Search
Close this search box.

Судот во Кочани му изрече доживотна затворска казна на 59-годишен маж кој усмрти жена – граѓанскиот сектор бара повисока свест за фемицидот

Казна доживотен затвор му е изречена на 59-годишен маж од Кочани, кој на 25 септември минатата година со повеќе убоди со нож усмрти 46-годишна жена пред нејзиниот дом.

Основното јавно обвинителство во Кочани поднесе обвинение за случајот, а во судската постапка осомничениот ја признал својата вина. Основниот суд – Кочани донесе пресуда за изрекување казна доживотен затвор за убиство што е извршено при родово базирано насилство и на свиреп начин.

„Во обвинението, Основното јавно обвинителство – Кочани го товареше обвинетиот и за кривично дело – Уцена кон истата оштетена, сторено пред убиството. Меѓутоа тоа дело обвинетиот не го призна, постапката е раздвоена и за тој дел од обвинението ќе продолжи судска постапка, се истакнува во писменото соопштение од Јавното обвинителство“.

Згрижена за својата безбедност 46-годишната Т.М. на 16. мај во полициската станица во Кочани пријавила дека подолг период била уценувана од сега осудениот маж, со кого таа била во љубовна врска. Тврдела дека тој ѝ се заканил оти  ќе објави компромитирачки фотографии и видеа доколку таа не му даде пари.

Инспектори од Надворешната канцеларија за криминалистички работи при Одделението за внатрешни работи – Кочани тврдат дека постапиле според пријавата и дека доставиле соодветна пријава до Основното јавно обвинителство – Кочани.

Граѓанските организации кои работат на заштита и поддршка на жртвите од семејно насилство, особено кај жените, реагираа дека надлежните институции тешко ги препознаваат ризиците од фемицид.

„Некогаш пријавите ги регистрираат како поплаки и не преземаат ништо, иако се должни да направат проценка колкав е ризикот за безбедноста и сигурноста на жената која пријавува каков било обид за насилство. Агонијата на жената од Кочани траела седум години, а нејзината пријава не била сфатена сериозно. Ако се прави подобра проценка на ризикот, ќе можеме да ги антиципираме случаите каде што постои опасност од фемицид, односно убиство“, истакна Благица Кирова од Едукативно-хуманитарната организација ЕХО од Штип.

Според законските одредби уцената се смета за сериозно кривично дело за кое е предвидена затворска казна до пет години, а со оглед на свирепото убиство со повеќекратни убоди со нож, Судот донесе пресуда за максимална казна.

Т. А.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE