Струмичани седми дена се без питка вода за пиење. Поради високи концентрации на манган во водата што се дистрибуира преку водоводната мрежа на јавното претпријатие „Комуналец“, тие се принудени да се снаоѓаат и да полнат од други извори, или да купуваат. Анализите на Центарот за јавно здравје во Струмица покажаа и присуство на повеќе бактерии, и покрај што не може да се пие, не треба да се користи ниту за готвење. Во моментов домаќинствата може да ја употребуваат само како техничка.
ЈКП „Комуналец постави 25 апарати за вода во сите училишта и детски градинки, а се обезбедени и 25 канистри со вода за пиење низ улиците на градот во текот на 24 часа. Во Дабиле, Градско Балдовци, Водоча, Просениково, Баницаи Добрејци вода за пиење ќе има од 7 до 19 часот. Донесена е одлука за намалување на цената на водата и од 33,9 денари за кубик, потрошената вода, која се доставува како техничка, ќе се пресметува за 7,89 денари за метар кубен вода.
Државен инспектор во Агенцијата за храна и ветеринарство издаде решение за забрана за пиење на водата, а комуналното претпријатие е задолжено да ги извести граѓаните за настанатата промена во квалитетот на водата. АХВ исто така му наложи на „Комуналец“ и да обезбеди питка вода за граѓаните на Струмица и населените места што се снабдуваат со вода од брана Турија сѐ дури не се надмине проблемот со вода.
Првичните причини за овој проблем „Комуналец“ ги виде во неповолните хидролошки услови. Слично објаснување дадоа и од Струмичко поле, подружница на АД Водостопанство. Директорот Лазо Ѓоргиев објаснува дека по долгата суша деновиве имало обилни врнежи, при што во браната надошле реки со големи количини на кал. Тој верува дека состојбата ќе се нормализира за неколку денови, а во меѓувреме ќе се зеле анализи и од водата во брана Турија.
Раководството на „Комуналец“ смета дека филтер станицата функционира беспрекорно, иако е стара точно педесет години. Според нив, проблемот е во квалитетот на техничката вода што стигнува од Турија. Дали има вистина во ова тврдење ќе се знае по анализите на водата од водоснабдителниот систем на Општина Василево, бидејќи и тие се снабдуваат со вода од Турија, а засега нема забрана за користење на водата од оваа водоводна мрежа. Василево го реконструираше системот за прочистување на водата пред десетина месеци.
Оптималниот капацитет на акумулацијата Турија е околу 50 милиони метри кубни вода. Во моментов во акумулацијата има околу 12.5 милиони метри кубен вода, што според директорот Ѓоргиев не е критично ниво, бидејќи пред дваесеттина години, некаде во периодот 2005, нивото на акумулацијата паднало и на 7-8 милиони метри кубни вода.
С.М.


