Во шест општини од државата, меѓу кои Штип и Струмица, започнуваат серија активности насочени кон отпорност на заедниците на корупција. Ова вклучува намалување на дискреционите овластувања на властите, зголемување на граѓанската контрола, трансапарентноста и учеството на граѓаните во донесување на одлуките.
Овој комплексен проект насловен „Заедници со интегритет“ беше претставен денес пред штипскиот граѓански сектор, медиумите, членовите на Советот и општинската администрација. Во концепирањето на активностите е тргнато од достапните истажувања, кои покажуваат дека над 60 отсто од граѓаните се загрижени од степенот на корупција во земјата, што се лоцира во управувањето со јавните финасии, креирањето на буџетите, издавањето на дозволите и лиценците, како и користењето на јавните површини.
„Анкетите покажуваат дека има недостаток на политичка воља од општините од страна на раководството за да се спречи корупцијата, а првите луѓе се дел од неказнивоста“, кажа Дејвид Сип, програмски директор на проектот.
По работењето со Државниот завод за ревизија (ДЗР) и Државната комисија за спречување на корупцијата и судир на интереси (ДКСК), програмата на Амбасадата на Швајцарија активностите во следните десет години ги проширува и на општините.
Програмата чиј спроведувач е Националниот демократски институт се најавува како помош на општините да создадат силни системи за интегритет, кои ги минимизираат ризиците од корупција и ја зголемуваат довербата на граѓаните.
Покрај засилувањето на капацитетите на општинската администрација и секторот за јавни набавки, значаен сегмент е контролниот механизам на граѓаните. Планирани се форуми на заедницата, обуки за улество во донесување на одлуки на локално нови, серија дебати пред локалните избори на кандидатите за градоначалници и членови на Советите, а граѓанските оргранизации да ги следат дадените ветувања пред изборите.
„Намерата е општините да влезат во алатката Отворени податоци и да ги земат принципите на Отворена влада [која ќе важи] за општините – како [на пример] примена на дигитални алатки за презентирање на финансиските податоци. [Исто така] Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР) да се адаптира за потребите на локално ниво, а преку Отворени податоци да се создадат услови податоците да ги користат истражувачите, граѓанските организации, медиумите и секако граѓаните“, појасни Иван Стефановски, раководител на програми во НДИ.
Локалните медиуми во рамките на овој проект, ќе добијат обука за истражувачко новинарство, а ќе бидат поддржана изработка на истражувања, кои се однесуваат на работењето на општината.
Овој циклус ќе опфаќа период од четири години, а покрај Штип и Струмица, во оваа прва фаза се вклучени и Битола, Боговиње, Гази Баба и Куманово. Целата програма, која опфаќа период од 10 години чини 10 милиони швајцарски франци.
В.К.


