Search
Close this search box.

Делчевската бура во 2023 ги однесе домовите на десетици семејства – оваа локална средина денес не е поотпорна на природни непогоди

Авторки: Родне Деолска* и Викторија Димитрова**

Помина една година од големото невреме во Делчево. На 8 јуни 2023 г., врнежите од дожд и град, кои траеја неполни 2 часа, предизвикаа поплави какви што градот не памети. Исходот од ова невреме беа над 60 поплавени објекти и автомобили, оштетени улици, уништени раноградинарски производи и сето тоа проследено со прекини во снабдувањето со електрична енергија, водоснабдувањето и отежнато движење на автомобилите во сообраќајот.

Следниот ден, Советот на Општина Делчево  свика вонредна седница и прогласи состојба на елементарна непогода.  Веднаш беа формирани Комисиите за санирање на штетата на јавната инфраструктура, на земјоделските површини и на физички лица. Отворени беа и донаторски линии. На 20-ти истиот месец и Владата на Северна Македонија прогласи кризна состојба во Делчево заради справување со поплавите и последиците од нив.

Штетата врз локалната инфраструктура, беше проценета на еден милион евра. Солидарноста од други општини на градот му донесоа помош од 1.800.000 денари. Голем дел од улиците и останатата инфраструктура беа обновени. Но, уништениот имот на граѓаните, не беше саниран – тие и 11 месеци по невремето, не успеваат да завршат со санација на штетите.

Тој јуни, 2023-та во Делчево наврнаа 65,0 mm на метар кубен дожд. Поради поројните врнежи и грмежи, во текот на ноќта беа евакуирани стотици граѓани. За миг со себе дождот ги однесе највредните работи од нивните домови, покуќнината – а со неа и многу спомени.

Фотографија од приватна архива

Во чевлите на оштетените семејства

Бидејќи најоштетените домови сѐ уште не си го вратиле стариот лик, Локал Актив посети две семејства чиј имот беше оштетен.

Домот на семејството Мемедовци бил целосно поплавен. На фасадата од нивната куќа, сѐ уште се видливи трагите од поплавите – на надворешните ѕидови останала мемла, а семејството една година подоцна ги трпи последиците по нивното здравје. Без доволно финансии, тие бавно ја санираат штетата. 

Рамизе Мемедова сведочи дека нејзиното семејство сега мора да отплаќа кредит. Помладите членови на семејството заминале на печалба во странство, за да си го вратат домот по поплавите. Рамизе вели дека се изморени од празните ветувања на властите, па  морале работата да ја земат во свои раце. 

„Една година веќе како помина, се’ уште се санира од поплавите, правиме сѐ што можеме и  што не можеме. Од Општината дојдоа и во моментот го направија тоа што беше итно – го исфрлија отпадот, водата ја испумпаа, запишаа сѐ што имаше штета. Ветуваа  дека нешто ќе помогнат, ама од сето тоа уште нема ништо. Децата ми заглавија со кредити, сѐ уште се санира, работа има уште, ветуваа дека за дворот ќе помогнат со потпорен ѕид за заштита, но и од тоа ништо нема“, вели Мемедова.

Локал Актив при посетата на семејството Мемедовци, забележа дека дворот веќе им е саниран со нови шахти. Имаше и складиран градежни материјали за поправките на внатрешноста на домот. Мемедовци, сепак велат дека ќе им треба уште многу време и пари, за да ја средат куќата. 

На само една улица над ова семејство живее семејството Фејзуловци. Нивната куќа за период од три години беше зафатена двапати од поплави. Живеат во близина на канал, каде што често „пливаат“ стари фрижидери, телевизори и секаков отпад. Фејзуловци повеќе пати апелирале до институциите навреме да се чистат атмосферските канали. Ова, ден по поплавите го потврди и градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, кој рече дека цврстиот отпад и надојдената вода од врнежите, биле причина за поплавените дворови и куќи на жителите на Делчево. Домаќинката на поплавената куќа Самиха Фејзулова, покажува кон распоредените вреќи со песок во дворот, кои таа вели дека ги нарачала „за секој случај“. Вреќите се поставени на клучни места во дворот и гаражата.

„Доаѓаа и од Скопје и други градови, ама жално е што доаѓаат, а ништо не се презема. Кај нас целиот кат – речиси 80 метри квадрати – беше поплавен. Сѐ исфрливме. И мебел, електрика и сѐ ново требаше да се купи. Малку дожд да има – стравуваме, а камоли од повеќе. Секој дожд, јас стравувам, тоа е нормално и природно нешто. Ако се направи нешто од општината – канализациите, ендеците  да бидат редовно чистени, мислам дека нема да биде до толку лошо“, вели Фејзулова. 

Запрашани за овие барања, од општина Делчево нѐ информираа дека  до нив нема пристигнато ниту едно барање од страна на граѓани за финансиско обештетување кое е поврзано со поплавите. Сите барања беа за помош околу отстранување на последиците после поплавите и на сите граѓани им е излезено во пресрет.

Институциите и нивната ефективност

Но, во долгата у усложнета процедура се гледа разногласието меѓу граѓаните од една страна и Општината од друга. Граѓаните може да побараат еднократна финансиска помош преку барање што се доставува до Советот на општината. По разгледувањето на барањата во Комисиите, како помошни тела, тоа оди на гласање во општинскиот Совет. Како што објаснуваат од Општината, според интерните акти, Советот има можност да изгласа еднократна помош најмногу до 30.000 денари – средства што се обезбедуваат од општинскиот Буџет.

Што се однесува до обештетувањето по проценката на штети, средствата стигнуваат од државниот Буџет. Општината ги повикува граѓаните да ги пријават штетите. Потоа претставници на институциите  одат на терен, прават проценка и конечно, изготвуваат елаборат за вкупните штети на територија на општината, кој ѝ се доставува до Владата. До Комисијата за проценка на штети после поплавите на 8-ми јуни, во Општината Делчево пристигнати се 160 пријави од граѓаните. Најмногу пријави има за поплавени подруми, пониски простории, оштетен мебел, апарати за домаќинство, а има и пријави за поплавени и оштетени автомобили.

На седница, Владата го усвојува елаборатот изготвен од проценители на штети врз основа на теренската посета и утврдените последици, во случајов од поплавите. Дури по усвојувањето на елаборатот, следи исплата на граѓаните.

Според информациите од Општината Делчево, сѐ уште се работи на елаборатот, како основен документ врз основа на кој понатаму одлучува Владата да додели средства на граѓаните.

Фотографии пред и по невремето ул. Царевоселска Делчево

На 5 Август 2020 година силниот ветер кој го зафати Делчево однесе неколку лимени покриви меѓу кои и на една од зградите во центарот на градот. Две години подоцна на 25 Јуни 2022 година невреме со силен ветер поплави повеќе улици, искрши многу од градските дрвја и однесе билборди, оџаци и бандери.

„Станува збор за посложена процедура која е во тек. Првата фаза-која подразбира формирање Комисија, увид на пријавените оштетени објекти од непогодата и изготвувањето записници е завршена. Наредниот период треба да се направи елаборат со процените од овластени проценители и тој да се достави до надлежната републичка комисија“, одговори ПР службата на Општина Делчево.

Со ваков тек на работите, на обештетувањето ќе се почека. Во пракса постапката оди бавно, а во некои случаи поминуваат и по година – две, па и три години. Во меѓувреме, семејствата како она на Мемедовци и на Фејзуловци, сами се обидуваат да ги прилагодат домовите за живеење.

Со прогласување на кризната сосотјба, Владата донесе Одлуката санација на штетите од невремето во Делчево. Тоа на терен во Делчево ги донесе работниците и механизацијата на државните компании Македонија пат и ЈП за одржување магистрални и регионални патишта, како и Инженерски тим од АРМ. Заедно со општината Делчево и ЈКП „Брегалница“, беа санирани шест улици, мостот на Црквенска Река пред Делчево, и еден локален пат. Останува несаниран уште мостот на реката Брегалница.

И додека градот се уредуваше, граѓаните се обраќаа до банките за кредити или посегнаа по своите скромни заштеди.

Најголеми штети невремето направи на  жителите на улиците „Царевоселска“, „Брегалничка“, „Голачка“, „Јане Сандански“, „Иво Лола Рибар“, крак од улица „Македонија“, населбата „Пролет“ и дел од улицата „Маршал Тито“. Локал Актив беше во обиколка на овие улици. Сите семејства кои ги посетивме, сведочат дека во првичните моменти на непогодата, надлежните служби  им излегле во пресрет со испумпување на вода од домовите, чистење на надојдена земја и отпад и првична санација. Додека чекаат обештетување, од надлежните тие сега бараат дозвола за неколку дополнителни градби околу куќата (поставување огради, потпорни ѕидови, бетонирање) со цел да се заштитат од нови поплави. 

Но, на ова тврдење од граѓаните, од општината велат дека конкретно за улиците Царевоселска и Индустриска нема ветено и нема пристигнато барање за изградба на потпрен ѕид кои пак се целосно реконструирани и асфалтирани.

„Двете споменати улици се наоѓаат во населба која е на рамничарско место – површина од каде може да се види дека ниедна од куќите нема, ниту имала потреба или пак имала изградено до сега потпрен ѕид. Таму каде што има воопшто некаков ѕид станува збор за дворна ограда која не е повисока повеќе од 50 сантиметри“ – во писмен одговор тврдат од Општината.

Гаража направена со цел да заштити новоизградената куќа од идни свлечишта додека се чека изградбата на потпорен ѕид. Ул Брегалничка Делчево

Експертите предупредуваат вакви феномени ќе имаме често

Проф. д-р Горан Марковски, декан на Градежниот Факултет во Скопје при неговата посета на Делчево, два дена после поплавите, истакнал дека поплавите ќе зачестат почесто. Ова е неговата изјава од пред речиси една година:

„Со оглед на климатските промени и она што го гледаме кај нас и во соседството мораме да бидеме свесни дека вакви работи ќе има сѐ почесто и затоа мора технички да се подготвуваме да бидеме опремени за да можеме да реагираме, а што е уште поважно да реагираме превентивно за да имаме што помали штети“, рече тогаш Марковски.

Проф. д-р Горан Марковски, декан на Градежниот Факултет во Скопје

Поради тоа, општините како Делчево, треба да се подготват со цел да ги намалат штетите и врз граѓаните и врз инфраструктурата.

Општина Делчево во 2016 година изработи 10 годишна Стратегија за климатски промени која меѓу другото предвидува и мерки за ублажување на поплавите, излевање од речни корита и слично. Поставување на атмосферска канализација е оценето дека е клучно во намалувањето на последиците од поплавите, поради што овде е даден акцентот во насоките на Стратегијата. Се почна со поставување на атмосферска канализација на улицата „Даме Груев“, по што таква инфраструктура продолжи да се поставува и во останатите делови од градот.

„Атмосферската канализација во градот има капацитет да одговори на врнежи кои се во рамки на климата и мерењето на врнежите во регионот во изминатиот период. Затоа и за време на поплавите имаше два проблема со атмосферската канализација – големи количини врнежи и бавно прифаќање на надојдените води и канализација преполнета со отпад од страна на несовесни граѓани при градење на недозволени објекти на јавни површини. Каналите се чистат согласно програмата на општината“ – информираа од Општина Делчево.  

Овој стратегиски документ, кој е објавен од страна на Општината, содржи и предлог активности за следните години со кои се предвидени изградби на системи за заштита од поплави, чистење на речните корита, пошумување и засадување трева на речните корита, адаптација на мерки за адаптација кон климатските промени и слично. 

Претставниците на Општина Делчево за Локал Актив велат дека до сега, искористиле неколку можности преку проекти добиле средства за регулацијата на реката Брегалница кај Делчево, планот за справување со поплави на Општина Делчево, а преку билатерална соработка со Словенија и Швајцарската конфедерација, обезбедена е и опрема и обука за справување со поплави на Територијалната противпожарна единица од Делчево.

Помалку врнежливи денови, но поголем интензитет на врнежите

Управата за хидрометеоролошки работи информира дека се забележува тренд на намалување на бројот на денови со појава на врнежи, но има зголемување на интензитетот на врнежите. Во последниот период, на овие простори, има сѐ позачестена појава на циклони, чија силина и влијание, во одделни прилики наликува на оние кои се јавуваат во тропските области.

„Мината година во Делчево во попладневните часови имало нестабилна облачна маса која довела до појава на невреме проследено со интензивен пороен дожд и грмежи. Вкупното 24 часовно количество на врнежите изнесувало 65,0 mm. Интензивните врнежи со кусо траење го достигнаа својот максимум во август 2016-тата (Стајковци). Според податоците на 6-ти август 2016 година, регистрираниот рекорден интензитет со веројатноста за ваква појава  еднаш во илјада години“ – нѐ информираше Александра Стевков, раководител на Одделението за климатологија и климатски промени во УМХР, според која, последните природни катастрофи во регионот и кај нас, исклучително ја подигнале свесноста за ранливоста на општествата кон климатските промени и го вклучија алармот за итен институционален одговор и адаптација. 

Според Светската метеоролошка организација (СМО), климатските промени забрзано водат кон климатски и временски екстреми (деструктивни поплави, силни суши, топлотни бранови, интензивни врнежи, шумски пожари и бури), кои за жал, ќе станат вообичаени и се очекува да имаат се поголеми социо-економски и развојни последици на целата планета. Науката дава определено ниво на доверба дека се уште можеме да ги ублажиме климатските промени, до прифатливо ниво. Денес, малку луѓе ги оспоруваат доказите за ефектот на климатските промени.

Голема одговорност во справувањето со елементарните непогоди имаат општините. Тие треба да делуваат превентивно, преку чистење на каналите, речните корита, грижата за атмосферската канализација, пошумувањето, изградбата на насипи. Трошоците за спроведување на превентивни мерки, се далеку помали од штетите што предизвикуваат  поплавите ги предизвикуваа. Но, вообичаено, во Македонија најмалку пари се издвојуваат за превенција.

*Родне Деолска е граѓанска активистка од „Регионален центар за застапување – Делчево

*Викторија Димитрова е новинарка.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE