Преку 120 работилници младите во Струмица учат за селекција на отпадот

Во Струмица започна проект за едукација на младите за селекција на отпад, кој има цел да ја подигне свеста за правилното управување со отпадот. Проектот е насочен кон учениците од сите основни училишта во општината. Преку 120 работилници  кои веќе се реализираат, младите треба да научат што е примарна селекција на отпад, како и кои отпадоци треба да се селектираат. Покрај учениците, во проектот е вклучен и наставниот кадар.

Според Митко Шопов претставник на еколошкото друштво Планетум – организација која стои зад инцијативата – првичните работилници покажале дека учениците имаат основно знаење за процесот на селекција, но недостатокот  на соодветна инфраструктура за селектирање останува како клучен проблем. „Генерално децата, посебно оние поголемите веќе се запознаени со процесот на селекција и рециклажа на отпадот, но тука мислам дека недостасува инфраструктурата. Многу малку од училиштата се подготвени да селектираат затоа што немаат соодветни канти и тоа поставени на соодветни места. Значи,  кога селектираме отпад не е само да имаме канти ставени на едно место, треба да се поставени на соодветни места за да може учениците да ги гледаат“, вели Митко Шопов.

Струмичани имаат можност да го селектираат отпадот. Јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“, деновиве на 20 локации ги поставува новите 60 контејнери за селекција на хартија и пластика. Специјализирани контејнери се поставени пред секое училиште.

Напорите за поголема селекција на отпадот ги следат и активностите на овој проект, во чии рамки ќе биде изработен и прирачник за наставниците и учениците, кој ќе им помогне во текот на наставата и ќе ги едуцира за правилното управување со отпадот. Целта е континуирано да се зборува на оваа тема за да може да се промовира во јавноста, а со тоа и да се дојде до некој систем за селекција на отпадот.

„Ние веќе имаме и соодветни идни планови. Тоа е секое училиште да си донесе своја политика за управување со отпад како и да изработи соодветен план за училиштето за управување со отпадот. Исто така по изготвување на овие планови се надеваме дека секое училиште ќе потпише договори со одредени откупувачи за да се подига селектираниот отпад од нивното место и на тој начин да генерираат одредени финансиски средства кои потоа ќе ги користат за нивните училишта“, вели Шопов.

Преку едукацијата на младите, се очекува и дополнителен ефект во намалување на горењето на пластика во домаќинствата, што значително го загадува воздухот. Работилниците ќе продолжат и следната учебна година, кога ќе бидат опфатени и наставниците и учениците од средните училишта, со цел да се постигне долгорочен ефект и создаде систем за селекција на отпад во локалната заедница.

В.К.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE