Search
Close this search box.

Во Босилово цвеќињата ја заменија пластиката

За еден ден младите од општина Босилово собраа околу еден тон пластични шишиња од жителите и за возврат ним им поделија 2000 саксии со цвеќе. Млади од различна возраст, на кои им се придружија и возрасните, собираа пластичната амбалажа во рамки на акцијата „ПЕТ пластика за цвеќе“,  што ја организира Локалниот младински совет.

Акцијата има цел да ги едуцира граѓаните за селекцијата  на ПЕТ пластика. За секое домаќинство кое успеа да собере одредена количина пластични шишиња, беа обезбедени саксии со цвеќе. На тој начин млади луѓе од општината сакаат да го намалат пластичниот отпад во своите населени места, да го зајакнат меѓуетничкиот дијалог, но и да ги мотивираат сите граѓани,  наместо да прават депонии да го селектираат отпадот.

„Со задоволство можам да кажам дека се поместивме од мртва точка, а селекцијата на отпад повеќе не е мисловна именка во општина Босилово. Полека но сигурно се движиме во вистински правец и мислам дека со ваков тип акции ќе постигнеме многу повеќе за нас самите, но и за животната средина и околината во која што живееме и твориме“, рече  Васил Крмзов – координатор на акцијата.

Акцијата се спроведе во сите 16 населени места од општината, а во неа се вклучија од најмладите до највозрасните. Сите се убедени дека оваа иницијатива на Локалниот младински совет ќе даде позитивни резултати.

Учесници во акцијата „ПЕТ пластика за цвеќе“
Учесници во акцијата „ПЕТ пластика за цвеќе“

„Не само што е добро за граѓаните, туку и за екологијата воопшто. Многу убаво е што се организира акцијата со цвеќињата, дворовите ќе се разубават, а воедно ќе се чистат и патиштата и сите места каде што се прават диви депонии со пластика што загадува“, вели жителка од Босилово, којашто се вклучи во акцијата.

Сличен став има и нејзина сожителка која рече дека во последно време насекаде во општината може да се најде пластика која е штетна бидејќи ѝ требаат 15 години да се разложи.

,,Акцијата на младите е еден голем плус за сите нас. Треба да бидеме свесни дека растеме деца – таа природа на идните генерации им треба чиста. И затоа ја поддржувам и поздравувам акцијата на младите“, вели друга жителка на селото Босилово

Еко акцијата „ПЕТ пластика за цвеќе,  се спроведува во рамки на проектот ,,Млади за инклузија, еднаквост и доверба ,, финансиран од фондот на Обединетите Нации. Веќе три години по ред на почетокот на секоја пролет граѓаните на општината собираат пластичен отпад, а за возврат добиваат овошна садница по избор. За три години само во пролетната акција собрани се околу три тони пластика и поделени се над 3000 овошни садници.

З. Ѓ. 

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE