Search
Close this search box.

Сторија на Локал Актив ја доби наградата „Гласник на невидливите“

Сторијата „Македонските печалбари во Италија, не можат да го остварат своето право на пензија, по повеќе од две години“, објавена на непрофитниот медиум на заедницата Локал Актив, ја доби наградата „Гласник на невидливите“ што ја доделува Македонската платформа против сиромаштија (МППС). Автори на сторијата се новинарот Тони Ајтовски и граѓанскиот активист Зоран Биковски од здружението ЖЕНА од Делчево.

Целта на доделувањето на наградата „Гласник на невидливите“ е промоција на одговорно и професионално новинарство во чиј фокус се различни аспекти на социјалната исклученост со која се соочуваат луѓето кои живеат во сиромаштија. Оваа награда се доделува и во десетина други земји, според исти утврдени стандарди и критериуми, меѓу кои: релевантноста на темата, умешноста на новинарот во презентирањето на контекстот и историјата на проблемот, длабочината на истражените аспекти, достоинственото прикажување на засегнатите лица, потребните идни чекори што треба да се преземат за да се реши проблемот, како и низа други аспекти.

Новинарот Тони Ајтовски, при доделувањето на наградата, нагласи дека Локал Актив, како онлајн медиум на заедницата, веќе две години отвора нови и запоставени теми на локално ниво и им дава глас на различни категории ранливи групи граѓани. Сториите на Локал Актив заеднички ги изработуваат граѓански активисти и професионални новинари – кои соработуваат во рамки на заедничката редакција на Локал Актив.

Наградената сторија го обработува проблемот на околу 150 македонски граѓани, кои дел од својот работен век до пензионирањето го поминале во Италија, но повеќе од две години по остварувањето на правото на пензија, не ги добиваат парите од странство. По враќањето во Македонија, овие „италијански пензионери“ земаат пензија во висина на социјална помош, па дури и помалку од тоа. По објавувањето на сторијата Локал Актив покрена циклус на застапување за правото на пензија на „италијанските повратници“.

Претседателката на Институтот РЕСИС, Снежана Трпевска со новинарот Тони Ајтовски

Локал Актив е иницијатива која ја координира Институтот РЕСИС, поддржана од Националната фондација за демократија од САД (National Endowment for Democracy). Целта на  иницијативата е да се поттикне развојот на непрофитните медиуми на заедницата во земјава – како трет медиумски сектор, кој е од клучно значење за развој на локалната демократија и за остварување на комуникациските права на локалните заедници и маргинализираните групи граѓани.    

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE