Кочанчани со протест се изборија да престане загадувањето од градската депонија

Група граѓани на Кочани кои 18 дена протестираа и го контролираа пристапот до градската депонија за комуналните возила од општините од регионот, се изборија за своите барања и ја прекинаа блокадата.

Советот на Општина Кочани, на редовната седница што се одржа на 13 ноември, донесе едногласна одлука отпадот од Виница, Зрновци, Чешиново-Облешево и другите општини во регионот веќе да не се носи на градската депонија кај селото Бели.

Фотографија од депонијата во Кочани

Во образложението за одлуката да прекине блокадата на патниот правец кон Пониква, кој што води и кон депонијата, од Одборот на граѓанската иницијатива за протестот нагласија дека даваат доверба на Локалната самоуправа да се справи со загадувањето што го предизвикува отпадот.

На седницата на Советот едногласно беше усвоена и инцијатива да се формира надзорно тело, односно екопатрола, во чиј состав треба да има претставници од Локалната самоуправа, од комуналното претпријатие „Водовод“ и од граѓаните кои протестираа. Главна задача на екопатролата треба да биде контрола на собирањето и транспортирањето на отпадот од територијата на општина Кочани до градската депонија.

„Наша конечна цел е чист воздух и здрава околина во нашето Кочани. Сега, во насока на реализирање и спроведување на донесената одлука, а сè до формирањето на надзорното тело, односно екопатролата за управување со отпадот на територијата на Кочани, група граѓани ќе продолжат со 24-часовен мониторинг на работата и дотурот во депонијата. Според одлуката на Советот на Општина Кочани, единствена надлежност за депонирање има КЈП „Водовод“ и истото ќе управува само со отпадот на територијата на општина Кочани, истакнаа во обраќањето до јавноста од Одборот на граѓанската иницијатива.

Во меѓувреме, од страна на КЈП „Водовод“ и од Општина Кочани преземени се мерки за исполнување и на другите барања на граѓаните кои протестираа, односно расчистување и затрупување со земја на отпадот, поставување заштитна ограда, осветлување и стражарска служба која го контролира пристапот на депонијата.

Т. А.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE