето.

Застапувањето не застанува тука. Во текот на наредните две-три недели закажани се состаноци со државниот секретар во МОН, како и претставници на Секторот за образование од општината Штип и Просветниот инспекторат, кој има значајна улога во вклучувањето на децата во образовниот процес.

В.К.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE