Автори: Зоран Биковски и Ване Трајков
ПАП-тестот е најевтиниот, наједноставниот и најбрз метод за испитување на промените во грлото на матката. Така е наречен според името на неговиот изумител – цитопатологот Јоргос Папаниколау кој ја стандардизирал процедурата во 1920-те години. По неколку поедноставувања низ историјата, денес, ПАП-тестот може да спречи и до 80% од појавноста на канцер на грлото на матката – како што сугерираат неколку глобални студии, меѓу кои и студијата објавена 2005 година од Меѓународната агенција за истражување на ракот (IARC).
Жените во Македонија од возрасната група меѓу 36 и 45 години, до крајот на 2022 година имаа право на бесплатен ПАП тест, како што предвидуваше тогашниот Скрининг план за рана детекција на рак на грло на матка кој беше дел од Програмата за рана детекција и скрининг на малигни заболувања. Оние жени кои влегуваа во оваа возрасна граница, имаа можност, секоја година, преку апликацијата креирана во електронскиот систем Мој термин да аплицираат и да им биде закажан термин за преглед.
Но, во 2023 година била направена промена, бил проширен опсегот на возраста на жените кои можат да направат бесплатен тест, но затоа пак била намалена фреквентноста на правење ПАП тестови. Од таа година бесплатен ПАП тест им следува на сите жени од 21 до 59 годишна возраст, но тоа право тие може да го искористат еднаш во три години, а не секоја година како дотогаш.
Како резултат на Програмата за рана детекција и скрининг на малигни заболувања за 2024 година, пациентките кои сакаат да се тестираат, а влегуваат во категоријата жени опфатени со неа, треба да се пријават на платформата, по што Министерството за здравство, преку апликацијата Мој термин, ги повикува да го направат бесплатно тестот кај нивниот матичен гинеколог.
За спроведување на Програмата за рана детекција на рак на грлото на матката и мамографија, оваа година, од државниот буџет, Македонија издвоила 23,5 милиони денари или нешто повеќе од 380 илјади евра. Во 2023 година за таа намена биле потрошени 10,5 милиони денари.
Големите ефекти на „малата“ промена во Програмата за скрининг, на локално ниво
Но, зголемувањето на вкупниот буџет и проширувањето на опсегот на популацијата која е опфатена со скрининг, не значи и подобрување на практичните ефекти на Програмата.
Напротив. Со промените, жените кои очигледно доаѓаат од социјално најзагрозените категории заедници и не можат да си дозволат да платат за ПАП-тест, сега, правејќи ПАП-тест еднаш на три години, наместо секоја година, се изложени на значително поголем ризик канцерогените промени да не им бидат детектирани на време.
Доколку жената која не ги исполнува критериумите на Програмата, а сака да го направи годишниот ПАП-тест, за кој гинеколозите апелираат дека треба да се прави редовно секоја година, ќе треба да плати меѓу 1000 и 1500 денари, во зависност од ценовникот на ординацијата. Тоа, за жени чии семејства се во економски ризик, е значаен, а во некои случаи и премногу висок трошок што не можат да си го дозволат.
Фокусот на Локал Актив во оваа сторија е ставен на социјално загрозените жени од општина Делчево, но со ист проблем се соочуваат и жените во социјален ризик низ цела Македонија.
Лилјана Тричковска е гинеколог во Делчево, но и лекарка која активно повикува на редовен гинеколошки преглед најмалку еднаш годишно, со правење ПАП-тест. Помагајќи во иницијативите на некои локални граѓански организации, таа е активен чинител во подигнувањето на свеста за важноста на грижата за репродуктивното здравје. Таа за Локал Актив ги потврди измените во Програмата за рана детекција:
„Сега следува бесплатен тест само ако жената во репродуктивниот период нема направено ПАП-тест во последните три години. Во спротивно се наплаќа ‘приватно’. Доколку последниот ПАП-тест не ѝ е уреден, тогаш ќе ѝ се направи нов со партиципација. А ние како гинеколози само ги спроведуваме одлуките на Министерство на здравство“, вели д-р Лилјана Тричковска.
Програмата за рана детекција на малигни заболувања им задава повеќе задачи на гинеколошките ординации, за што тие добиваат средства. Според неа „гинеколошките ординации вршат: поканување на жените да се вклучат во организираниот скрининг во рамки на остварување на превентивните цели, преглед на жените со земање материјал за ПАП тест за возрасна група од 21-59 години кои во последните три години не направиле ПАП тест и кои изразиле интерес во рамки на апликацијата креирана во електронскиот систем Мој термин. Потоа, доставување на материјалот до цитолошката лабораторија и известување на жените за резултатот од ПАП тестот“.
Едноставно кажано, промените во Програмата значат дека, доколку една жена се посомнева дека има канцерогена промена на грлото на матката, но во минатата година добила негативен резултат од прегледот – оваа година нема да има право да биде прегледана без надоместок. Така, оваа жена, особено ако доаѓа од социјално загрозена категорија граѓани, би била во вистинска смисла на зборот – „обесправена од системот“. Ова се случува во услови кога Институтот за јавно здравје објави дека секоја година има близу 7 000 новозаболени од сите типови на канцер во државата, при што карциномот на грлото на матката, според анализите на Институтот, e шестиот најчест карцином кај жените во РСМ во последните 10 години.
Лавиринтот и луѓето во него
Дел од жените во делчевско, со кои разговаравме, не се информирани соодветно за промената и реагираат дека иако се пријавуваат за бесплатен тест, тие никогаш не добиваат покана да го направат. Принудени се, како што велат, да го прават приватно, за што трошат пари, додека државата со својата Програма за рана детекција само формално се залага за заштита на женското здравје.
Организацијата Жена од Делчево, контрибутор во платформата Локал Актив, во ноември минатата година го тестираше системот за бесплатно закажување за ПАП-тест и пријави десет жени преку електронската апликација. Три дена подоцна од Министерството за здравство, за овие десет жени стигна потврда дека е примена пријавата.
Меѓу нив, и за 29-годишната Мејреме Мемедова. Меѓутоа, Мемедова, од ноември кога е испратена пријавата, до јули кога го објавуваме истражувањето, не била повикана да ѝ биде земен брис од страна на матичниот гинеколог. Истовремено, од системот на Министерството никогаш не добила информација за причината поради која не била повикана. Во оваа група од десет жени за бесплатен ПАП-тест беа пријавени и Н.Д. и Р.М. кои се пациентки на гинекологот Лилјана Тричкова. Овие две жени (чиј идентитет е познат на уредништвото на Локал Актив) повеќе од 5 години немаат направено ПАП-тест, но и тие не се повикани.
По потврдата на пријавата, Министерството за здравство по правило треба да упати налог до матичниот гинеколог на пациентката, за да може да ѝ се закаже термин и таа да биде повикана кај гинекологот.
Од страна на гинекологот Тричковска побаравме информација дали во системот на закажување Мој термин има жени што чекаат за бесплатен тест. Меѓутоа, д-р Тричковска рече дека сите што ги добива во системот, се повикуваат.
Во 2021 година Светската здравствена организација (СЗО) усвои ново Упатство за скрининг на грлото на матката. Во Упатството се препорачува тест заснован на ХПВ ДНК како претпочитан метод, наместо ПАП тест, што е прифатен метод за откривање на пред-канцерозни промени кај жените во Македонија. „ХПВ-ДНК тестирањето открива високоризични соеви на хуман-папилома вирусот (ХПВ) кои ги предизвикуваат речиси сите видови на рак на грлото на матката. За разлика од тестовите кои се потпираат на визуелна инспекција, ХПВ-ДНК тестирањето е објективна дијагностика, не оставајќи простор за интерпретација на резултатите“, се вели во препораките до националните власти од СЗО за употреба на новото Упатство. Во Македонија, може да се направи ХПВ тест, но тој не е бесплатен. Доколку жената сака да го направи, треба да замине на Клиниката за гинекологија (ГАК) во Скопје и да плати 500 денари. ХПВ тестовите се прават како дел од пилот студија на ГАК.
„Доколку имавме информација од Мој термин, логично дека пациентката ќе беше поканета“, кусо одговори д-р Тричковска.
За Мемедова, причинита поради која не е повикана може да биде и тоа што таа минатата година направила ПАП-тест, преку таканаречено „приватно“ закажување термин. Иако таа спаѓа во групата опфатена со бесплатниот скрининг, никогаш до сега нема добиено покана.
„Како секоја современа жена и јас одам редовно на гинеколог. Се пријавив преку електронскиот систем за бесплатен ПАП-тест, добив потврда, но никогаш не ми беше закажан термин. На гинеколог одам приватно и без 50 евра за која било услуга не сум поминала“, вели Мемедова.
Но, ако е така, тогаш се поставува прашањето зошто по аплицирањето за скрининг не била известена од системот дека нема право на бесплатен ПАП-тест, поради фактот што таа веќе има направено таков тест во претходните 3 години?
Прашањето зошто Мемедова и другите жени кои поднеле апликација не се повикани за бесплатен тест, како и зошто, ако немале право на таков тест, не биле известени за тоа, го упативме до Министерството за здравство. И по четири недели чекање, од Министерството не одговорија каде „заглавуваат“ апликациите за бесплатни ПАП-тестови.
Прашањето беше поставено на 15 јуни, но официјален одговор не добивме. Во неформален разговор со претставник на Министерството, тој ни објасни дека се чека да се формира новата Влада и новиот Министер за здравство да се запознае со проблемот.
Одговор и термин за бесплатен тест, од ноември 2023 до јули 2024, кога е објавена оваа сторија, не стигна ниту за една од десетте пријавени жени, со кои организацијата „Жена“ ја тестираше апликацијата на Министерството за здравство.
Услугата кон жените од локалните средини какво што е Делчево се влошува наместо да се подобри
Но, овие 10 жени не се единствените со ваков проблем – тој е многу поширок, како што сугерира истражувањето на оваа делчевска организација, спроведено во септември 2023 година. Со истражувањето, кое не е репрезентативно, но сепак дава добар увид во проблемот, биле опфатени 350 жени Ромки од Делчево, Берово, Пехчево, Виница и Кочани. Во него, на пример, се сугерира дека 34% од жените Ромки во Делчево имале потреба од здравствена услуга, но биле принудени да ја одложат поради тоа што здравствените услуги или лековите им биле скапи. На истото ова прашање потврдно одговориле 29% од жените Ромки во Берово, 43% во Виница, 32% во Кочани и 23% во Пехчево.
Програмата донесена од страна на Владата, според објаснувањето дадено во неа, е со цел: да се зголеми бројот на лица опфатени со организиран скрининг, да се подигне свеста кај жените за важноста од редовни превентивни прегледи и вклученост во организираниот скрининг, како и да се зголеми бројот на гинеколози вклучени во скринингот.
Во Програмата, исто така, стои дека превенцијата преку скрининг ќе се смета за успешно спроведена доколку во период од три години се опфатат 75% од целната популација жени на возраст од 21 до 59 години, кои во последните три години не направиле ПАП-тест.
Доколку тој тест е негативен, или нема промени на грлото на матката утврдени со колпоскопски преглед, нема инфицираност со ХПВ вирус, односно не постои индикација за почесто земање на ПАП тест, тој ќе се повтори после три години, согласно препораки од ЕУ.
Доколку, пак, некоја пациентка се јави на преглед со болки, гинекологот треба да ја упати во Клиничкиот центар во Скопје, како здравствена установа која дава бесплатни услуги од владината Програма. Ова значи дека таму треба да ѝ направат бесплатен ПАП-тест. За една жена од Делчево, која мора да патува двапати за Скопје – првиот пат за земање на ПАП-тест, а вториот пат за резултати и консултации, само патувањето би ја чинело повеќе од 3.000 денари.
Програмата на Владата треба да ја имплементираат Институтите за епидемиологија и патологија при Медицинскиот факултет на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ од Скопје, цитолошките лаборатории, матичните гинеколози и Клиниката за гинекологија и акушерство, Црвен Крст и Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ).
Граѓанските активисти бараат поголема грижа за репродуктивното здравје
Опфатот на женската популација од Делчево со бесплатен ПАП-тест е само еден од проблемите за кои нема соодветен одговор. Меѓу социјално загрозените граѓани, особено во ваквите мали градови, нивоата на дигитална писменост се веројатно мошне ниски. За овие жени да се пријават на бесплатен преглед потребно е да имаат основни вештини за работа на компјутер и за користење интернет. Меѓутоа, ова се вештини што овие жени ретко ги поседуваат.
Според споменатото истражување, девет од десет жени Ромки во Брегалничкиот регион не знаат како да се пријават за скрининг, така што е невозможно и да си го остварат правото на бесплатен скрининг. Поради тоа, тие најчесто се принудени да плаќаат за услуги што треба да бидат бесплатни.
56-годишната Н.Д. домаќинка од Делчево, вели дека немала покана ниту за мамографски преглед ниту за ПАП-тест.
„Ми кажаа дека можам да се пријавам електронски и помладите го направија тоа за мене. Нели рекоа дека здравството ќе биде бесплатно?! Сепак, попусто. Немам добиено покана ни за мамографија, ни за ПАП тест. Нема што да кажам…здравјето чини пари, другото е само за на телевизија“, вели Н.Д.
Граѓанските организации кои работат во областа на женското здравје и правата на пациентите, како организациите ЕСЕ, ХЕРА и ХОПС и други, бараат поголема едукација на ранливите категории жени за превентивните здравствени програми, но и ефикасна онлајн платформа за закажување и добивање информации. Дополнително, тие бараат враќање на ПАП-тестовите со партиципација кај матичните гинеколози, но и воведување олеснувања кога се купуваат лекови и кога се прават стоматолошки услуги за ранливите категории жени.
Ова ќе бидат барањата до новата Влада и новиот Министер за здравство и неговата администрација и од делчевските жени и организациите кои ги застапуваат. Од новиот министер сé уште очекуваат одговори зошто некои жени не можат да добијат бесплатни тестови, и покрај заложбата на државата да го штити јавното здравје.
Во Делчево има донирано гинеколошка амбуланта, но колку се користи таа?
Во Делчево во моментов нема проблем со бројот на гинеколози. Работат двајца кои имаат свои ординации со склучен договор со Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ). Наесен се очекува да има уште еден специјалист кој е на специјализација. Освен матичните гинеколози, обучени да земаат брисеви за ПАП-тестови се и лекарите по Семејна медицина.
За таа цел, во ЈЗУ Здравствен дом во Делчево, здружението „Хера“ од Скопје пред три години донираше гинеколошка амбуланта. Дел од лекарите кои ги контактиравме тврдаат дека таа била под клуч – затворена е и не се користи. Но, од Здравствениот дом ги демантираа таквите информации.
Директорот на оваа здравствена установа Зоран Ѓоргевски кажа дека амбулантата е во функција. Просторијата навистина е под клуч, вели Ѓоргевски, ама клучот слободно можат да го земат сите специјалисти по семејна медицина кои земаат брисеви. Овие доктори, според директорот, знаат дека слободно може да ја користат амбулантата кога ќе им треба.
„Станува збор за донација. Таму имаме гинеколошки стол, потребна опрема за земање брис, канцелариски материјал, биро, столици. Значи, целосно опремена гинеколошка амбуланта за лекарите по семејна медицина. Но, за жал, интерес имаше само на почетокот. Последниов период никој не ја користи. А дека била затворена – не е точно. Сите лекари кои сакаат да прават бесплатен ПАП-тест можат слободно да ја користат, впрочем и тие имаат клуч од амбулантата, но за жал кај нив нема интерес“, кажа директорот Ѓоргевски.
Ракот на грлото на матката е четврт најчест карцином кај жените. Ефективниот примарен (ХПВ вакцинација) и секундарниот превентивен пристап (скрининг и лекување на пред-канцерозни лезии) би ги спречиле повеќето случаи на рак на грлото на матката. Кога ќе се дијагностицира, ракот на грлото на матката тој е една од формите канцер кои најуспешно се лекуваат - доколку се открие рано и ефикасно се управува. Ракот дијагностициран во доцните фази, може да се контролира со соодветен третман но успехот во лекување е тогаш драматично намален. „Со сеопфатен пристап за превенција, преглед и лекување, ракот на грлото на матката може да се елиминира како јавно здравствен проблем“, пишува на веб страницата на Институтот за јавно здравје.
Еден од докторите по семејна медицина, обучени за земање брис за ПАП-тест, е д-р Игор Јовановски. Тој оценува дека во моментот, покрај двајцата активни гинеколози, реално нема потреба од вклучување на докторите по семејна медицина во земањето брисеви. Меѓутоа, тие се обучени и можат да ги заменат гинеколозите, кога ќе се пензионираат.
,,Реформата беше добро замислена и од Делчево веќе 6 доктори специјализираме Семејна медицина. Со тоа сме и обучени да земаме ПАП-тест и да даваме совети и едукација за репродуктивното и сексуалното здравје, со што и ќе придонесеме за женското здравје воопшто. Во моментот, сé уште имаме гинеколози кои се активни и нема потреба од нас. Верувам дека по нивното пензионирање ние ќе продолжиме да земаме брисеви за ПАП-тест. Не сум информиран за измените во програмите, но секако дека ќе ги почитуваме“, вели Игор Јовановски, доктор по Семејна медицина.
Значи, во Делчево има опрема, донирана амбуланта, обучени доктори, но сепак, бесплатните тестови и прегледи, за кои се одвојуваат граѓански пари од државниот Буџет, остануваат недостапни за дел од делчевските жени.
* Зоран Биковски е граѓански активист во Организација Жена Делчево.
** Ване Трајков е новинар.


