Search
Close this search box.

20 мобилни станици ќе го мерат нивото на загаденост во Струмица 

Во различни временски интервали и на различни локации во текот на целата година 20 мобилни мерни станици поставени од Еколошкото друштво „Планетум“ ќе ја бележат загаденоста во Струмица и околината.

Овие резултати ќе бидат употребени да се направи споредба на квалитетот на воздухот во и надвор од грејната сезона.

„Планирано е да се снима и со дрон кој директно ќе може да укажува, но и да направиме споредба со веќе постоечките државни мерни станици во Струмица, затоа што сепак,  релевантно мерење е од мерните станици поставени од Министерството за животна средина. Меѓутоа, ние сакаме да имаме споредба на сите мерења. Како прво, дали се потврдува нивното и нашето мерење и второ – да укажеме кој е директниот загадувач, за да не се префрлува вината единствено на домаќинствата, затоа што како загадувачи може да се јават и мали и средни претпријатија кои неконтролирано горат разни видови на отпадоци“, вели Александар Лазаров од „Планетум“.

Фотографии од приватна архива

Добиените резултати од мерењата треба да им послужат на надлежните институции полесно да ги лоцираат загадувачите, но и да санкционираат доколку има потреба за тоа.

„Ако јавноста укажува од каде доаѓа загадувањето некој мора да преземе одредени активности. Дали ќе биде тоа промена на стандардните јавни политики за заштита од загадувањето, дали ќе биде со санкции. Можеме да ја покренеме јавната свест и да укажеме дека сакаме чист воздух како што е загарантирано и со уставот на Република Македонија“, додава Лазаров.

Во последните неколку години Струмица во континуитет е на врвот на листата најзагадени градови во државата. Ова го потврди и извештајот за 2023 година на швајцарската организација IQAir  според кој Струмица се најде меѓу првите 15 најзагадени градови во Европа.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE