Алатката Изборен навигатор овозможува да откриете која политичка опција најмногу одговара на вашите вредности

Струмичка истражувачка организација конструираше дигитална алатка која на граѓаните им овозможува, да откријат која политичка опција повеќе одговара на нивните вредности и убедувања. Алатката  Изборен навигатор, тврдат активисти и дизајнери на Центарот за истражување и анализи Новус, особено на младите, би можела да им овозможи полесно да направат избор во идните избори во Македонија.  

Активистите креираа веб страница на која со одговарање на 30 прашања, граѓаните можат да се позиционираат себе си на политичкиот спектар, односно кои кандидати одговараат на нивните вредности и убедувања.

„Освен во градовите од Југоистокот со низа средби и разговори ја промовиравме нашата официјална страна Изборен Навигатор и во Полошкиот, Пелагонискиот и Североисточниот регион каде граѓаните можеа да ги проверат своите ставови до кој кандидат за претседател или политичка партија најмногу тежнеат. Овој проект има цел да ја засили демократијата во земјата,  со фокус на политичкото образование и обука, регистрација на гласачите и образование за гласачките права на сите граѓани, а особено на млади новорегистрирани гласачи, како и вклучување на младите во демократскиот процес“, вели Борче Ризовски, проектен асистент во „Новус“.

Активисти на „Новус“ ја промовираат алатката Изборен навигатор

Освен за политичко само-откривање, Изборен навигатор може да служи и за информирање, како проверка во Избирачкиот список, улогата на Државната изборна комисија (ДИК) во изборниот процес, потоа за карактеристиките на политичкиот и на изборниот систем итн. Во изминатиов изборен циклус, фокус на Новус беа младите и нивното политичко и граѓанско вклучување, како и зголемување на нивните познавања за ефективно да ги анализираат политичките кандидати и партии.

„До Парламентарните избори над 3100 граѓани од цела Македонија го провериле својот став на Изборен Навигатор. Од тоа најголем процент се испитаници од Пелагонискиот регион. Одговорите се шаренолики и интересни, така што исказите на кои одговараат граѓаните се гледаат според Ликертовата скала. Сѐ уште е рано да се утврди финалната бројка и точни резултати на идеолошката позиционираност, но има доста голем интерес од страна на граѓаните“, вели Елисавета Џурновска, теренски работник.

Платформата Изборен навигатор е алатка креирана во рамките на проектот “Иницијатива за зајакнување на демократијата: зајакнување на политичкиот ангажман и учество во земјава“ поддржан од National Endowment for Democracy.

В.Т.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE