Потпирајќи се на анализите на УНИЦЕФ, Министерството за образование и наука (МОН) почна со, како што го најавува, проект за оптимизација на училишната мрежа. За таа цел низ градовите во државата во тек се регионални состаноци, на кои се разговара со раководството на училиштата и претставниците на општините за ефектите за нивната работа.
Еден таков состанок во понеделникот (02.12.2024) се одржа во Штип со учество на раководствата на училиштата и претставници на Одделенијата за образование на општините од регионот.
Во пракса, тоа ќе значи дека треба да се затворат повеќе селски училиштата кои имаат по неколку ученици, а децата од шест годни и постарите од погорните одделенија, со организиран превоз ќе треба да се испраќаат во соседните поголеми места – во централните училишта. За таа намена, се планирани доградби на училници.
„Покрај користа на ученикот, корист ќе има и државата, секако и општината, за искористување на овие простори за други намени, а секако и намалување на режиските трошоци, кои сега се преголеми, а со носење на учениците во централните или други училишта, ќе придонесат за намалување на тие трошоци, изјави во Штип, министерката за образование, Весна Јаневска.
Аргументите за овој проект на МОН се базирани на анализите на УНИЦЕФ, што низ податоци ги претстави Јаневска. При тоа, никаде не ги спомена ставовите на родителите. „Од вкупниот број ученици, 88% учат во 353 централни училишта, а само 12% учат дури во 518 подрачни училишта. Тоа значи дека дел од нашите ученици се изолирани во сопствените средини, каде немаат можност за добивање на квалитетно образование, социјализација, и подобрување на своите знаења, вештини и севкупни квалитети на живот и образование, изјави Јаневска.
Додека децата да бидат упатени во централните училишта, испразнетите училници во подрачните училишта ќе добијат нова намена и ќе им бидат отстапени на општините.
МОН најавува дека ќе го забрза овој процес, во што, како што велат, ја имаат поддршката од странските партнери. Завршени се плановите во 10 општини, кои опфаќаат затворање на подрачни училишта, организирање превод, а таму каде што е потребно – и доградба на училници во централните училишта.
В.К.


