Search
Close this search box.

Искористување на трудот на малолетници

Опис на проблемот

Недостатокот на работна сила, особено во услужните дејности, го извади на површината проблемот со незаконско работно ангажирање на малолетни лица во Македонија. Земјата е потписник на меѓународните конвенции со кои експлицитно се забранува експлоатација на трудот на деца до 13-годишна возраст. Сепак, во некои македонски ресторани и кафулиња, сѐ уште може да се видат малолетници кои послужуваат за да заработат за месечен џепарлак. Нив ги гледаме и во маркетите, во земјоделството и во други сектори. „Јавна тајна“ е дека низ целата земја голем број од лицата ангажирани во угостителскиот сектор се малолетници, кои не се уредно пријавени ниту пак се осигурени. Дел од работодавачите, за ова прашање имаат став дека работата пред полнолетството е скапоцено искуство за младите – можност тие да стекнат практични вештини, но и да научат, како што велат, „како се раѓа лебот“. Сепак, граѓанските организации чиј главен фокус на застапување се правата на децата, аргументираат дека ваквото вработување е незаконско, бидејќи често се ангажираат деца под 16 години. Тврдат дека ваквата пракса води кон експлоатација на малолетниците.

Локал Актив пишуваше за овој проблем во сторијата објавена во јануари 2024 година.

Барања

  • Подрачните единици на трудовиот инспекторат од Источниот и Југоисточниот регион да ги засилат контролите на терен со цел да се заштитат малолетниците.

  • Министерството за труд и социјална политика, врз основа на официјални статистички податоци, да објавува редовни анализи за заштитата на децата и младинците, согласно членот 7 од Европската социјална повелба и да предлага политики и мерки за да се адресира проблемот на незаконско работно ангажирање на малолетни лица.

Застапување за решавање на овој проблем

Во рамки на уредништвото на Локал Актив, граѓанска организација која изработи план на активности за застапување за да се поттикне решавањето на овој проблем е Регионалниот центар за застапување од Делчево.

Реализирани активности
  • Во април 2024 година беше одржана средба меѓу претставници на локалните институции и родители од Делчево, на која беше договорено да се формира работна група за справување со проблемот на незаконското вработување и експлоатирање на малолетни лица и да се изработи Акциски план со активности што ќе придонесат за подобрување на моменталната ситуација.
  • Врз основа на заклучокот од одржаната средба, усвоен е Акциски план со активности што ќе придонесат за подобрување на моменталната ситуација.

Локал Актив и натаму ќе ги следи мерките што ги преземаат институциите и ќе презема нови активности за решавање на овој проблем.  

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE