Search
Close this search box.

Чадот од комуналната депонија два месеца ги задушува граѓаните на Кочани

Повеќе од два месеца густи облаци од чад се издигнуваат од депонијата кај кочанското село Бели во подножјето на Осоговските Планини, со која стопанисува КЈП „Водовод“. Граѓаните често реагираат поради загадувањето на воздухот и ширењето на силна миризба од изгорени материи што таму се исфрлаат.

Чадот се шири по целиот планински предел на Осоговијата, достигнувајќи дури и до оддалечените села Цера и Главовица, а во текот на доцните попладневни и вечерните часови, неговото присуство се чувствува и во градското подрачје.

Високите трошоци и лошата финансиска состојба во која се наоѓа комуналното претпријатие се главна причина што годинава не е спроведен третманот на депонијата со морски алги. Тоа во претходните неколку години се покажа како успешен метод за спречување на палењето на метанот којшто се појавува при распаѓањето на органските материи.

Но, претставници на КЈП „Водовод“ сметаат дека огнот на депонијата е намерно предизвикан од лица кои таму собираат метални отпадоци, пластични шишиња и друг отпад што прави дополнителен притисок врз капацитетот на претпријатието. Поради тоа до МВР биле поднесени неколку пријави против непознат сторител. 

За спречување на ширењето на огнот ова јавно претпријатие користи механизација со која го затрупува отпадот со земја. В.д. директорот Перо Георгиевски смета дека за решавање на проблемот е потребна е вклученост на повеќе институции:

Третман на депонија со морски алги

„Одговорно тврдам дека доколку немаше избори и доколку намерно не се палеше седум месеци, ќе можевме да најдеме начин да се третира депонијата и без алги и со минимални финансиски средства. Седум месеци состојбата со депонијата беше во ред, а во последните два мистериозно почна да чади. Треба да се вклучат сите чинители – Центарот за социјални работи, Министерството за внатрешни работи, Министерството за животна средина, за да се најде трајно решение. На тие четириесетина лица, кои практично живеат во шатори на депонијата, треба да им се помогне, да им се најде редовна работа и да се вратат во нормален живот. Знаеме дека тие користат патнички возила за транспорт на пластика и метал, што не се регистрирани. Палат гуми и друг отпад за да дојдат до металот, а цехот, за жал, го плаќаат сите граѓани“, истакна Георгиевски.

Депонија во Кочани

Дополнителен проблем, според него, е тоа што на депонијата во Кочани веќе се исфрла и отпадот од соседните општини, како дел од преземените обврски со проектот за изградба на регионална депонија кај Свети Николе. Со оглед на досегашната динамика, но и начинот на неговата реализација, се создава хаотична состојба што комуналното претпријатие не може само да ја разреши.

„Проектот за регионална депонија што го спроведува Министерството за животна средина е тотално погрешно поставен, бидејќи куќата ја градат од кровот, наместо од темелот. Наместо прво да се изгради таа депонија, па потоа да почне затворањето на другите општински депонии, кај нас почна обратно. Очекувам дека 

другите региони нема да ја направат грешката како во Источниот плански регион. Покрај со 60 илјади кубни метри комунален отпад од Кочани, комуналното јавно претпријатие „Водовод“ е оставено да стопанисува и со 30 илјади кубни метри отпад од општините Виница, Зрновци и Чешиново-Облешево. Министерството пак, нема донесено правилник за да можеме ние да им наплаќаме на тие општини за депонирањето на нивниот отпад кај нас. Во неколку наврати директно се обративме со барање тоа да обезбеди дополнителни финансиски средства за третман или пак да распише јавна набавка за да може да се третира отпадот, додаде Георгиевски.

Извесно е дека ќе помине уште време во префрлањето одговорност и барањето решенија на меѓу локалните комунални претпријатија и ресорно министерство. Граѓаните пак, не можат да чекаат, а незадоволството и револтот од бавните мерки постојано се зголемуваат. Револтот се гледа на социјалните мрежи.  

T.A.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE