Search
Close this search box.

Пристапот до институциите за лицата со физичка попреченост: маратон со пречки

Автори: Зоран Ристов* и Зоран Ѓоргиев**

Ги искачивме до последната и внимателно ги преброивме скалите што водат до влезот на двете најважни институции за лицата со попреченост во градот Струмица. Тоа се институциите во кои овие луѓе треба да побараат телесни помагала, бањско лекување, рехабилитација или ослободување од партиципација. Вкупно 66 стрмни и остри скали водат до влезната врата на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) во овој град, а 47 скали водат до Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ). Никаде нема патека со лесен пристап за лицата со попреченост.

Да се заврши некоја административна работа во државна или локална институција е физичка и психичка борба за овие Струмичани. Поради бројните бариери, овие луѓе мора внимателно да избираат по кои тротоари и кои патеки низ градот ќе се движат. Возењето со количка за лица со телесна попреченост е возможно единствено по градските сообраќајници. Ова ги изложува на ризик овие луѓе поради бројните сѐ побројните автомобили и сѐ помалку совесните возачи кои управуваат со нив.

Размислувај различно, е едно од здруженијата кои ги штитат правата на лицата со попреченост. Активисти на оваа организација велат дека состојбата уште повеќе се влошува поради новиот начин на градба кој ги намалува јавните простори и зафаќањето на секој слободен простор со градежна механизација. Физичките бариери стануваат психички, страда и квалитетот на животот на лицата со физички хендикеп. Јовче Златевски, претставник на ова здружение вели дека ова е една од причините поради која луѓето со физичка попреченост имаат чувство на целосна исклученост:

„Ние, луѓето со физичка попреченост,  вклучително и лицата со намалена подвижност тесно сме поврзани со државната институција Фондот за здравствено осигурување – Струмица. Во иста таа зграда е сместен и Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. При секое излегување од дома една од првите помисли е дали пред институциите во кои одам  ќе има некој да ми помогне да се искачам по скалите? Дали ќе успеам сам да се искачам? Дали ќе имам среќа да сретнам некој познат да ми помогне? Прашања кои освен јас си ги поставува речиси секое лице со попреченост во струмичкиот регион“, вели Златевски.

Златевски тврди дека 70% од лицата со попреченост во градот се соочуваат со лоши услуги, најмногу поради физичката непристапност на установите.

Фотографија од приватна архива

ФЗОМ: Нема лифт ама има двајца службеници за помош и ѕвонче

За проблемот со пристапноста и архитектонските бариери Локал Актив се обрати до Фондот за здравствено осигурување. Прашавме, дали како институција имаат план да ја подобрат пристапноста до  подрачните одделенија за лицата со попреченост, особено за лицата со телесна попреченост.

„Во Подрачната служба на ФЗО – Струмица постои ѕвонче кое го користат лицата со попреченост. Ѕвончето се наоѓа на приземје, а за одговор се задолжени две лица кои одговараат на повиците, ги преземаат документите и ги распоредуваат соодветно според услугата која ја бара странката. Веднаш до ѕвоното постои известување за неговата намена, но се случува несовесни граѓани да го отстранат. Кога ќе се забележи дека е отстрането, веднаш се става ново известување“, одговорија од ФЗОМ.

До локалните граѓански организации во југоисточниот регион стигнуваат повеќе барања за помош во лична асистенција за лицата со физичка попреченост како и жалби за дискриминација и целосно социјална исклученост на овие лица. Здружението „Размислувај различно“ од Струмица, ги евидентира најчестите поплаки на нивните членови, сумирани во седум области:

1. Паркинг местата се премногу тесни да се сместат луѓето кои користат инвалидски колички.
2. Скалите за чекори на влезовите од институциите се премногу тесни. 3. Топчестите кваки на вратите се тешки за фаќање.
4. Патеките на влезовите се претесни за луѓето кои користат инвалидски колички, електрични скутери или самостоен шетач со ортопедско помагало.
5. Високи се шалтерите и тесни се патеките за наплата на каса.
6. Недостасуваат пристапни рампи по локалните и државните институции.
7. Недостасуваат обележани патека за движење на луѓето со количка по институциите.

Според Фондот, ова е пракса во сите Подрачни единици каде што нема или е отежнат пристапот на лицата со попреченост. Сепак, од Фондот не одговорија како планираат да ја решат физичката непристапност на зградата за лицата со физичка попреченост.

Во Струмичкиот регион според официјалниот податок од Јавната установа Меѓу-општински центар за социјална работа – Струмица, има евидентирано 242 лица со телесна попреченост. Од тоа 37 лица се со тешка телесна попреченост, 27 лица со потешка попреченост и 178 лица со најтешка попреченост.

Овие луѓе живеат живот полн со бариери. Велат дека малку улици имаат пристапи за колички, а  таму каде што ги има се направени без никакви стандарди.

Многу од овие лица коментираат дека е апсурдно тоа што тие што се прифатени како лица со попреченост од луѓето околу нив, но границите им ги поставуваат градбите и бетонот. Најголемиот проблем е што до ден денес се градат објекти без стандарди за пристапност или достапност на луѓето со физичка попреченост во смисла на спуштени тротоари, рампи за пристап, лифтови во институциите, односно сѐ што е стандард за градба во развиениот свет.

Александар Стојановски е еден од похрабрите струмичани кои зборуваат отворено за недостатоците во средината во која живеат и делуваат. Тој тоа го прави и покрај тешката дијагноза. Од 14-годишна возраст му е дијагностицирана Церебрална парализа која се развила во Параплегија – оневозможеност на моторната и сензорната функција на долните екстремитети. Но, поради неговата упорност, тој сѐ уште може да се движи со помагала, користејќи метални патерици и количка.

Кога доаѓа во Струмица да заврши некоја работа, раскажува Стојановски, е вистинска борба. Ни го раскажа неодамнешниот обид да стигне до Фондот за здравствено осигурување. Да стаса до таму имал долга и исцрпувачка мисија за пробивање низ сообраќајниот метеж, не-рамните улици и лизгавите плочки низ одредени делови во градот. На крајот, се обесхрабрил.

„Беше невозможна мисија. Се откажав и замолив мој сограѓанин да ми го достави барањето што сакав да го поднесам. Решив да се упатам кон Општина Струмица и до Советот да доставам поплака за ускратувањето на моето право на движење. И замислете, и таму на главниот влез од предната страна ме пречекаа остри скали и немање на пристапна рампа“, вели Александар Стојановски.

За него сериозен проблем претставува и ниското ниво на сообраќајна култура, но тесните паркинг места за возилата на лицата со инвалидитет.

„Сообраќајната култура е на најниско ниво, не само во Струмица туку и пошироко. Многу од возачите се паркираат непрописно и на недозволени места. Многумина од нив се паркираат на места што се обележани за лицата со попреченост. Штом ќе успеам да стасам до зградата во која се наоѓа некој од институциите – пак проблем. Нема рампа и така сѐ од почеток. Пак треба да молам некој да ме качи, а 50 скали кој ќе ги искачи?!“ прашува Стојановски.

Фотографија од приватна архива

Официјалното соопштение од општина Струмица, која ја контактиравме за да добиеме став, сугерира дека општината се грижи за пристапот до градбите. Велат дека за новите градби уште при самото проектирање мора да се предвидат соодветни патеки, додека пак во старите градби, како што тврдат, правеле интервенции секаде каде што условите тоа го дозволуваат. Останува, велат, само проблемот со паркинг местата.

„За овие паркинг местата за кои сметаат дека се премногу тесни, при нивното обележување се користи расположливиот простор соодветно на габаритот на улицата и истите се со поголема должина од стандардните  паркинг места. Ограничувачка причина при бележењето на  секој вид на дополнителни  патеки или паркинг простор  е немањето на доволен простор, а со цел да не се доведе во опасност лицето со инвалидитет, а исто така и сите останати учесници во сообраќајот“, информираа од општината Струмица.

Физичките бариери се одразуваат на менталното здравје

Овие бројни архитектонски бариери освен што го загрозуваат физичкото здравје на лицата со попреченост, сериозно се одразуваат и врз нивното ментално здравје. Психологот Македонка Галева Ристов, смета дека овие пречки ефективно служат за зајакнување на физичката и психосоцијалната изолација на овие луѓе. Галева Ристов објаснува дека постоењето на овие структурни или архитектонски бариери на патот, на лицата со телесен инвалидитет им ја одзема автономијата, можноста за активен социјален и економски живот. Со тоа, последователно ги изолира од можноста да напредуваат во сопствената средина.

„При разговорите со дел од лицата со телесна попреченост дојдовме до заклучок дека тие пред да излезат од дома и да стигнат до одредена институција, најпрво минуваат низ одредена ментална голгота.  Кај нив преовладува чувството на страв и срам да излезат од дома. Ги измачува прашањето како ќе се соочат со, но и  како ќе се снајдат помеѓу толпа народ. Нивните најблиски им даваат поддршка и ги бодрат, меѓутоа тоа не е доволно“, објаснува психологот.

И кога најпосле ќе соберат храброст, како што вели Галева Ристов, тргнуваат сами до одредена институција, кога наидуваат на првиот ред скали.

Фотографијата е преземена.

Проблемите поврзани со пристапноста до институциите за лицата со физичка попреченост не се решени – но тие се секако решливи. Примери од други држави во регионов укажуваат на тоа. Една од државите кои водат подеднаква грижа за сите лица со телесна попреченост е Словенија. Таму на многу практичен и креативен начин е решен овој горчлив проблем со архитектонските бариери – скалилата биле преадаптирани во пристапни рампи или биле вградени надворешни лифтови или ескалатори за движење на количките. Инвестицијата за овие промени биле минимални но волјата тоа да се направи била голема.

„Со голема храброст и упорност почнуваат да искачуват скала по скала, така чекор по чекор доаѓаат во одреден момент кога почнува да ги фаќа страв, добиваат напад на паника. Почнуваат да размислуваат: „Што ако паднам?!“  – или: „Не можам повеќе, немам концентрација“.  Или: „Што ако ме види некој и почне да ми се смее?!“. Од ведри и насмеани лица, стануваат нервозни и лути, полни со страв  и сомнеж, но и тага бидејќи никој не помислил на нив  и за жал на крајот пак се повлекуваат во себе и немаат желба повторно да излезат помеѓу народот. Менталниот склоп им се нарушува, среќата и позитивноста почнува да се намалува, а од  ден на ден се повеќе им се зголемува тагата, лутината и сомнежот кон останатите лица. Сето ова целокупно влијае на отежнување на нивната ситуација, а со седењето дома постепено им се намалува психомоториката која е од огромно значење за нормално функционирање на лицата од ваков вид“, вели Галева Ристов.

Има ли овде закон?

Законот за градење во делот насловен „Непречен пристап и движење до и во градбата“, во Член 11 пропишува: Градба за јавни и деловни намени и градби со намена домување во станбени згради, како и градби со станбено-деловна намена мора да биде проектирана и изградена така што на лицата со инвалидност ќе им се овозможи непречен пристап, движење, престој и работа до и во градбата“.

Во сила е и Законот за ратификација на Конвенцијата за правата на лица со инвалидност и Факултативниот протокол кон Конвенцијата за правата на лица со инвалидност, што Собранието на Република Македонија го донесе на седницата одржана на 5 декември 2011 година. Во член 3 точка Ф е потенциран задолжителниот пристап.

„Сите објекти да имаат пристапни рампи за инвалиди, а лифтовите да бидат приспособени за пристап на телесни инвалиди, како и да има дактилни патеки за слепите лица“

Иако регулирано со закон, имплементацијата во реалност е околу 30%, е проценката на Здружението „Размислувај различно“. Обезбедување на пристапноста е одговорност на институцијата. Но, на терен се гледа почитувањето на законите и прописите. Доволна е една посета на институции како што се ФЗОМ, ПИОМ, општина Струмица, Сектор за урбанизам и комунални работи и ред други институции. А лицата со попреченост не бараат многу – само доследно почитување на одредбите од Законот за градење, преку зајакнување на капацитетите на Министерството за транспорт и врски и регулаторни тела за обезбедување целосна пристапност и достапност на објектите.

* Зоран Ристов е активист во здружението Размислувај различно.

** Зоран Ѓоргиев е новинар.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE