Search
Close this search box.

Гевгелиските лица со попреченост заслужуваат Мал групен дом финансиран од општината

АвториНадица Маџирова* и Ване Трајков**

Филип наскоро ќе наполни 25 години. Од понеделник до петок од 7 до 13 часот тој е сместен во Дневниот образовен центар за лица со посебни потреби „Мајка Тереза“, раководен од хуманитарната организација на Католичката црква – Македонски Каритас. Потоа, час и половина за него се грижат во Државниот центар за лица со попреченост во Гевгелија. Филип е дома после 14 часот и 30 минути. Тој не може сам да се грижи за себе, па затоа потребно е за негова грижа да биде ангажирано стручно лице. Неговите родители, до 17 часот се на работа и во меѓувреме, за Филип се грижи неговиот помал брат, средношколец во трета година.

„Само ние си знаеме како ги поминуваме деновите и се носиме со неизвесноста каде ќе биде нашиот син откако нема да нѐ има“, за Локал Актив, вознемирено раскажува мајка му  –  Елизабета Ристеска од Гевгелија. Филип, понекогаш е хиперактивен, агресивен и непредвидлив , па во тие моменти таа и нејзиниот сопруг, не знаат како да постапат со него.  Често тие не успеваат да го смират.

„Ова најчесто се случува за време на викендите  кога е дома.  Тогаш мора некој да има со него вклучително и помалиот брат. Се откажуваме од многу работи и не можеме ништо да планираме“, раскажува Елизабета. 

Таа смета дека отворањето на Мал групен дом, за луѓе со попреченост во Гевгелија, може да биде соодветното место каде што луѓето како Филип ќе може да престојуваат повеќе денови, со 24 часовна грижа. Ова вели многу ќе му помогне на нејзиното семејство како и на семејствата слични на него.

Таа е задоволна од третманот на Филип во центарот „Мајка Тереза“, но како што вели, престојот таму не е 24-часовен. Во центарот со Филип работат стручни лица, се реализираат најразлични активности, има дружење, учење, игри. Вели дека таму син ѝ Филип поминува доста квалитетно време што не е случај дома.

Родители бараат отворање мал групен дом за лица со попреченост во Гевгелија

Елизабета ја споделува главната грижа на нејзиното семејство, но и на останатите: Што со нивните деца откако родителите повеќе ќе ги нема?

„Кој би се грижел за Филип после нас?! И помалиот син ќе има свое семејство.  Тие ќе останат сами на себе без никаков надзор или поддршка од институциите, а во тој Мал групен дом ќе има стручни лица кои може да работат со нив, а лицата меѓу себе  да се дружат“, вели Елизабета.

Истиот проблем го има и Кристина Митовска. Нејзиниот син го посетува Државниот центар за лица со попреченост во Гевгелија. Таму тој е до 15 часот. Времето кое нејзиниот син го поминува таму е од големо значење и делува олеснително за нив, но сепак  времето е ограничено.

„Ние сме родители кои безусловно си ги сакаме децата и за кои се грижиме на секаков можен начин, но сепак, ние не сме стручни и обучени за таква работа. Преку искуството кое сме го стекнале низ годините поминати со дете со попреченост успеваме да им посветиме внимание, но, доколку постои можноста за Мал групен дом со 24 часовна поддршка, тоа би било од големо значење за нас, бидејќи сме и емотивно, а и физички исцрпени. Да не зборуваме за тоа дека кога еден ден ќе нѐ нема нас, син ми ќе остане без грижа и сме во голема неизвесност за неговата иднина“, вели Митовска.

Општинскиот Буџет на Гевгелија за 2024 година во рамки Програмата за социјална заштита предвидува вкупно 4.020.000 денари. Од оваа сума, 760.000 денари се наменети конкретно за лицата со попреченост. Овие пари стигнуваат да се исплати само еднократна парична помош од по 6.000 денари за лицата со попреченост или за нивното семејство. Се плаќа и превозот од дома до Дневниот центар за лица со попреченост во Гевгелија. Во овој буџет нема предвидено пари за Мал групен дом во Гевгелија.

Има повеќе такви случаи кога лица со попреченост останувале без родителите, кои цел живот се грижеле за нив. Во недостаток на организирана 24-часовна институционална грижа, пошироките семејства ја преземаат таа одговорност. Таков е примерот на Славица Пандова од Гевгелија, која по смртта на родителите, одлучила таа и нејзиното семејство да ја преземе грижата за нејзината сестра.

Сестра ѝ е штитеник на Државниот центар за поддршка на лицата со попреченост во Гевгелија, каде престојува дел од работниот ден.  Пандова одлучила да се обучи и да работи како личен асистент на лицата со попреченост. Тоа ѝ помогнало да се справи со секојдневните предизвици во грижата за нејзината сестра. Пандова вели дека едноставно, не постои подобро решение во моментот. Подоброто решение е  – Мал групен дом за лицата со попреченост.

„Тргнувам од самата себе – што доколку ми се случи нешто на мене?! Гледајќи ја сестра ми, сметам дека во центрите во кои поминуваат дел од денот, овие лица имаат социјализација, се поврзуваат меѓу себе, си имаат начин на комуникација и различни активности преку кои тие се чувствуваат полезни. Отворањето на Мал групен дом во Гевгелија или во околината е огромна потреба и во најскоро време треба да се преземат конкретни активности за негово воспоставување“,  вели Славица Пандова.

Тоа што функционира во други општини треба да функционира и во Гевгелија

Идејата за отворање на Мал групен дом, не е случајна.  Овие семејства имаат потврдени примери за добра институционална грижа на неколку десетина километри од нив. Вакви Мали групни домови успешно функционираат во Градско, Неготино, Демир Капија, Велес и Скопје. Дел се отворени преку Министерството за труд и социјална политика (МТСП), а друг дел, преку проекти финансирани од меѓународни донатори.

Малите групни домови се дел од процесот на „деинституционализација“ и „живеење во заедница“, како докажани алатки за подобрување на квалитетот на живот на лицата со попреченост. Тие претставуваат похумана и поодржлива алтернатива од прифатните институции, како што е Специјалниот завод во Демир Капија. 

Во 2021 година со помош на Европската унија во две куќи беа отворени два Мали групни домови во Демир Капија и Неготино. Станарите  – лицата со попреченост, живеат во простор кој во многу наликува на сопствен дом, во мала заедница за која се грижат асистенти и стручни лица. Овие луѓе имаат можност да практикуваат независен живот, а добиваат и целосна грижа.

Во февруари 2022 година во Велес беше промовиран Мал групен дом наменет за лица со попреченост од страна на Здружението на лица со церебрална парализа. Ова Здружение е лиценциран давател на социјалната услуга за живеење со поддршка на општина Велес. Малиот групен дом е сместен во куќа во Велес, каде се згрижени пет лица од Специјалниот завод во Демир Капија. За нив водат грижа пет лични асистенти, социјален работник и еден физиотерапевт.

Корисници во центарот „Мајка Тереза“

Велешкото здружение како овластен давател на социјални услуги, управува со уште 4 Мали групни домови и тоа во Велес и Градско за вкупно 20 лица со попреченост.

Далиборка Златева претседателка на Здружението на лица со церебрална парализа, смета дека преку вакви станбени единици, но и соодветен стручен кадар што ќе работи со лицата со попреченост, се овозможува подобра грижа за нив. Со тоа и нивна подобра социјализација и интеграција во општеството.

„Малите групни домови навистина претставуваат дом за лицата кои престојуваат во нив, тие функционираат како семејство, се грижат едни за други, се чувствуваат како браќа и сестри. Се трудиме да бидат дел од социјалниот живот, да бидат вклучени во културни и рекреативни настани, едноставно ги социјализираме и ги вклучуваме во општеството“, вели Златева.

Според неа, ваквите заедници треба да ги има во секој град. По позитивното искуство, во Здружението, како што кажува Златева,  постојано добиваат повици и нови барања да се прошири мрежата на Мали групни домови.

„Потребно е и биолошките семејства да се одморат. А и самите лица со попреченост треба да излезат од домот во некое друго опкружување и да станат самостојни на некој начин“, вели Златева. 

Но, на овие потреби на родителите и на лицата со попреченост здруженијата на граѓани само делумно можат да одговорат. Државата е таа што мора да поведе поголема грижа за малите групни домови во поглед на обезбедување на потребните средства. Парите што ова здружение ги добива, не се доволни да се покриваат трошоците за плати на вработените, за наемнина, храна, облека и медицинска терапија.

„Ова претставува проблем бидејќи ние како здружение секогаш мораме да бараме дополнителни средства од различни донатори. За 20 лица кои престојуваат во домовите се грижат 20 стручни лица од различни профили како негуватели, физиотерапевти, социјални работници,“ вели Златева.

Ја запрашавме дали би се пријавиле на повикот за отворање на Мал групен дом за лица со попреченост и во Гевгелија.

„Ние сме подготвени да го пренесеме целото свое знаење и искуство, секако во соработка со невладини организации и институциите“, одговори Златева.

Најблискиот Мал групен дом е кај Неготино, во Тимјаник

Во меѓувреме, додека не се најде начин и средства за отворање на Мал групен ден, на лицата со попреченост од Гевгелија, најблиската ваква заедница им е таа во Тимјаник кај Неготино. 

Таму  престојува Марија  која претходно била сместена во Заводот во Демир Капија. Меѓутоа, со процесот на деинституционализација, станала корисник на услугите од Малиот групен дом во Тимјаник, за Локал Актив вели нејзината сестра Магдалена Караколева:

„Проблемот со Марија настана пред 16 години кога почина нашата мајка. Татко ни мораше да оди на работа за да го издржува семејството, а јас имав само осум години и не бев во можност да ја преземам грижата за сестра ми. Од 2019 година Марија е корисник на Мал групен дом во Тимјаник, Неготино и таму грижата за штитениците на домот е на индивидуално ниво.  Задоволна сум од грижата која и се дава на сестра ми. Доколку се отвори Мал групен дом и во Гевгелија ќе може почесто да ја посетуваме и нема да бидеме изложени на финансиски трошоци“, вели Магдалена.

Семејствата на лицата со попреченост веќе долго време се по институциите, барајќи решение. Помош побарале и од Општината Гевгелија и од Министерството за труд и социјална политика (МТСП). Разговараат и со здруженија како тоа што го раководи Далиборка Златева.

Општина Гевгелија: Прво анализа па потоа Мал групен дом

На инсистирањето на семејствата, локалните власти на Гевгелија одговараат дека се потребни анализи и соработка со повеќе граѓански организации за овој проблем. Градоначалникот Андон Сарамандов посочи дека целата постапка е сериозен предизвик која бара обезбедување на техничка документација, простор, опрема, кадар, како и финансиски средства за негова одржливост.

„Општина Гевгелија е подготвена да придонесе во воспоставувањето на оваа услуга, во соработка  со надлежните институции за социјалната заштита, како и други соседни општини (меѓуопштинска соработка) и невладини организации. Во моментот, Општина Гевгелија не може да се произнесе со конкретни активности и решенија, затоа што треба да се направи анализа на ресурсите којашто ќе покаже што треба да преземе локалната самоуправа за воспоставување на услугата Мал групен дом, без разлика дали ќе биде само на подрачјето на општина Гевгелија или пак ќе функционира на меѓуопштинско ниво“, стои во писмениот одговор на градоначалникот Сарамандов.

Малите групни домови во кои треба да бидат сместени лица со попреченост со цел да им се даде стручна нега и да им се помогне на нивните семејства да се справат со тежината на грижата, од Министерството за труд и социјална политика беа најавувани како една од клучните реформи во социјалната политика на земјата. Во општини како Неготино, Велес, Демир Капија, Градско или Скопје, биле отворени вакви домови иако тие се соочуваат со финансиски проблеми. Но, во некои градови, иако има побарување, такви домови никогаш и не биле отворени.

Општинскиот Буџет на Гевгелија за 2024 година во рамки Програмата за социјална заштита предвидува вкупно 4.020.000 денари. Од оваа сума, 760.000 денари се наменети конкретно за лицата со попреченост. Овие пари стигнуваат да се исплати само еднократна парична помош од по 6.000 денари за лица со попреченост или на нивното семејство, а се плаќа и превозот од дома до Дневниот центар за лица со попреченост во Гевгелија.

Од лани Општина Гевгелија преку оваа програма воведе и услуга лична асистенција за лица со попреченост, чиј давател е ОО Црвен крст – Гевгелија, а се реализира врз основа на меѓу општинска соработка помеѓу Општините Гевгелија и Богданци. Ова е преку Проектот за подобрување на социјалните услуги на Министерството за труд и социјална политика.

МСТП: За мал групен дом треба соработка меѓу сите чинители во Гевгелија

Не е прв пат да се отвора прашањето за Мал групен дом и во подрачната единица на Министерството за труд и социјална политика во Гевгелија. Меѓутоа и во оваа институција се повикуваат на потребата од опсежни анализи и наоѓање на соодветен простор. Прашањето е старо со години.

Пред две години имало средба меѓу заинтересирани семејства, претставници на Министерството за труд и социјална политика, на општината и граѓански здруженија. Но, подоцна здружението кое било заинтересирано да ја развива оваа услуга, се повлекло од иницијативата поради финансиски причини, но и немање објект кој би можел да се користи за таа цел.

„Треба да се направи функционална анализа и таргетирање на социјалниот простор со сите чинители. Ова прашање би требало да се разгледа и на седница на Општинскиот совет за социјална заштита со сите засегнати страни и да се констатираат сите ресурси со кои располага заедницата за развивање на оваа услуга таа да биде долгорочна“, наведуваат од Министерството за труд и социјална политика, Центар за социјални работи (ЦСР) Гевгелија.

„Досегашните искуства се позитивни и оние лица кои немаат услови за живеење во своите семејства или од други причини им е потребна вон – семејна заштита ја користат услугата живеење со поддршка“, наведуваат од ЦСР Гевгелија.

И додека се прават анализи, се чека да се најде заинтересирано здружение, кои би давало услуга на лицата со попреченост, родителите се во неизвесност за сегашноста и уште повеќе, иднината на нивните деца.

*Надица Маџирова е активистка во Здружението Полимат 13 Богданци.

**Ване Трајков е новинар.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE