Општина Кочани ќе им плаќа по 100 киловати потрошена електрична енергија месечно на 18 семејства во социјален ризик кои живеат во објектот на Старата касарна, каде се привремено сместени. Објектот пред една недела целосно беше исклучен од електричната мрежа поради неплатени сметки. Трошоците за оваа намена ќе се покриваат од општинскиот буџет, за што едногласна одлука донесе Советoт на Општината на последната седница одржана на 4 декември.
Потрошените количини над овој износ семејствата ќе мора сами да ги плаќаат или ќе бидат исклучени од електричната мрежа. Одлуката ќе важи до трајно решавање на проблемот со домувањето на овие граѓани, кои главно се од ромска етничка припадност.
„Општината формираше комисија која направи попис на граѓаните кои живеат во Старата касарна, при што е утврдено дека се сместени околу 90 лица, од кои најголем број се малолетници. Одлуката за покривање на дел од трошоците за струја за нив од Буџетот на Општината ќе важи сѐ до вселувањето во таканаречените типски куќички, а што треба да почнат да се градат оваа пролет“, истакна советникот Аки Акиов.
Над две децении семејствата во Старата касарна, што се наоѓа во централното подрачје на Кочани, живеат во супстандардни услови. Освен плаќањето на трошоците за струја, основен проблем им е и снабдувањето со вода за пиење и недостигот од канализациски одвод.
Локалната власт пред четири години од државниот буџет обезбеди средства за изградба на нови објекти за нивно сместување во населбата Трајаново Трло. Сепак, по реакцијата на месното население кое се спротивстави на населувањето на оваа локација, проектот беше запрен.
Т. А.


