Search
Close this search box.

Црник – од село затрупано во ѓубре се претвора во најчисто село во Малешевијата

Пехчевското село Црник доживува вистинска комунална ренесанса. На повеќе места во населбата се поставени контејнери онаму каде што до неодамна ги немаше, јавните површини и околината се исчистени, а и редовно доаѓа камион за собирање на ѓубрето. Месното население и јавното претпријатие „Комуналец“ се договорија отпадот почесто да се подигнува, а жителите редовно да ги плаќаат сметките. Со тоа, лошата состојба со јавната хигиена од пред неколку месеци, денес е позитивно променета, а така ќе продолжи и во иднина.

Ова доаѓа откако Локал Актив пишуваше за потенцијалната еколошка катастрофа што подолго време му се закануваше на ова пехчевско село, по што следеа повеќемесечни преговори меѓу жителите и општината. Процесот на преговарање беше поттикнат од локалната заедница – свое застапување имаа здружението „Жена“ од Делчево и редакцијата на Локал Актив. Иницијативата за активирање на жителите на Црник покажа дека со добро организирање во микро-средините, работите можат значително да се подобрат.

Семина Патрова, лидер на младите од село Црник, која со својот тим учествуваше во чистењето на селото, вели дека меѓу нив има позитивна енергија и желба за дружење и акција.  

„Се здруживме затоа што знаеме дека се работи за нашето село, за младите, за сите нас. Поминавме и обука за креативен активизам, ни беше корисна. Ги посетивме сите семејства што даваа отпор и не сакаа да потпишат договори. Им кажавме дека ова е за сите жители, за да живееме здраво, а проблемите ќе мора да се решаваат еден по еден. Оваа акција за чистење ќе ја спроведуваме еднаш месечно и секој треба да биде свесен и да го чисти отпадот пред својот двор. Ние младите нема да дозволиме да се повтори ваква катастрофа во иднина“, истакна Патрова.

Еден од организаторите на акцијата за чистење на Црник е и Мамут Мустафов, кој е горд на позитивните промени во селото.

„Додека ние селаните не разјасниме што сакаме, никој не може да ни помогне. Остваривме средба со раководството на Општина Пехчево и ги договоривме сите детали. Еве, веќе втор месец редовно ни ги доставуваат сметките за ѓубре, контејнерите редовно се чистат и многу е подобро. Скоро секое домаќинство си потпиша договор, а за оние кои не сакаа, има соодветна постапка. Ние, како село поднесовме барање до Општината за формирање на месна заедница. На тој начин сакаме подиректно да одлучуваме за селото, а секоја помош, како што е помошта од Здружението ЖЕНА – Делчево е добредојдена. Проблеми има, но не смеат да се ставаат под тепих и да се игнорираат“, вели Мустафов.

Желба на жителите на Црник е да стане најчистото село во Малешевијата и како што велат – лошата лекцијата ја научиле и нема да ја повторуваат.

Младите пак, го очекуваат настанот „Зелен форум“ што ќе се одржи во текот на мај за да ги презентираат достигнувањата од нивниот активизам. Во тие рамки ќе организираат аукција со фотографии од некогашното „Црник затрупано во ѓубре“, за да не се заборави, но и да им се помага на најранливите семејства.

Т.А.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE