Search
Close this search box.

Народниот правобранител привремено ја запре постапката за италијанските пензии

Народниот правобранител привремено ќе ја запре постапката, но нема да се откаже од следење и актуелизирање пред институциите на предметот за остварување старосна пензија на македонските граѓани кои дел од работниот век го поминале во Италија.

Во одговорот до Фетах Јашаров од Делчево – еден од пензионерите кој бараше вмешување на Народниот правобранител – институцијата информира дека разменет е список на спорни досиеја меѓу македонското Министерство за труд и социјална политика и Амбасадата на Италија, но и по четири ургенции, сѐ уште нема одговор од италијанските институции. Со тоа, Народниот правобранител ја запира потапката, но останува да го следи случајот.

Се работи за еден од предметите на околу 150 „италијански“ пензионери, што го актуелизираше Локал Актив и за кој здружението „Жена“ од Делчево продолжи да работи со застапување. На овие македонски граѓани повеќе години не им стигнува месечната пензија од Италија, откако таму поминале дел од својот работен век. Проблемот се појавил кога меѓудржавниот договор потпишан во 2014 година не бил ратификуван од италијанска страна.

На крајот на мај годинава од канцеларијата на Народниот правобранител е доставен втор официјален допис до пензионерот Фетах Јашаров, кој со претставка побара интервенција во постапката за остварување на неговото право на старосна пензија од Република Италија. По разгледувањето на приложените докази, Народниот правобранител го известил Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на РСМ и побарал образложение за причините за одолговлекување на постапката.

„Добиени се информации дека и покрај доставените ургенции од страна на Фондот, од кои последната е доставена на 12.02.2024 година, сè уште не е доставен одговор од страна на италијанскиот носител на социјално осиryрување. Инаку, во контекст на истата проблематика, Министерството за труд и социјална политика достави известување со бр. 09-4/2024 од 12.02.2024 година за преземените мерки во однос на ова прашање, меѓу кои и за одржаната средба помеѓу министерката за труд и социјална политика и амбасадорот на Република Италија, на која било разговарано за проблемите кои се појавуваат околу практичната примена на старата конвенција за социјално осиryрување. Притоа е потврдена потребата од воспоставување  комуникација меѓу претставниците на органите со цел решавање на барањата за остварување на правата од пензиското осигурување“, се истакнува во дописот од Народниот правобранител.

По состанокот меѓу претставници на надлежните органи за врска на двете држави бил разменет список на спорни досиеја со цел тие да се проверат и да почне постапка за разрешување.

Народниот правобранител побарал од македонското Министерството за труд и социјална политика да провери дали во списокот на спорни досиеја е евидентирано и досието на Јашаров и дали е постигнат договор помеѓу двете надлежни страни. Министерството потоа го контактирало Фондот на ПИОМ, од каде е добиено известување дека сè уште не е доставен одговор за остварување на правото на пензија од Италија и покрај доставените ургенции, како и дека на 30.04.2024 година е испратена четврта по ред писмена ургенција до италијанскиот орган, соопштува народниот правобранител.

Поради тоа, Народниот правобранител одлучува да ја запре постапката за Јашаров,. Институцијата дека проблемот повторно ќе го актуелизира пред надлежните министерства.

Т.А.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE