Општините се покажаа слаби трговци

Општините евтино го продаваат градежно земјиште во државна сопствено, главно наменето за станбени згради, а цените за квадрат се движат од 1,2 евра до 299 евра. Во случајот со Штип, општината била слаб трговец и еден квадрат земјиште продавала од едно до 38 евра.

Ова го покажа истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), во кое се заклучува дека општините за ниски цени го отуѓуваат градежното земјиште. Во истражувањето за Општина Штип, во периодот 2019 – 2023 година, биле објавени 9 огласи за продажба на градежно земјиште во државна сопственост за 36 парцели.

„Во овој период, Општина Штип спровела 28 електронски јавни наддавања, од кои 15 парцели со почетна цена од 61 денар, постигнатата вредност се движи од 71 денар (4 парцели), до 2330 денари за м². За три парцели како почетна цена е објавена 1.120 денари, просечниот број на понудувачи 4.6, а највисоката достигната цена е 10.420 денари за м². Со највисока цена од 1.635 денари објавени се 7 парцели и е достигната највисока цена од 18.400 денари за м². Кај три одржани јавни наддавања, иако е одржано наддавањето и цената е постигната, договорите не биле склучени“, пишува во истражувањето „Недоволна транспарентност и ниски цени при продажбата на државно градежно земјиште“.

Штип е една од шесте општини каде е анализирана продажбата на градежното земјиште. Притоа, се заклучува дека не само што се продава по ниски цени, недостасува и транспарентност на целата постапка.

„Општините ги објавуваат одлуките за отуѓување на државно градежно земјиште само во Службен весник на РСМ. Но, ниту една од мониторираните општини не презема други активности за информирање на граѓаните, односно донесените одлуки за продажба на земјиште и склучените договори со купувачите не ги објавуваат ниту на своите веб-страници. Нетранспарентноста оди дотаму што дел од општините не ги доставија склучените договори ниту преку барање за пристап до информации од јавен карактер. На овој начин се оневозможува информираност на граѓаните и се зголемува ризикот од злоупотреби“, нотира истражувањето на ЦГК.

Од продажба на градежно земјиште, шесте општини во последните пет години оствариле приход од 20 милиони евра. Повеќе од половина, или земјиште вредно 11 милиони евра, продала Општина Куманово.

В.К.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE