Search
Close this search box.

Радовиш остана без интернист, граѓаните или на приватно или чекаат да дојде од Скопје

Автори: Кристијан Трајчов* и Ване Трајков**

Нема интернист на сметка на Фондот за здравствено осигурување во Радовиш. ЈЗУ „Здравствен дом“ – Радовиш веќе неколку месеци е без интернист, откако единствениот отиде во пензија. Пред неколку години имаше уште едeн помлад интернист, но тој замина во приватна болница.

Пациентите од општините Радовиш и Конче или треба да чекаат еднаш месечно да дојде доктор од државните здравствени установи од Скопје или пак нивните матични доктори им бараат слободен термин во струмичката или штипската болница. Трета можност е да си платат на приватно и да добијат здравствена услуга во единствената приватна интернистичка амбуланта во Радовиш.

Пациентите од овие две општини, кои бројат околу 27 илјади жители од градот Радовиш, 35 населени места и помалата општина Конче, бараат здравствените власти да го решат овој проблем. Според нив, едно доаѓање месечно на лекар интернист од други јавни здравствени установи не ги решава нивните потреби. Освен тоа, овие граѓани се ставаат во подредена улога оти и тие плаќаат придонес за здравствено осигурување.

Граѓаните се револтирани бидејќи ем нема доктор, ем често, мораат самите да си ја платат терапијата

Реакциите се посилни бидејки во месец февруари воопшто и не дошол интернист.

– Граѓаните се приморани да посетуваат приватен интернист каде е малку поскапо отколку преку Фондот за здравствено осигурување. Доаѓаат интернисти од други градови, во месецот еднаш или два пати, но со ограничено работно време и не можат да постигнат за сите пациенти. Јас лично сум бил присутен со мојата баба, па се случи да бидеме вратени поради големиот број пациенти. Бевме приморани да одиме кај приватен интернист, овде во Радовиш има еден приватен интернист. Стари и изнемоштени лица чекаат на ред. Сме чекале со часови. Во најскоро можно време ова треба да се смени“, изјави Звонко кој е жител на Радовиш.

Револтирана беше и Катерина од Радовиш. Таа во ЈЗУ Здравствен дом барала информација дали и кога ќе доаѓа интернист од Скопје за да ѝ ја препише терапијата. Била на преглед во приватната интернистичка амбуланта во Радовиш. Но, терапијата која ѝ ја препишал приватниот

интернист, за да ја земе на сметка на Фондот за здравствено осигурување, требало да биде издадена од интернист кој работи во Јавното здравство. Во спротивно, терапијата може да ја набави само ако си плати самата.

– За жал, или морам да чекам десетина дена, или да се упатам во струмичката или штипската болница. Во Радовиш имаме само еден интернист кој не работи со Фондот за здравствено осигурување и кај него сите прегледи се наплаќаат приватно, а со тоа морам да ја набавам и терапијата на приватно, затоа што во аптеките не ги признаваат рецептите кои доаѓаат од приватни интернисти, објаснува Катерина.

ЈЗУ Здравствен дом - Радовиш бара да има свој специјалист интернист

Директорката на ЈЗУ Здравствен дом Радовиш – Симона Цветаноски, вели дека се свесни за овој проблем, за што уште во 2019 година пратиле лекар на специјализација по интерна медицина. Според нејзините најави, се очекува докторот специјализацијата да ја заврши во јануари следната година, по што радовишкиот Здравствен дом ќе има свој лекар што ќе дава специјалистички услуги од интерната медицина. Дотогаш, пациентите ќе бидат опслужувани од специјалистка која ќе доаѓа еднаш до двапати месечно во Радовиш, откако во октомври лани побарале од Министерството за здравство да им се одобри лекар специјалист од Клиниките од Скопје.

-Барањето кое го доставивме ни беше одобрено веднаш, така што доктор од Скопје еднаш во месецот доаѓа во Здравствениот дом, но по потреба на граѓаните се случува да доаѓа и по два пати во месецот. Во месец февруари, поради здравствени причини, интернистката од Скопје не можеше да дојде. Таа ќе доаѓа до крајот на годината и ќе им помага на граѓаните на општина Радовиш и општина Конче“, вели Цветаноски.

На прашањето дали е доволен само еден интернист, кој доаѓа само еден ден во месецот, директорката Цветаноски изјави дека преговараат да доаѓа уште еден доктор-интернист, но не можеше да потврди точно кога ќе се случи тоа.

– Во моментов сме во преговори со општините Штип и Струмица да биде испратен уште еден доктор-интернист. Тоа секако би било реализирано, но после изборите, бидејќи сега немаме таква можност, рече Цветановски.

Во општиот недостаток на доктори по градовите, Министерството за здравство потребите на пациентите ги покрива на овој начин, со времено назначување специјалисти во одредена државна здравствена установа. 

Пациентите со дијабетес притискаат и за специјалист интернист за инсулинска терапија

Немањето интернист е голем проблем и за пациентите со дијабетес. Претседателката на Здружението на дијабетичари за општините Радовиш, Конче и село Подареш – Ратка Митева, вели дека проблемот е од поодамна, се знаело дека докторот-интернист ќе оди во пензија, но никој не бил пуштен на специјализација за да се избегне овој проблем. Според неа, во Радовиш треба да има интернист барем  еднаш неделно за дијабетичарите од оваа општина, но и од Конче, да не патуваат до Струмица и Штип за препишување на терапија.

– Многу е важно за пациентите да не се шетаат по соседните градови за да дојдат до извештај кој е важен за земањето на неопходниот инсулин. Пациентите не треба да губат време и пари, бидејќи некои од нив се неподвижни, а имаат и проблеми со видот. Барем еднаш во неделата да има интернист би било добро за да бидат покриени тие пациенти, рече Митева.

Митева објаснува дека во однос на инсулинската терапија на дијабетичарите, во моментов ендокринолог доаѓа од Скопје еднаш месечно.

-Дел од нив, пак, одат во Штип или Струмица каде што има ендокринолог. Порано тоа го правеше интернистот, но тој замина во пензија. Специјалистот треба да биде од државната болница за да може да ја пишува терапијата“, додава Митева.

Само во општина Радовиш има околу 800 луѓе со дијабетес. Според Митева, тој број конутинирано расте поради брзиот начин на живот, како и поради постојаниот стрес на кој се изложени луѓето.

Во Здравствен дом Радовиш, од ноември минатата година, функционира Дијабетниот центар каде медицинска сестра ги опслужува пациентите со потребниот инсулин, врз основа на веќе пропишаната терапија. Таму се одржуваат и бесплатни обуки за лицата со дијабетес.  

Радовишкиот здравствен дом остана и без радиолог

Во радовишкиот Здравствен дом, специјалистички здравствени услуги се даваат за Педијатрија, Офталмологија (или болести на око), Оториноларингологија (или за болести на уво, нос и грло), Неврологија,  Биохемиска лабораторија и Психијатрија. Според систематизацијата, предвидени се и интернист и радиолог.

Во рамки на Здравствениот дом функционира и Итна медицинска помош, каде има доктор специјалист по општа медицина, вакцинален пункт и патронажни услуги.

Освен интернист, радовишкиот Здравствен дом нема ниту радиолог. Таму има само еден радиолошки техничар кој врши рендгенолошко сликање, но овие слики нема кој да ги прочита. За дијагноза се чека да дојдат радиолози од Струмица. Радиолозите, за разлика од интернистката од Скопје, која доаѓа еднаш месечно, во Радовиш работат со пациенти тогаш кога ќе има потреба, во  зависност од пријавените на Мој термин.

– Имав случај кога го повредив зглобот на ногата, а беше недела попладне. Бев во Итната медицинска помош во Радовиш, од каде ме упатија да отидам во Штип за да ме сликаат и да ја увидат состојбата. Морав да ангажирам мој познаник за да ме однесе до таму, бидејќи не бев во состојба сам да отидам, изјави Петар.

Во моментов во Радовиш има само еден радиолошки техничар кој е специјално обучен здравствен работник за користење софистицирана технологија и техники за позиционирање при производство на медицински слики. 

Техничарот работи само во една смена, така што попладне или за време на викенди, во случај на фрактура, пациентите директно се испраќаат во општините Штип или Струмица за да им се направи рендген снимка.

Директорката Цветаноски рече дека за овој проблем знаеле уште од 2019 година кога со тогашната директорка испратиле програма со барање до Министерството за здравство за упатување млади лекари на специјализација.

– Успеавме да упатиме седум доктори на специјализација, меѓу кои и доктор по радиологија. Но јас, како директорка, успеав да склучам договор со Општата болница од Струмица, така што двајца радиолози доаѓаат двапати или трипати месечно, во зависност од потребите на граѓаните, односно од бројот на закажани термини. Мојата цел е граѓаните на Радовиш да не патуваат во другите градови и да имаме медицински кадар овде, додава таа.

Во месец октомври 2023 година, Здравствениот дом во Радовиш за прв пат направи бесплатни прегледи на дојка на околу 280 жени.

Бебиња во радовишкиот Породилен дом одамна не се породуваат

Некогашниот Породилен дом од Радовиш, каде се раѓаа генераци и генерации радовишани, стои празен со години. Трудниците за породување се препраќаат во Штип или Струмица. Еднаш затворен, тешко дека повторно ќе се отвори, бидејќи се најавува дека ќе прерасне во дневна болница. Затворањето на Породолиштето е резултат на реформите на јавното здравство започнати пред триесетина години. Тогаш специјалистите гинеколози вработени во јавното здравство отворија приватни амбуланти, со што Породилниот дом остана без доктори. Со тоа, престанаа породувањата во оваа здравствена установа. Таму дел од просторот е издаден на двајцата специјалисти гинеколози од Радовиш кои работат со Фондот за здравствено осигурување. Другиот дел, каде беа сместувани новороденчињата, се планира да се адаптира во Дневна болница.

– Породилниот дом е затворено прашање. Тешко дека може да се активира бидејки законските одредби не ни дозволуваат оти ние сме Здравствен дом, а згора на сé и немаме услови и кадар. Во иднина просторот ќе биде Дневна болница, за пациенти кои сега патуваат во Штип или во Струмица да примаат терапија. Станува збор за пациенти со невролошки и кардиоваскуларни болести кои примаат дневна терапија. Па наместо да патуваат, сакаме овде да ја примат, кажа Цветаноски.

Своевремено радовишни беа гласни за активирање на Породилниот дом за да не патуваат во Струмица и Радовиш. Според гинеколозите кои имаат свои ординации во Радовиш, отворањето ваков дом е прескапа инвестиција, оти се намалува бројот на раѓања во оваа општина, но влијае и фактот што жените повеќе сакаат пораѓања со ‘царски рез’, поради што се одлучуваат да одат во Штип, Струмица или во некоја од приватните клиники во земјава.

Според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) од Скопје, во ЈЗУ Здравствен дом во Радовиш има 8 специјалисти.  На ниво на општина, во примарната здравствена заштита, има вкупно 32 лекари и специјалисти. Согласно критериумите по кои ЦГК го правеше истражувањето, Радовиш е на 15-то место според можностите за здравствена заштита на жителите.


* Кристијан Трајчов, граѓански активист

** Ване Трајков, новинар

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE