Search
Close this search box.

Родителите наместо образовни асистенти седат на часовите со децата со Даунов синдром

Родителите на деца со Даунов синдром од Струмица бараат што побрзо да се донесе Законот за средно образование.  Според нив, од овој закон зависи и одобрувањето на образовни асистенти кои се многу значајни за нивните деца.  Од  Здружението за поддршка на лица со Даунов синдром „Вера“ од Струмица, кое веќе 15 години работи на поддршка и помош на лицата со Даунов синдром, велат дека немањето образовни асистенти во средното образование останува еден од главните проблеми со кои се соочуваат, а без нив не може да има вистинска инклузија во образованието. Велат, законот ќе значи многу не само за учениците со Даунов синдром, туку и за сите средношколци со посебни образовни потреби вклучени во редовен образовен процес.

,,Образовен асистент, индивидуална програма за работа со овие лица, проценка од МФК комисија (Меѓународна класификација на функционирање) за која се чека повеќе од шест, седум месеци да не повикаат и да се даде проценка и насока на институциите во кои што се вклучени децата,  на кој начин да се образуваат. Значи, тоа се приоритетни барања кои ни се потребни нам како родители и на нашите деца“, вели Анче Туфекчиева – Здружение за поддршка на лица со Даунов синдром „Вера“.

Во недостаток на образовни асистенти, родителите се принудени да седат на училиште заедно со нивните деца.

Одбележување на Меѓународниот ден на лицата со Даунов синдром

Министерството за образование и наука повеќе пати соопштува дека со измените на Законот за средно образование, кои подолго време чекаат на усвојување во Собранието на РСМ, ќе се реши проблемот со образовни асистенти. Дел од асистентите за децата со попреченост се обезбедуваат преку програмата Општинско-корисна работа со ангажирање на невработените лица, преку проект поддржан од УНДП. Ангажирани се 83 образовни асистенти во 17 општини што, според родителите на децата со попреченост, е многу мал број во однос на потребите.

По повод 21 март, кој се одбележува како Меѓународен ден на лицата со Даунов синдром, учениците од струмичката гимназија, заедно со нивните професори, ги направија броевите 21 и 3 кои ги симболизираат  трите копии на 21-от хромозом што се присутни во клетките на лицата со оваа состојба. Статитистиката покажува дека едно од 800 до 1000 деца се раѓа со Даунов синдром.

З.Ѓ.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE