Струмица доби канцеларија за поддршка за згрижувачки семејства

СОС Детско село – Центар за поддршка на згрижувачките семејства отвори подрачно одделение во Струмица со цел да го афирмира процесот на згрижување деца без родители, но и за да пружа помош на оние семејства кои згрижиле деца.

Како што потенцираше директорката на Центарот, Јулијана Гапо, канцеларијата е резултат на соработката со Општина Струмица. Отворањето, според неа ја јакне децентрализацијата на социјалните услуги бидејќи има голем број деца, надвор од главниот град за кои има потреба да бидат згрижени во семејства.

„Во земјава, ова година имаше барања да бидат згрижени 105 деца, а ние сме одговориле само на 40. За да се излезе во пресрет на потребите за згрижување, ни се потребни 500 згрижувачки семејства, а во моментов во државата имаме 360. Потребата е огромна, ситуацијата е сериозна и со отворање на вакви канцеларии сакаме да промовираме граѓаните да се заинтересираат и да се пријават за згрижувачи, но и да им дадеме поддршка на тие што веќе згрижиле дете“, кажа директорката на Центарот при СОС Детско село.

Во Струмичкиот регион евидентирани се 25 згрижувачки семејства од кои 14 згрижиле деца по роднинска линија. Во градот има 12 згрижувачки семејства, а останатите 13 се во останатите општини. Меѓу згрижувачите е и Елисавета Ничева од Василево. Таа има згрижено едно дете и вели дека радоста и среќата како кај нив така и кај детето се огромни.

Елисавета Ничева, згрижувачка

„Ние немавме дете и со сопругот одлучивме да згрижиме и да усреќиме едно дете. Ни беше тешко на почетокот бидејки доволно не се познававме, но сега имаме доверба меѓу нас и ја гледам искрената среќа во неговите очи дека има безбеден дом. Во Василево не нарекуваат херои бидејки сме првите кои одлучивме да згрижиме дете. Голем предизвик е, но наградата е прекрасна. Самиот лик на детето дека е безбедно и дека може да се радува на животот е неопишливо и посебно моментите кога ќе дојде да те прегрне бакне и ќе ти каже – па јас многу те сакам“, вели Елисавета.

Таа го поздрави чекорот на СОС Детско село да отвори подрачна канцеларија во Струмица бидејќи така, заинтересираните страни нема да мора да патуваат во Скопје за во институциите да однесат документ во поткрепа на нивната способност да згрижат дете.

Ничевци, но и останатите згрижувачки семејства сметаат дека државата треба да ги мотивира лицата и семејствата да згрижуваат деца, но и да даде поголема поддршка за овој процес. Месечниот надоместок за згрижување на дете изнесува околу 20 000 денари, додека  за згрижување на лице со попреченост околу 25 илјади  денари .

В.Т.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE