Три училишта во општина Босилово започнаа самостојно да произведуваат струја преку поставените фотоволтаични панели. Со поставувањето на овие системи, тие придонесуваат за одржливото користење на обновливи извори на енергија.
Инсталирањето на фотоволтаци, според градоначалникот Ристо Манчев, е дел од напорите на општината да се зголеми енергетската ефикасност и да се обезбеди одржлив развој. Општинските планови не ги вклучуваат само училиштата. Планот е и сите општински објекти да добијат вакви фотоволтаични системи.
„Нашата стратегија е најпрвин да инвестираме во производство на електрична енергија, а понатаму ќе инвестираме во топлински пумпи, инвертери и така натаму за да можеме да создадеме и систем на ефикасно користење на таа електрична енергија. Мислам дека во наредните две години на секој објект во општинска сопственост ќе има поставено фотоволтаични панели“, изјави Ристо Манчев, градоначалник на Општина Босилово.
Во две од трите училишта, фотоволтаичните системи беа инсталирани како дел од проектот „Подобрување на енергетската ефикасност“ за кој поголемиот дел од средствата се обезбедени преку Фондот за развој на Република Бугарија.
Бугарскиот амбасадор во Македонија, Жељазко Радуков, смета дека со оваа инвестиција училиштата не само што стануваат енергетски независни, туку служат и како пример за одржлива употреба на обновливи извори на енергија.
„Ние се залагаме за иднината, тоа значи дека се залагаме за образованието на децата и се залагаме за чувањето на животната средина. Општина Босилово понуди можност со еден проект да ги постигнеме двата приоритети“, рече амбасадорот Радуков.
Освен училиштата во Босилово и Турново, претходно со средства од Министерството за локална самоуправа преку Центарот за развој на југоисточниот регион, фотоволтаичен систем доби и училиштето во селото Секирник. Наскоро фотоволтаичен систем ќе добие и училиштето во Петралинци.
З.Ѓ.


