Search
Close this search box.

Кочанчани на протест бараат од локалните власти да го решат еколошкиот проблем со Градската депонија

Група граѓани преку социјалните мрежи упатија повик до сите засегнати граѓани на Кочани да им се придружат на протестот, како што велат, „во битката за чист воздух и здрава животна средина“. Протестот е закажан за денеска (среда, 19 јуни) во 19 часот во центарот на Кочани. 

Граѓанското организирање доаѓа по повеќе од две месеци непрекинато чадење од запалената Градска депонија кај селото Бели, поради што во чад е целата Кочанска котлина. 

„Градската депонија кај село Бели со месеци гори, Кочанчани дишат екстремно загаден воздух збогатен со канцерогени честички. Ова претставува голема опасност по здравјето на сите што живеат во Кочанската котлина и пошироко“, реагираат граѓаните во повикот за протест.

Чадењето на Градската депонија не е нова појава. Овој пат депонијата не престанува да гори и чади веќе трет месец, а општинските власти бавно реагираат со решение. Под притисок на граѓаните и повиците да се преземат мерки, на последната седница на Советот на Општината Кочани, одржана на 14 јуни, градоначалникот Љупчо Папазов најави издвојување на еден милион денари од општинскиот Буџет за набавка на алги, што до сега се покажа како најефикасно средство за сопирање на чадот. 

Состојбата со депонијата вчера ги собра членовите на Локалниот совет за превенција, кои побараа од ЈКП „Водовод“  кое стопанисува со депонијата, да го огради и осветли просторот каде се одлага отпадот. Целта е да се превенира неовластеното присуство на депонијата. Исто така, од полицијата се бара патролирање, а од Министерството за заштита на животната средина да одобри средства за справување со проблемот до изградбата на  Регионалната депонија кај Свети Николе. Од „Водовод“ е побарано да пропише тарифник за општините кои го одлагаат отпадот на депонијата во Кочани.   

Како што веќе пишуваше Локал Актив, високите трошоци и лошата финансиска состојба во која се наоѓа Јавното комунално претпријатие „Водовод“, се главна причина што годинава не е спроведен третманот на депонијата со морски алги. Тоа во претходните неколку години се покажа како успешен метод за спречување на палењето на метанот којшто се појавува при распаѓањето на органските материи.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE