Три напред две назад – ритамот на дигиталната трансформација во Источниот Регион

Автори: Тони Ајтовски** и Тодор Цонев*

На граѓаните во 11-те општини од Источна Македонија, веќе една години им се достапни 20 дигитални услуги преку онлајн платформа. Тоа значи дека граѓаните на овие општини, наместо да одат физички до шалтерот на институцијата и да чекаат ред цел ден за да ја добијат услугата која што им е потребна, тоа да може да го направат онлајн. 

Но, брз преглед на степенот на искористеност на овие можности во источно-македонските општини покажува дека граѓаните малку или воопшто не ги користат. Во најголемата општина од источниот регион  – Штип, можноста да завршат некоја работа, без да дојдат лично до некој шалтер, од јануари до мај годинава, ја искористиле вкупно 578 граѓани, што е само 1% од бројот на жители на овој град.

Во шест источно-македонски општини пак, можноста не ја искористил ниту еден граѓанин. Такви се општините Кочани, Делчево, Виница, Чешиново-Облешево и Зрновци. Но, зошто е ова вака?

Нашите соговорници велат дека ова е резултат на слабата информираност, отсуството на увереност на граѓаните дека користењето на системот за плаќање е безбедно, па и тоа дека има недоверба во начинот на кој дигиталниот систем ги чува информациите.

Анализа  на УНДП објавена во март годинава укажува дека најголем дел од граѓаните во Македонија (48%) не знаеле дека многу од услугите кои се добиваат на шалтер, можат полесно да се добијат онлајн. Потоа, покажало истражувањето,  86% од граѓаните никогаш не користеле е-услуга на општината, а за тоа навеле различни причини. 15% од испитаниците навеле дека поедноставно им е да појдат во општинските канцеларии отколку услугата да ја обезбедат онлајн, а 12% пријавиле технички предизвици при користењето.

Општина Делчево, фотографија од приватна архива

Токму УНДП заедно со македонската влада е донатор на платформата за е – услуги со е-ЛОГЕС – првиот софтвер во државата за услуги на локално ниво. Оваа платформа се промовира како место за „безбедно онлајн плаќање и добивање на услугата од општината веднаш, по електронски пат“. Проектот е во вредност од 700.000 евра. Покрај за 11-те општини од Источниот регион, проектот се спроведува во уште 14 други општини во државата.

Без да отидат до општината, граѓаните од источниот регион може да поднесат барање за еднократна помош или да побараат стипендија за талентирани студенти, потоа да поднесат барање за субвенционирање, да побараат издавање на извод од урбанистички план, да си го платат данокот, но и да го следат и контролираат процесот при легализација на дивоградби. Ова е само дел од вкупно 20-те дигитални услуги.

Но, дали Македонија напразно фрлила 700.000 евра?

Граѓаните на Штип и компаниите – како што објаснува градоначалникот Иван Јорданов – преку платформата „е-услуги“, можат електронски да генерираат барања и да ги плаќаат надоместоците и предвидените административни такси за вкупно дваесет општински услуги. Освен тоа, граѓаните можат и да го следат статусот на предметот и да бидат информирани кога нивните барања ќе бидат завршени или пак да приложат дополнителни документи, доколку во постапката нешто недостасува.

Оваа општина, има две платформи за плаќање – едната е имплементирана преку општинската веб страница, додека другата е во единствената платформа за 11-те општини „е-услуги“ и софтверот ЛОГЕС.

Сепак, жител на Штип, кој сакал да го поедностави плаќањето на една од општинските давачки, со Локал Актив сподели искуство кое ги одвраќа граѓаните од користењето на дигитални услуги.

Фотографија од приватна архива

„Данокот на имот за 2023 година си го плативме онлајн, откако Општина Штип ги промовираше своите дигитални услуги. Но, набргу од Општината ни стигна опомена за неплатен данок. Отидов во Даночното одделение со уплатницата што се добива при електронско плаќање, но службениците ми го побараа изводот од банката. Им го однесов и тој документ со печат, но тие тврдеа дека парите кај нив не се пристигнати. Остана да го разгледуваат случајот“, раскажува Борче, жител на Штип.

Оваа „даночна сага“ не завршува тука. По 3-4 месеци, по пошта му пристигнала опомена за неплатен данок, со поука дека доколку не се плати, предметот општината ќе го даде на извршител.

„Пред да појдам повторно во Општината, видов дека пликот е со датум од септември 2023 година, а веќе беше јануари 2024 година, што е доказ дека писмото „отспало“ неколку месеци и дека и поштата кај нас не функционира нормално. Значи, наместо да се скрати и да се поедностави, нашето електронско плаќање на данокот стана „историско“. Ова е лошо искуство што нè одвраќа од натамошно користење на електронските услуги“ – вели Борче.

Општините, од друга страна имаат други аргументи за слабата искористеност на општинските „е-услуги“. Тоа, според општинските служби, се должи и на недостатокот на свест за користењето на таа можност, на нецелосна внатрешна координација кај администрацијата, но и на недоволна промоција на овие услуги, иако кај девет од единаесетте општини во Регионот, дигиталните е-услуги се ставени на видливо место и се достапни на „прв клик“ на нивните веб-страници.

Во март 2023 година Владата на Република Северна Македонија го усвои Концептот за дигитална трансформација на општеството. Како што беше посочено од тогашната Влада, процесот се очекува да ја поттикне дигиталната трансформација, како предуслов за напредок и во борбата против корупцијата и јакнењето на транспарентноста и доброто управување. Меѓу другото Концептот ги дефинира основните принципи на дигитална трансформација на сите области на општеството во тесна соработка помеѓу Владата, јавните институции, приватните компании, граѓанскиот сектор и академската заедница. Трансформацијата според Концептот, треба да се одвива според принципите на владеење на правото, социјалната кохезија, јавно-приватното партнерство, слободниот пристап до јавните информации, веродостојноста на изворите на податоци, и почитување на така наречениот принцип „само еднаш“, со кој податоците што се еднаш внесени во јавен регистар, нема повторно да се бараат од физичките и правните лица. Овој документ е насочен кон темелни промени во начинот на функционирање на институциите и подобрување на нивната ефикасност како сервис на граѓаните. Но, една и пол година подоцна видливи се практичните пречки до целта.

Во „Анализа на е-услугите во општините во Република Северна Македонија 2023“, на Фондацијата Метаморфозис,  услугите што ги нудат општините според граѓаните треба да се нудат само како е-услуги.

Приоритетни нови е-услуги за општините се прибирањето на локалните даноци и наплатата на комуналните сметки, додека за граѓаните тоа се оние е-услуги што ќе овозможат со нивното користење тие да не бидат изложени на корупција или на некаква манипулација од страна на општината.  Општините во Северна Македонија се далеку од процес на нивна дигитализација и дигитална трансформација – тие сè уште се наоѓаат во фаза на автоматизација и развој на електронски услуги на локално ниво, стои во заклучоците на анализата.

На прашањето дали за тоа има влијание евентуалната недоверба во електронските услуги, од Општина Кочани ни одговорија дека платформата е максимално безбедна, а личните податоци на корисниците се заштитени.

„Платформата е усогласена со националната регулатива, согласно Законот за заштита на лични податоци – сите податоци се шифрирани. Од друга страна, личните податоци не се зачувуваат и не се дистрибуираат за други цели, освен за конкретното барање доставено до општината од правно или од физичко лице. Од аспект на заштита од катастрофи, обезбедена е и секундарна односно резервна локација на податоците, оддалечена повеќе од 100 км, од каде лесно може да се „вратат податоците“ и да се обезбеди деловен континуитет. Платформата е осигурена на македонски провајдер“, објаснува Елена Димитровска, раководителка на Секторот за планирање и развој во Општина Кочани.

Документите се поднесуваат електронски, но општините ги бараат и во печатена форма

Граѓаните на Кочани имаат уште една алтернатива за комуникација со општината. Во соработка со Центарот за социјални иновации Блинк 42-21, Општина Кочани е една од првите во државата којашто ја користи мобилната и веб-апликација „мЗаедница“. Преку оваа апликација граѓаните може да пријавуваат проблем, да даваат предлог-решенија и дигитално да аплицираат за студентски стипендии и субвенции.

За правно да го усогласи користењето на „мЗаедница“, Советот на Општина Кочани ги измени соодветните правилници. Сепак, и овде искористеноста на електронското аплицирање е минимална, зашто на крај истите документи што се поднесуваат електронски, општината бара да се поднесат и во печатена форма.

Општинските служби за комуникација ја користат „мЗаедница“ и за известување, паралелно со другите алатки и канали за информирање на граѓаните. И покрај предизвиците, Општина Кочани најавува продолжување на соработката со Центарот за социјални иновации Блинк 42-21, заради унапредување на функционалностите на дигиталната алатка „мЗаедница“ и понатамошно дигитализирање на општинските услуги.

Сервиси има, ама...

Според ова, се чини, дигитални услуги има, меѓутоа, проблем е што тие не се користат од граѓаните. Неодамна објавена Студија за квалитетот на е-услугите за граѓаните во Северна Македонија, финансирана од Европската Унија, забележува неколку причини – слабата дигитална писменост на повозрасните граѓани, надополнета со недостатокот од пристап до дигиталните технологии за граѓаните со ранлив економско-социјален статус, како и неприспособеноста на сервисите за граѓаните со попреченост, резултира со слабо користење на дигиталните јавни услуги и сервиси. 

Ова ја истакнува потребата од институционален ангажман за зголемувањето на јавната свест за е-услугите, како и за ширење на дигиталната писменост меѓу населението, но едновремено ја нагласува и потребата од формирање центри за поддршка за користење е-услуги. Локал Актив разговараше со неколку возрасни граѓани на општина Кочани.

„Сметките за струја ги плаќаме преку интернет, но за тоа ни помага помлад член од семејството, ние сме стари и не умееме да плаќаме на тој начин. Има многумина како нас, се мачат да најдат некој што ќе им ја заврши оваа услуга. Не е едноставно повозрасните да се снајдат со модерното плаќање“, вели седумдесет и петгодишна жителка на Кочани.

Електронските платформи сѐ уште не нудат еднакви можности за сите граѓани. Василчо, лице со попреченост ја користел е-услугата за пријавување комунален проблем од јавното осветлување во својата општина. Тој ни открива проблем со проследувањето на барањата од граѓаните како и со пристапот на лица со сетилна попреченост:

„Добив повратна информација дека барањето е примено, но не и реакција за пријавениот проблем. Сметам дека треба да постои интегриран систем на поврзување меѓу различните сектори и институциите на централно ниво. Ваквите платформи треба да бидат приспособени за лицата со попреченост (слепи и глуви), што ќе можат преку соодветни алатки непречено да ги остварат овие услуги“, вели Василчо.

Фотографија од приватна архива

Во поглед на еднаквоста, претставници од граѓанскиот сектор сметаат дека дигитализацијата е процес што треба да се одвива, но да се води сметка дека сѐ уште има лица коишто немаат пристап до интернет или пак немаат задоволително ниво на дигитално писменост. Поради ова има дискриминација при ги користат тие услуги. Затоа посочуваат дека треба да постојат информации како да ги користат е-услугите, како и да им се обезбедат услови за користење. Целосната дигитализација не го унапредува неминовно животот на сите граѓани.

Според информациите од Општина Штип, можноста за електронско плаќање даноци во првите пет месеци од годинава ја искористиле 578 клиенти. Тие плаќале преку веб-страницата на општината, додека преку платформата „е-услуги“ немало плаќања. Истовремено во шест други општини од Источниот регион - Кочани, Делчево, Виница, Чешиново-Облешево и Зрновци- ниту еден граѓанин не ја искористил можноста на дигиталните услуги.

Неда Чаловска-Димковска, претседателка на здружението Центар за еднаквост и правда ја истакнува целосната дигитализација за програмите за скрининг, за рак на дојка и рак на матка, како пример за нееднаквост.

„Жените од ромската етничка заедница или пак жените од руралните средини, коишто навистина имаат ограничен пристап до дигитални услуги и дигитална писменост, не можат да се пријават за да го остварат ова право. Во минатото, пристигнуваше писмо со коешто тие беа поканети да направат преглед, но сега не постои, тоа е укинато и сега постои само електронско пријавување. Доколку е оставено само вака, тие жени воопшто нема да го искористат ова право и статистичките податоци покажуваат дека е намален бројот на жени од руралните средини, како и кон повозрасните групи граѓанки, да не речам дека е 0 % , откако е воведена само дигиталната пријава за преглед“, вели Чаловска-Димковска.

Според неа, државата треба да ја воведе дигитализацијата, но треба да продолжи и со информирањето по писмен пат, сѐ додека не се постигне стопроцентна покриеност и стопроцентна дигитална писменост.

Нема централна база на податоци

Граѓани пак, што ги претпочитаат е-услугите, сметаат дека еден од сериозните недостатоци е што во државата не постои централна база на податоци за користење на електронски услуги што ќе овозможува достапност на еден документ во сите институции. Им пречи и тоа што некои услуги не се целосно дигитализирани. На пример, барањето за Извод од матична книга на родени може да се направи онлајн, но, документот мора да се подигне физички или да се испрати по пошта, за што се плаќа. Исто така институциите сè уште немаат прифатено електронски документ. Накратко, потребен е системски пристап кон дигитализацијата.

„Поднесов онлајн барање до Управата за водење матични книги за да ми издадат Извод на родените. Си платив да ми го достават по пошта. Чекав седмица-две, нема ништо. Се јавив кај пријателка од Управата, да провери дали е пристигнато такво барање. Додека разговаравме по телефон таа појде кај службеникот, па слушнав како тој проверува и ѝ одговара дека навистина стигнало такво барање, ама тие досега не го виделе“, раскажува штипјанката Валентина.

Фотографија од приватна архива

На крај, како што вели, отишла на шалтер и го добила изводот на рака, иако платила за испраќање по пошта.

Спроведувањето активности и проекти за дигитализација на јавните услуги предвидени за граѓаните и за деловните субјекти во Македонија се прави преку uslugi.gov.mk – платформата за интероперабилност на отворените податоци, платформата за електронски јавни набавки, Мој термин во здравството и другите платформи што се управуваат од Владата. Неколку јавни институции како што се Управата за јавни приходи, Катастарот на недвижности, Централниот регистар, исто така реализираа проекти за дигитализација на услугите. Но, оваа платформа не функционира како целосно „подмачкана“, како што за Локал Актив открива оваа жителка на Кочани:

„Порталот  uslugi.gov.mk го користам две години, откако Министерство за култура го промени начинот за конкурирање на Годишниот конкурс за финансирање проекти. Најчестиот проблем е „падот“ на порталот, претежно кога е преоптоварен од корисници, потоа долгото чекање за прикачување документ, немањето можност за избегнување или разрешување нелогичности. Предностите на оваа дигитална услуга се некористење хартија, избегнување физичко присуство и турканици, како и поседување доказ за апликација. Добро би било да може да функционира со повеќе корисници што работат истовремено, да се доработи подетално, на пример кога аплицираш, бара да прикачиш документ каде што немаш што да прикачиш, односно нема потреба од прикачување, како  и да се внесе опција да ја зачуваш работата, тоа што си го пополнил“ – објаснува Верица, уметница од Кочани.

Електронска пријава за добивање субвенции е воведена за да ја олесни целата постапка и за земјоделците.

„Редовно аплицирам електронски, не мора да одам до Подрачната единица на Министерството за земјоделство. Лани добив известување од службите дека морам истите документи да ги поднесам и во хартиена форма, со што практично електронската апликација не ми врши работа, ме изложува на дополнителен трошок и губење време, вели Марјан, земјоделец од селото Чифлик.

Истражување на Консалтингот за стратегиски развој, покажуваат дека е потребна подобра координација и соработка меѓу регулаторните тела, како и поголема јавна свест и едукација за дигиталните права и одговорности. Дополнително, постои потреба да се зајакне капацитетот на регулаторните тела за да бидат во можност да го следат спроведувањето на релевантните прописи во пракса. Друг предизвик во регулаторната рамка за дигитална трансформација во Северна Македонија е недостатокот на усогласеност со регулативите на ЕУ – сè уште постојат празнини и недоследности што треба да се решат.

Државата има усвоено три закони со кои се поставени основите за имплементација и промоција на дигитални услуги за граѓаните, бизнисите и јавната администрација. Тоа се: Законот за Централен регистар на население, Законот за електронско управување и електронски услуги и Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверителски услуги.

Сепак, постојат недоследности во примената на правната рамка. Покрај постоењето на Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги, сите институции не ги прифаќаат документите добиени преку електронски пат. Оваа недоследност доведува до повторување и пролонгирање на процесите за добивање документи, усложнувајќи ги работите за деловните субјекти.

Во моментов во Република Северна Македонија отсуствува правна регулатива во областа безбедност на мрежни информациски системи. Стопански субјекти од Источниот Регион веќе неколку години користат електронски услуги од европски компании и имаат позитивни искуства дури и во поглед на безбедноста на системот.

Граѓаните од источниот регион кои користеле дигитални услуги пријавуваат различни искуства кои ги одвраќаат од користење во иднина. На пример, ова искуство на жителка на Штип: „Поднесов онлајн барање до Управата за водење матични книги за да ми издадат Извод на родените. Си платив да ми го достават по пошта. Чекав седмица-две, нема ништо. Се јавив кај пријателка од Управата, да провери дали е пристигнато такво барање. Додека разговаравме по телефон таа појде кај службеникот, па слушнав како тој проверува и ѝ одговара дека навистина стигнало такво барање, ама тие досега не го виделе“. Или ова искуство на уметница од Кочани: „Порталот uslugi.gov.mk го користам две години, откако Министерство за култура го промени начинот за конкурирање на Годишниот конкурс за финансирање проекти. Најчестиот проблем е „падот“ на порталот, претежно кога е преоптоварен од корисници, потоа долгото чекање за прикачување документ, немањето можност за избегнување или разрешување нелогичности“.

„Веќе пет години користам услуга за пренос на податоци преку интернет од провајдер чие седиште е во Германија и до сега имам позитивни искуства. Воспоставувањето на соработката беше со само неколку клика на банер на неговата веб-страница и оставање лични и податоци од нашата компанија, по што за само 24 часа услугата профункционира и почнав да ја користам. Плаќањето за услугата се одвива на месечно ниво, а заштитата и безбедноста на податоците е на високо ниво. Пред една година, корисничкото име и лозинката за пристап ни беа „пробиени“ од непознат корисник, кој се обидел да нарача дополнителни услуги од провајдерот за десеткратно повисок износ, злоупотребувајќи ги податоците од нашата фирма. Со само едно мое писмено барање, испратено по електронска пошта до провајдерот, злоупотребата беше откриена, а нарачката сторнирана и целиот паричен износ што беше резервиран ни го вратија на сметката. Тоа само ни ја зголеми довербата дека соработуваме со сериозен партнер кој има високо ниво на безбедност на податоците и за еден ден позитивно го реши проблемот“, истакна Даниел, одговорно лице за ИТ во приватна компанија од Кочани.

Споменатото истражување води и кон заклучокот дека микро, малите и средните претпријатија во Северна Македонија значително заостануваат во процесите на дигитализација и дигитална трансформација. Во последните три години само 7% од анкетираните претпријатија вовеле нови процеси и/или производи во нивното работење, додека 10% планираат следните неколку години да воведат иновации во вид на процеси или производи. Најголем дел од компаниите што имаат развиено нови (иновативни) процеси или иновативни производи, се од групата микропретпријатија, и тие се од информатичкиот сектор, по што следуваат оние што работат на снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација и во земјоделството.

Дигитализацијата е неминовност, ȏд што мора да се следи. Македонскиот ритам во дигиталното движење, сепак, зависи од способностите и волјата на сите релевентни чинители во него, вклучително и на граѓаните.

* Тодор Цонев е граѓански активист на Здружението ИНИ Виница.

** Тони Ајтовски е новинар.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE