Search
Close this search box.

Македонските граѓани сé уште чекаат помош од државата за да дојдат до пензиите од Италија

Речиси еден месец на серија средби со политичари, пратеници, претставници на институциите како дел од процесот на застапување што го покрена ЗГ Жена од Делчево со помош на Локал Актив, работите бавно се придвижуваат. Неколку десетици македонски граѓани, кои поминале дел од работниот век во Италија, чекаат ургенција од нашите институции до италијанскиот Парламент, кој сé уште го нема ратификувано билатералниот договор со Македонија за социјално осигурување со кој се регулирани правата на работниците кои дел од стажот го поминале во другата држава. Овој договор нашата држава го потпишала и е ратификуван во 2014 година, но италијанскиот Парламент сé уште го нема ратификувано. Поради тоа, како што веќе пишуваше Локал Актив,  македонските граѓани тешко го остваруваат правото на пензија за времето што го поминале на печалба во Италија.

Здружението на граѓани Жена и Зоран Биковски започнаа процес на застапување, а во исто време работат на обезбедување бесплатна правна помош за овие граѓани.

Биковски веќе одржал неколку средби со пратеници и претставници на политички партии од власта и опозицијата.

– Во предизборие сме, кога политичките партии се интересираат за граѓанските проблеми, меѓутоа, сите изјавуваат дека ова е комплексен проблем и бара време за решавање. Ние бараме и со писмо до Министерството за надворешни работи да се обрати до италијанската власт и да побара ратификување на билатералниот договор со Македонија. Од друга страна, надежите се свртени кон институцијата Народен правобранител, од каде најавија индивидуално решавање на секој од граѓаните што има ваков проблем. За почеток, како предмет во процес на решавање е земен случајот на Фетах Јашаров од Делчево, кој побара помош и решение од Државната комисија за спречување на дискриминација, изјави Биковски.

Од канцеларијата на Народниот правобранител најавиле дека ќе комуницираат со МНР и конкретно за предметот на Јашаров. Во меѓувреме, од канцеларијата на Обудсманот за случајот на Фетах Јашаров е покрената постапка против Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија.

Процесот на застапување е во тек, а очекувањата се дека барем нешто ќе се придвижи во овој апсурден случај од кој зависи егзистенцијата на неколку десетици семејства.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE