Search
Close this search box.

Државата ги хендикепира лицата со телесна попреченост од Источниот и Југоисточниот регион

Автори: Василчо Илијев* и Тони Ајтовски**

Методи Митев од Кочани е 44-годишен параплегичар, со парализа на двете нозе. Неговите сограѓани го знаат по динамичниот пристап кон животот, чие секојдневие е исполнето со многу контакти со луѓето, постојано движење и обврски. Сите тие активности ги врши со помош на електромоторна инвалидска количка – скутер, што за него е единствениот начин да биде мобилен, целосно независен и продуктивен. Тој бил принуден ова помагало да го купи со лични средства, бидејќи не влегува во возрасната група која може да добие помош од Фондот за здравствено осигурување (ФЗОРСМ).

– Јас сум со параплегија G82, парализа на долните екстремитети, и мојот здравствен проблем е таков што без ортопедското помагало скутер, што го имам купено приватно, не можам да функционирам. За жал, кај нас државата нема слух за лица како мене. Првото помагало, електричен скутер на батерии, го купив со финансиска помош од еден наш сограѓанин, иако сакав да го добијам преку Фондот, објаснува Митев.

И покрај тоа што е параплегичар Методи може да работи и да заработува како доставувач или некои други работи. Фондот за здравствено осигурување ја има на листата на помагала електромоторната инвалидска количка – скутер, што може да се плати со средства од државата. Меѓутоа, законски скутерите не можат да бидат доделени на луѓето како Методи Митев. Поради една апсурдна законска одредба, лицата со попреченост како Методи, кои се во години кога можат да работат и да заработуваат, на возраст од 26 – 65 години, не можат да добијат средства од Фондот за да купат електричен скутер за движење.

Митев вели дека треба да исполнува посебни законски услови –  да е во работен однос, да студира или да е пензионер за да му биде одобрен скутерот од ФЗОМ. Ограничувањата ги определува Правилникот за индикациите за остварување на право на ортопедски и други помагала, поради што, како што вели, лицата со попреченост се чувствуваат дискриминирано. Отсуството на социјална интеракција, за овие луѓе, кои се принудени да останат меѓу четири ѕида, остава погубни последици и врз нивното физичко и ментално здравје. Тоа, пак, здравствениот систем го чини неспоредливо повеќе.

Трнлив пат до електрично возило

Методи Митев, сепак, не се откажал од желбата да ја одржи мобилноста и самиот набавил електричен скутер. Но, со скутерот се појавиле нови трошоци.

Методи Митев со електричен скутер, купен од сопствени средства

– Откако го купив имав нови трошоци, односно имаше дефекти, откажаа батериите, па неколку пати транспорт до Скопје, бидејќи во Источниот регион нема сервисер и сето тоа беше прилично скапо. Девет години сум со мојот здравствен проблем и во меѓувреме, со поддршка од семејството, купив и трета количка-скутер од Бугарија што ме чинеше 2.300 евра. Пред четири години батериите за неа ги платив 47.500 денари, но наскоро ќе треба повторно да ги менувам. Сервисерот ми рече да ја однесам на контрола и дека новите батерии сега можат да чинат и 60.000 денари. Сето тоа е на наша сметка, затоа што, практично, ние од државата не добиваме ниту една резервна гума, вели Митев.

Скутерот се движи на електрична енергија и со едно полнење може да помине од 40-45 километри. Возилото има специјално прилагодено седиште за полесен влез и излез, се движи со брзина од 10-15 километри на час. Во моментот, минималната пазарна цена за набавка на електромоторен скутер, доколку се набави со сопствени средства на нашиот пазар, е 111.190 денари, а моделите кои би овозможиле движење и по терени со поголем наклон (пострмни косини) чинат и над 270.000 денари.

Бројните прегледи и медицинската документација потребна за добивање скутер дополнително исцрпуваат

Во Правилникот за индикациите за остварување на правото на ортопедски и други помагала е наведена долгата постапка која лицата со траен инвалидитет мораат да ја поминат за да добијат скутер. Најпрво, специјалистот кој е одговорен за следење и третман на состојбата на  пациентот го упатува лицето на конзилијарен преглед. Конзилијарното мислење треба да биде издадено од Универзитетската клиника за неврологија, Универзитетската клиника за ревматологија, Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија, Универзитетската клиника за детски болести, Универзитетската клиника за детска хирургија, Универзитетската клиника за тораковаскуларна хирургија и Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедија, анестезија и реанимација, интензивно лекување и ургентен центар. Покрај конзилијарното мислење, потребен е и специјалистички извештај од специјалист офталмолог за способност за управување со помагалото, специјалистички извештај од специјалист оториноларинголог за способност за управување со помагалото и специјалистички извештај од специјалист психијатар за психичката состојба за самостојно управување и вклучување во сообраќај со електромоторна инвалидска количка – скутер.

Откако ќе бидат обезбедени сите овие документи, како и кај другите помагала, потребно е да се добие и наод, оценка и мислење за потребата за електромоторна инвалидска количка – скутер од Лекарската комисија на Фондот.

Согласно Правилникот, осигуреното лице кое е во работен однос, или врши дејност врз основа на која е осигурено, како и дете кое се школува до 18, односно 26-годишна возраст, покрај собна инвалидска количка има право на теренска инвалидска количка на рачен погон. Може да му се одобри инвалидска количка на електромоторен погон ако поради функционалниот статус на рацете и нозете не може активно да покренува количка на рачен погон, доколку Лекарската комисија на Фондот оцени дека е способно сигурно и самостојно да ја управува.

Нема точен број на лицата со инвалидски колички

Митев е еден од вкупно 13.595 лица на возраст од 15 до 65 години кои на Пописот во 2021 година се изјасниле дека имаат проблем со движењето. За очекување е дека значаен дел од оваа група се лица кои имаат потреба од електромоторна инвалидска количка-скутер.

Прашањето на попреченоста, и покрај тоа што беше дел од Пописот спроведен во 2021 година, не даде слика за вкупниот број лица со попреченост. Согласно резултатите од Пописот, во државата има вкупно 94.412 лица со различен вид попреченост, што претставува околу 5% од вкупното население, од кои 2,5% се лица над 65 годишна возраст (извор: Државен завод за статистика). Оваа бројка е далеку и значително пониска од глобалните проценки на Светската здравствена организација, која изнесува 15-20% согласно со Извештајот за состојбата на хендикеп (СЗО, 2017 година). Во рамки на развиените економии стапката, пак, на преваленција варира од 10% до над 20%, во зависност од развојот на земјата, стапката на сиромаштија и стапката на образование.

Од Фондот за здравствено осигурување на прашањата поставени од Локал Актив одговорија дека нема официјални статистички податоци за точниот број лица корисници на инвалидски колички на територијата на нашата држава. Не постои ниту статистички податок за точниот број лица со различен вид и степен на попреченост на територијата на РСМ.

– Во 2022 година, преку Фондот за здравствено осигурување, за потребите на корисниците биле испорачани 3.253 инвалидски колички, од кои 1.041 инвалидска количка е издадена на лица на возраст од 26 до 65 години. Референтната цена што Фондот им ја исплатува на ортопедските куќи за ортопедското помагало – електромоторна инвалидска количка-скутер, изнесува 75.030 денари, стои во писмениот одговор што Локал Актив го доби од Фондот за здравствено осигурување.

Колку чини социјалната отуѓеност?

Во време на постојана економска криза лицата со попреченост се уште поранлива категорија граѓани, бидејќи нивната здравствена состојба бара да одат на прегледи по неколку пати во неделата и да примаат терапија која значително го оптоварува нивниот личен и буџетот на нивните семејства. Во такви услови, една обична посета на роднина, пријател или на културен настан што може да се случува и во нивното соседство би ги чинела дополнителни 300 денари за превоз со такси како единствена прифатлива алтернатива. Доколку, во просек, само еднаш во денот лицето со попреченост има потреба од такси-превоз, на месечно ниво тие трошоци би биле 9.000 денари, односно годишно би изнесувале најмалку 108.000 денари. Но, вообичаено, лицата со попреченост во текот на денот имаат реална потреба да одат на повеќе места или институции.

Наспроти ова, од Меѓуопштинското здружение на лица со телесен инвалидитет Мобилност од Кочани, кое ги покрива и соседните општини Виница, Берово и Делчево, го истакнуваат значењето на секојдневните активности на лицата со попреченост за нивното здравје и за препознатливост во заедницата.

– Ние имаме близу 400 членови и околу 60 отсто од нив се на возраст од 26 до 65 години. За којабило активност на овие лица надвор од нивниот дом најсоодветен начин е да се движат со електромоторна количка-скутер, бидејќи само така тие се вистински независни. Ако се движат со стандардни колички секогаш им е потребна помош од други лица за да поминат поголемо растојание или посериозна препрека. Покрај тоа, може да се каже и дека лицата со трајна попреченост се најчесто изложени на суптилни облици на стигматизација и бројни предрасуди од околината што се резултат на избегнувањето контакти и отворен разговор со нив. Тоа влијае врз нивната самодоверба и желба да работат на себе. Ваквата недостоинствена ситуација во која е доведено самото 

лице со попреченост го одвраќа од желбата да одржува вистински социјални контакти. Со електричните скутери на младите и продуктивни лица со попреченост им се отвораат можности за квалитетно работно ангажирање како доставувачи, административни асистенти и слично, вели Горан Војновски, претседател на Меѓуопштинското здружение Мобилност – Кочани.

Парите и математиката дефинираат кој ќе добие специјализирано возило

Локал Актив побара одговор од Фондот за здравствено осигурување и за тоа дали е иницирана или може да се иницира постапка за измена на законските одредби, за да можат сите лица кои имаат потреба, без разлика на возраста, да добијат електромоторна инвалидска количка–скутер. Краткиот одговор од ФЗОМ се состои од една реченица – измената најмногу ќе биде условена, ограничена и зависна од расположливите финансиски средства во Буџетот на Фондот наменет за ортопедски помагала.

Подолгиот одговор содржи објаснување за опциите што ги имаат лицата со попреченост кои очекуваат да станат мобилни со финансиска поддршка од државата. Од Фондот објаснуваат дека добивањето средства за помагалото 3107 или електромоторна инвалидска количка е ограничено за лицата со статус ‘школување’ и ‘вработување’, и само доколку осигуреното лице не може да управува инвалидска количка на рачен погон. Право на средства за ортопедското помагало 3108 – електромоторна инвалидска количка-скутер, имаат осигурените лица со траен инвалидитет од 7 до 26 години и над 65-годишна возраст. Значи, лицата со телесна попреченост на возраст меѓу 26 и 65 години воопшто не можат да добијат електромоторна инвалидска количка-скутер на товар на Фондот,  без разлика на статусот кој го имаат.

Фонд за здравствено осигурување во Кочани

– За да се направи евентуална измена во Правилникот, односно за лицето да може да користи ортопедско помагало со шифра 3107 – елекромоторна инвалидска количка, само според медицинските индикации, односно дијагнозата, во случај кога не може да управува количка на рачен погон, без ограничување на стекнат статус за школување и  вработување, потребно е да се направи прецизна финансиска анализа на трошоците, финансиските импликации според  бројот на лица кои имаат потреба од помагалото. Истото се однесува и за помагалото 3108 – електромоторна инвалидска количка–скутер, односно треба да се направи прецизна и детална анализа за тоа колкав е бројот на работоспособни осигуреници на возраст од 26 години до 65 години кои имаат  потреба од користење на скутерот согласно дијагнозата, односно медицинската индикација. 

ФЗОРСМ треба да изготви ваква анализа и, согласно добиените резултати од анализата и финансиските импликации, да пристапи кон евентуална измена. Секако, измената најмногу ќе биде условена, ограничена и зависна од расположливите финансиски средства во Буџетот на Фондот наменет за ортопедски помагала, се вели во писмениот одговор од Фондот.

Што предвидува Конвенцијата за правата на лицата со попречност?

Во 2011 година нашата држава ја ратификуваше меѓународната Конвенција за правата на лицата со попреченост на Организацијата на обединетите нации и со тоа Конвенцијата стана дел од нашиот правен систем. Тоа значи дека обврските што ги предвидува овој документ се задолжителни за државата.

Членот 20 од Конвенцијата ги обврзува државите да преземат ефикасни мерки за да им обезбедат лична мобилност со најголема можна независност на лицата со попреченост. Ова подразбира дека државата треба на лицата со попреченост да им овозможи да станат мобилни на начин и во време кога тоа ним им е потребно, по нивни избор и по цена што за нив е пристапна. Воедно, државата треба да ги поттикнува и производителите на помагала за мобилност да ги земат предвид сите аспекти на мобилноста на лицата со попреченост, како и фактот дека без мобилноста овие лица не можат да живеат независно во заедницата.

Сегашното решение кај нас е спротивно на преземените обврски од Конвенцијата и сериозно ја оневозможува пристапноста до сите добра и услуги на оваа возрасна група лица со попреченост, на еднаква основа со другите лица, што е основната идеја на Конвенцијата – во секојдневната реалност на живеењето на ранливите групи граѓани да се инкорпорираат и применуваат недискриминаторни практики.

Електричните скутери за лицата со попреченост треба исто така да бидат и дел од стратегиите и политиките на „Зелената транзиција“. Дополнителна додадена вредност, која оди во прилог на потребата за електрични скутери достапни за сите, е и стратешката определба на државно ниво за промоција и поттикнување на политики и мерки за градење одржливи решенија што ќе водат кон користење на средства за транспорт што не загадуваат и на енергетски ефикасни решенија на долг рок. Сите нивоа на власта декларативно се залагаат за поддршка на ваквите модели на транспорт, но се чини го занемаруваат вистинскиот потенцијал за развој на овие идеи.

Организациите кои ги обединуваат лицата со попречености настојуваат преку донации и друг вид помош да обезбедат електрични возила за своите членови. Минатата година, во септември, „Мобилност“ од Гевгелија иницираше, а Општината Гевгелија набави три автоматизирани колички за лица со инвалидитет. Како активност во Програмата на Општина Гевгелија за социјална заштита за 2023 година беа набавени електромоторна инвалидска количка-скутер, електромоторна количка со контролна табла (џојстик) и електромоторен додаток за инвалидска количка.

Ако се препознае можноста за набавка на електромоторните скутери како енергетски ефикасен транспорт, лицата со попреченост ќе бидат дел од секој проект од оваа област и од „товар на заедницата“, како што неретко се перцепирани, ќе станат значаен фактор и носител на видлива промена во општеството.

*Василчо Илијев е активист на граѓанската организација Мобилност од Кочани

**Тони Ајтовски е новинар

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE