Македонските граѓани, кои и натаму ги чекаат пензиите од Италија поради нератификуван државен билатерален договор, не добија правда ни по неколкуте барања и интервенции до македонските институции, а случаите не се решија ниту по вмешувањето на Народниот правобранител, кој останува да ја следи состојбата. Нова надеж за сиромашните граѓани, кои живеат со минимални примања, е вмешувањето на Европскиот центар за правата на Ромите (ЕЦПР), коj преку случајот на Фетах Јашаров, за кој пишуваше ЛокалАктив, влегува во правна борба за пензиите.
ЕЦПР е интересна правна организација која ги следи и штити човековите права на ромското малцинство во Европа и обезбедува правна помош во случаи на кршење на нивните човекови права. Случајот Јашаров оваа организација го адресира до Националниот институт за социјално осигурување (ИНПС) на Италија, како надлежна институција која управува со регулирањето и исплатата на пензиите, социјалното осигурување и социјалната помош.
Во писмото во детали се објаснува случајот на Јашаров, но на повеќе места се укажува и на тоа дека италијанските институции со непостапувањето, ги кршат основните права не само на Јашаров, туку и над стотина други македонски државјани кои оствариле право на пензија во Италија.
„На 24 јули 2014 година беше потпишан билатерален договор за социјално осигурување со Италија, а потоа ратификуван од македонското Собрание на 27 октомври 2014 година. Договорот се уште не стапил во сила бидејќи Италија не го ратификувала. Бидејќи прашањето сè уште не е решено, би сакале да ве потсетиме дека Уставот на Италија во член 38 вели дека „работниците имаат право да располагаат со соодветни средства обезбедени за нивните животни потреби во случај на несреќа, болест, инвалидност, старост, неволна невработеност“. На веб-страницата на Националниот институт за социјално осигурување (ИНПС) пишува и дека „Дозволено е барање за старосна пензија, по навршување на 67 години, за странски работници кои платиле придонеси во Италија, а кои се враќаат во земјата на потекло“. Ова е наведено во писмото до Националниот институт за социјално осигурување на Италија, од кој се бара дефинитивно расчистување на случајот со Јашаров, со цел да се разјасни прашањето за неговата месечна пензија.
Решавањето на случајот со Фетах Јашаров може да значи пресврт и за другите над стотина македонски државјани, кои од исти причини не можат да остварат право на
пензија од Италија. Дипломатска интервенција за овие случаи е упатена и до македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова и до италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри.
„Вашата поддршка би можела во голема мера да ги ублажи тешкотиите со кои се соочуваат нашите сограѓани и да придонесе за решение кое ги поддржува нивните права“, стои во дописот до Сиљановска Давкова и амбасадорот Силвестри.
Од италијанската амбасада стигна краток одговор дека ги анализираат „аспектите поврзани со јурисдикцијата на канцелариите одговорни за постапување со случајот на дотичниот поединец“.
Борбата на „италијанските пензионери“ која ја покрена Организацијата „Жена“ од Делчево продолжува со интервенција и барања до сите институции и поединци кои можат да им помогнат на нашите сограѓани, кои наместо спокојни пензионерски денови, одвај преживуваат.
В.К.


