Советниците на општина Берово одбија да го субвенционираат превозот на средношколците од Пехчево

Половина од трошоците за превоз на учениците од Пехчево, кои од оваа година се префрлени на настава во беровската гимназија СОУ „Ацо Рсковски“, да го плаќа Општина Берово, беше предлогот што го отфрлија советниците од Берово. Претходно овој предлог не го прифатија ниту советниците од Пехчево.

По иницијатива на Министерството за образование и наука од учебната 2008/2009 година, СОУ „Ацо Рускоски“ од Берово е вклучено во пилот програма за отворање на дисперзирани паралелки, со тоа што во зградата на ОУ “Ванчо Китанов” –  Пехчево, а потоа и во реновирани простории на општинската зграда,  се дисперзирани  гимназиски паралелки од беровската гимназија. Од оваа учебна година учениците од прва година учат во Берово.

Идејата на предлагачите од двете општини е да им се олесни финансискиот товар на родителите на 51 ученик од Пехчево, кои секој ден плаќаат за превозот на своите деца до Берово. За оваа тема се расправаше на седницата на Советот на Берово на 22 ноември.

Аргументите на дел од советниците од Берово, кои го отфрлија предлогот, е дека општината Пехчево е таа дека треба да мисли на стандардот на своите граѓани, а не општина Берово. „Бидејќи општина Пехчево не дава субвенции, предлагам СОУ „Ацо Русковски“ од Берово ова да го реши со МОН, кое плаќа блок дотации и да ги распореди за Берово“, предложи советничката Виолета Марковска – Димовска.

Од друга страна, дел од советниците сметаат дека субвенционирањето на учениците од Пехчево ќе обезбеди стабилна работа на наставниците во беровската гимназија, која секоја година запишува сѐ помалку деца.

Советничката Славица Фурнаџиска рече дека децата од Пехчево чинат близу половина ученици запишани во прва година. Од 120 ученици во прва година, 51 се од Пехчево. „Децата се социјализираат во поголемо училиште и во моментот доаѓањето на учениците во Берово не одговара само на општина Пехчево која нема пари за ништо. Има родители кои сакаат децата да им учат во конкурентски услови и ние треба да им помогнеме на тие родители“, рече советничката Фурнаџиска.

Советничката додаде дека доколку Берово не им удоволи на родителите, децата ќе заминат во соседните општини, како Делчево или подалеку во регионалните училишта, кои ќе им дадат субвенции.

Општина Берово на почетокот на оваа учебна година на крајот од септември им исплати по 5000 денари линеарно на сите ученици во прва година во единствениот средношколски центар  – СОУ „Ацо Русковски“.

В.К.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE