Search
Close this search box.

Без јавен превоз, младите од руралните средини немаат ниту социјален и културен живот, ниту можности за личен развој

Автори: Никол Клесова* и Зоран Ѓорѓиев**

Младите од населените места од руралните општини во струмичкиот регион немаат еднаков пристап до можностите што ги имаат нивните врсници од градот. Ограничувањата доаѓаат од немањето организиран превоз во вечерните часови. Комбињата возат до 18 часот, а курсевите, тренинзите, културните настани, другите слободни активности, па и забавата, се во вечерните часови. За да можат да се дружат и да одат на настани, како и врсниците од градските средини, младите од руралните средини се принудени да потрошат повеќе, или им треба поголема организација. Многу често остануваат дома, што ги ограничува нивните можности за развој и за социјален и културен живот.

Јавниот превоз ги ограничува младите од руралните струмички општини

Разговаравме со Ива Спасова и Сара Јованова, две средношколки, кои учат во две различни училишта во Струмица. Ива живее во градот и до сите локации во градот стасува пешки и не користи никаков превоз, додека Сара е од селото Сушево, општина Василево, и секојдневно патува со јавен превоз до училиштето во Струмица. 

Ива има 18 години и учи во средното општинско училиште „Никола Карев“, насока компјутерска техника и автоматика. Ни кажа дека слободното време го користи за посета на теретана, но и голем број културни настани, како театарски претстави и концерти. Ива нема никаков проблем кога сака да остане подоцна на концерт, спортски натпревар или навечер, кога излегува со своите пријатели.

Сара е ученичка во СОУ „Димитар Влахов“ но, за разлика од Ива, има проблем кога сака да посети некој културен настан или спортска активност. Сака да е активна и нејзината желба е да се вклучи во работата на младинските организации. Но, во тоа многу често е спречена, зашто за да стаса до Струмица и е потребна голема организација. Главната пречка за тоа е што нема јавен превоз од помалите населени места до градот Струмица.

Сара, често, за да стаса до центарот на градот или треба да ангажира некој од семејството да ја превезе, или ако користи такси услуги, ќе треба да издвои околу илјада денари во двата правци. 

Ученици на автобуска станица

– Огранизиран превоз имаме само до училиштата и назад. Конкретно, во моето населено место постои и дополнителен превоз, но тој е само во ограничени периоди во текот на денот, и повеќе е наменет за работниците. Па така, доколку после училиште, во попладневните или вечерните часови, сакаме да отидеме на посета на некој културен или спортски настан, или пак да прошетаме како млади луѓе, ние сме ограничени и немаме многу опции и треба да плаќаме такси кое чини и до 1.000 денари, што не е прифатливо за сите. Ова за мене претставува голем хендикеп и делува демотивирачки, бидејќи ги немам истите можности како моите врсници од градот кои без никакви пречки се вклучуваат во голем број активности со кои го исполнуваат слободното време, вели Сара Јованова од селото Сушево.

Таа не е единствената која поради немање јавен превоз нема услови да се вклучи во некоја дополнителна спортска или културна активност. Со овој проблем се соочуваат речиси сите млади од руралните средини во Југоисточниот регион.

Какви се можностите за решавање на овој проблем?

Дека проблемот со превозот на младите од руралните средини е реален потврдуваат и од Младинскиот совет во општина Струмица.

Васил Поп Стојанов, претседател на локалниот Младински совет, вели дека нема статистички податоци колкав е вкупниот број на млади што живеат во регионот, но уверен е дека таа бројка е голема.

Ова го потврдува и со податокот што голем број млади лица контактираат со нивната организација со желба да се вклучат во активностите, но многу брзо се откажуваат, затоа што ова, освен логистички, претставува и голем финансиски проблем.

Поради ова, на голем број млади им е ускратена можноста за посетување воннаставни активности, и тоа е голема штета за нив, бидејќи Струмица е град кој нуди голем број можности во повеќе здруженија и организации, но и голем број спортски клубови. Ова претставува сериозен проблем, кој се надевам дека ќе биде решен наскоро барем за младите во општина Струмица, зашто се најавува имплементација на проектот за јавен превоз, кој освен градот ќе ги опфати и населените места кои се дел од територијата на општина Струмица. Колку што сум запознаен, ќе има една или две линии во градот, а повеќе од автобусите ќе сообраќаат низ населените места, вели тој.

Според него, таквата промена во одредена мерка ќе помогне, но за голем дел од младите посебно од општините Босилово, Василево и Ново Село, проблемот ќе остане нерешен.  Поп Стојанов вели дека оптималното решение е зголемување на мрежата на јавен превоз во целиот регион.

Автобус во Струмица

– И покрај тоа што останатите три општини Босилово, Василево и Ново Село се одделни општини, тие сепак се тесно поврзани со Струмица, како најголем урбан, административен и културен центар во Југоистокот. Додека не се најде решение за проширување на линиите, сметам дека е потребно да има субвенционирање или сличен вид помош, со цел сите што сакаат да се вклучат во активностите што се организираат надвор од нивното место на живеење да можат да си го дозволат тоа, без да имаат голем финансиски трошок. Факт е дека најголемиот дел од настаните во струмичкиот микро-регион се случуваат токму во градот Струмица, вели претседателот на локалниот младински совет Васил Поп Стојанов.

Општина Василево, каде живее Сара, има вкупно 15 населени места. Од нив 13 се живи и активни села села со голем број жители. Во општината постојат две основни општински училишта и десет подрачни. Во сите населени места има организиран меѓуопштински превоз, но не и во доцните вечерни часови. Ова е решено со Меѓуопштинска спогодба за линиски превоз на патници за целиот регион Струмица, потпишана меѓу трите рурални општини Василево, Босилево и Ново Село и градот Струмица.

Општината жали што младите имаат ограничени можности за дружење

Локал Актив праша и во општина Василево, што тие како локална самоуправа преземаат за надминување на проблемот со вечерниот превоз, кој претставува големо ограничување за сите граѓани, а особено за младите.

Од општината одговорија дека линискискиот превоз е покриен со еден правен субјект и имаат линија Струмица-Василево-Радичево-Дукатино, и обратно. Има и линија на релација Струмица-Василево-Градошорци-Едрениково-Трибичино, и обратно. За другите населени места превозот го вршат компании за авто-такси превоз регистрирани за регионот  Струмица.

На прашањето за потребите на младите за јавен превоз во нивното слободно време, од општината Василево велат дека младите најчесто користат такси превоз или одат со сопствено возило.

– Младите кои имаат помали буџети…, за жал, ја немаат можноста за дружење и своите активности се принудени да ги извршуваат во своите населени места“, стои во писмениот одговор од Општината.

Работата на членовите на Локалниот младински совет е и да иницираат прашања за младите од делокругот на работата на општините, да иницираат, учествуваат и даваат повратни информации за процесот на усвојување локална младинска стратегија и други политики, да доставуваат информации до општините за прашања кои се однесуваат на младите и – да вршат други советодавни и застапувачки работи. Општините се должни да отворат Канцеларија за млади, како сервис на младите луѓе, а законот ги задолжува да донесат Локална стратегија за млади, како стратешки документ со кој се утврдуваат среднорочни цели и приоритети за развој на младинските политики и унапредување на интересите на младите на локално ниво и да се утврдувт организациски, финансиски и административни мерки за нејзиното остварување.

Во општина Василево постои Локален младински совет кој треба да ги застапува интересите на младите. Но, Советот во моментов не е функционален и фигурира само на хартија. Конкретните причини зошто не функционира не се познати. Не успеавме да добиеме ниту информации дали и какви активности имале досега.

Дека ваков проблем постои, потврдија и од самата локална самоуправа. Најавуваат дека проблемот наскоро ќе биде решен. Како што информираа, планирана е постапка за разрешување на членовите на постоечкиот и избор на нов состав на Младинскиот совет, кој ќе работи во интерес на младите од Општината.

На сајтот на општина Василево единствен податок во врска со младите е дека е назначаен службеник за млади од редовите на општинската администрација. Иако Законот за младинско учество и младински политики ги задолжува општините да формираат Локален младински совет и да донесат Стратегија за млади, ваков документ не може да се најде на Веб страницата на Општината.

Законот му дава особена важност на Локалниот младински совет, бидејќи членовите, меѓу другото, можат да му предлагаат точки на дневен ред на Советот на општината за прашања кои ги засегаат младите. Во случајов, воведувањето субвенции за јавниот превоз во вечерните часови како решение за овој проблем на младите, би бил можна точка за разгледување на седница на Советот на општината Василево. Но, како што веќе напишавме, Советот не е функционален. Меѓу уредно објавените општински програми, не може да се најде соодветен документ, кој се однесува на младите и младинските политики. 

Развојот на социјалните вештини е клучно за развојот на личноста на младиот човек

Проблемите со кои се соочуваат младите од руралните предели не се само логистички, туку и социо-економски. Овие проблеми дополнително ги маргинализираат во однос на нивните врсници од урбаните центри, каде пристапот до образование, здравство, култура и спорт е значително полесен.

Стојне Митева, која работи како психолог во основното училиште Маршал Тито во селото Муртино, вели дека е добро познато дека јавниот превоз со комбиња од селата кон Струмица е организиран само до 18 часот. Па така, сите жители, вклучително и младите  од сите населени места, се принудени сами да се снаоѓааот со превоз за било какви дополнителни потреби. Токму овој проблем, според неа, ги ограничува младите да бидат вклучени во голем број активности значајни за нивниот социјален живот.

– Младите сакаат активно да учествуваат во социјалниот живот во Струмица. Спортските клубови најчесто тренинзите ги организираат во попладневните часови, а децата од населените места кои исто така имаат желба, а не се малку, мораат да патуваат до Струмица или со родителите или пак да платат и до 500 денари за такси во двата правци. Овде се и голем број активности од типот на модерен балет, часови по странски јазици, театри, активности организирани од Младинскиот центар и Домот за деца и млади, а и од страна на невладините организации кои ги вклучуваат младите.

Според Митева, еднаквите можности за социјален живот како да не важат кога станува збор за младите од помалите населени места.

-Сите активности се сконцентрирани само во Градот. Тоа ги оневозможува младите активно да бидат вклучени, а со тоа, за жал, и социјалните вештини заостануваат, кои се клучни за развој на карактеристиките на личноста, вели психологот Стојне Митева.

Ученици на автобуска станица

Дека е централизирано организирањето на младите по градовите, потврдува и Драгана Митровиќ, долгогодишен младински работник, дел од организацијата Сојуз на младинска работа. Митровиќ се согласува дека ова ги ограничува младите од руралните средини, а со тоа ги прави маргинализирани.

– Младите од руралните средини кога сакаат да дојдат на некој настан или обука, тие се врзани со превоз и со цената на тој превоз, што значи се прилично ограничени. Од друга страна, во нивните места нема понуда ниту на културни настани, или имаат сиромашен избор. Евентуално, во некои места има само културно – уметнички друштва. Ова е проблем и за нас, како луѓе кои работиме со млади. На пример, јас како младински работник, ако сакам да посетам некое населено место, … ако треба од Штип да отидам до Карбинци, мене тоа со такси ќе ме чини 400 денари. А младите од руралните средини, кога доаѓаат на настани што ние ги организираме, мора да се вратат веднаш по настанот, вели Митровиќ.

Во младинските документи, како што вели, само повремено се опфаќа темата за квалитетот на живот на младите во руралните средини. Останува разочарувачкиот факт дека тој квалитет е многу полош од тој на младите во урбаните средини.

– Разочарувачки е тоа што квалитетот на живот на овие млади е на многу пониско ниво, и од аспект на понудата и од аспект на нивното учество, па дури и во поглед на донесувањето одлуки. Некаков вид организиран превоз достапен на младите е неопходност, а тоа значи буџетски средства, но и креативни начини на планирање и спроведување на програмите. Сите ние кога планираме го земаме она што е најлесно за остварување, наједноставно за реализирање, но потоа често има оправдувања од типот дека многу чини. Никогаш не се обидуваме да бидеме креативни и да најдеме вистинско решение, смета Драгана Митровиќ.

Едно од решенијата, по пример на некои општини, е субвениционирањето на јавниот превоз. Општина Кочани, на пример, издвои два милиона денари за субвенициониран линиски превоз за период од две години. Единечната цена на билет по патник за едно возење изнесува 20 денари, од кои Општина Кочани учествува со 50%, а другите 50%,  односно 10 денари, на превозникот му ги плаќа патникот со купување билет за превоз на соодветната релација.

Митровиќ е авторка на „Националниот извештај: Потреби на младите и видливост на младинските програми во областа на културата во Северна Македонија“, објавен во 2022 година. Во овој документ пишува дека е загрижувачко што повеќе од една четвртина од  испитаниците (млади од 15 до 30 год.) кажале дека никогаш не биле на театарска претстава. Повеќе од половината од испитаниците никогаш не посетиле меѓународен музички фестивал (53,41%), изведба на современ танц (55,68%) или изведба на современ циркус (71,59%).

Тие најчесто оделе на театарски претстави, во градската библиотека, забави/журки на електронска музика и кино/ филмски проекции.

Како причини зошто младите не ги посетуваат културните институции и настани на независната културна сцена, како најчести ги наведуваат: нема доволно такви настани во нивното место на живеење, недостапност поради местото на живеење (се случува на друго место) и недоволна промоција на настаните. Од друга страна, мотивацијата на младите, според истражувањето, е голема: „не ги интересира“ и „немаат време“се при дното на листата на можни причини за непосетеноста на културни настани.

Решението на овој проблем бара заеднички напори од сите учесници во локалната заедница, вклучувајќи ги и приватниот сектор, локалните власти, како и граѓанското општество.

Никол Клесова, активистка на Здружението Новус од Струмица

Зоран Ѓорѓиев, новинар

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE