Штип ја откочува постапката за изградба на Домот за стари лица, кој беше прогласен за дивоградба

По период од десет години, постапката за доизградба на Домот за стари лица во Штип се помрднува од место. Објектот почна да се гради во 2014 година иако ги немаше потребните документи, по што беше прогласен за дивоградба. За градбата која не е дојдена ниту до фаза на карабин, се потрошија 600.000 евра од заштедата на Здружението на пензионери – Штип. Почнат амбициозно, како објект каде до сега требаше да живеат 100 пензионери, веќе една деценија пропаѓа и тоа што тогаш успеа да се направи.

Општината Штип со цел да се реши проблемот почна постапка за добивање на право на сопственост за објектот Дом за стари лица. Вишна Шорова Ангелова, Секретар на Општина Штип вели дека документите се доставени до Владата и сега го чекаат одговорот од институциите, со што како што вели треба да бидат решени имотно-правните прашања околу објектот.

 – Со оглед на тоа што, во периодот кога почнал да се гради Домот за стари лица во Штип, не постоела планска документација, а во меѓувреме е изготвена и одговара на изгледот, на габаритот на објектот, се надеваме дека со тоа ја откочивме постапката и ќе може да продолжи понатаму со градба, вели Шорова-Ангелова.

Таа посочува дека не станува збор за преземање на објектот, туку какошто вели постапката е да се реши имотно-правните прашања.

-Во моментот кога овие прашања ќе бидат комплетно ќе продолжиме со преговори со Здружението на пензионери, вели Шорова-Ангелова.

Откако ќе заврши постапката за имотно-правната сопственост ќе следи и пресметка колку би чинела доизградбата на Домот за стари лица, кој е на местото на поранешниот хотел „Вардар“ во непосредна близина на касарната „Јане Сандански“ во Штип.

Здружението на пензионери во Штип, како инвеститор на објектот, со години неуспешно се обидуваше да го откочи процесот на градба за што беа во преговори со некогашното Министерство за труд и социјална политика.

Во источниот регион со години како проекти стојат Домовите за стари лица во Кочани, а во Пробиштип е почнат, но и тој стои недовршен. Единствен ваков дом има во Берово „ д-р Иван Влашки“, кој е општинки и е изграден со пари од државниот буџет и донатори. Листата на чекање е долга за прием во овој дом, кој од лани е со проширен капацитет и  има 69 легла и сопствена кујна.

Миграцијата на населението во Скопје, поголемите градови, но и во странство го намали работно способното население во регионот. Повозрасната популација останува да живее во овој регион. Последниот  Попис во 2021 година покажа дека во споредба со 2002 година Брегалничкиот регионот има загубено 31 624 жители, што е по 8,94 жители на километар квадратен или 17,39 проценти од населението. 

В.Д

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE