Општина Штип одобри нови 114.000 евра за довршување на т.н. „ромска“ населба – која одамна требаше да биде изградена и да чини поевтино

Со мнозинство гласови денеска на Седница на Советот на Општината Штип беа одобрени дополнителни 7 милиони денари (114.000) евра од Буџетот на општината, за инфраструктурни работи на проектот за социјални станбени куќи, наменети за ромските семејства кои на диво живееја во руинираниот објект на Старото нервно одделение во градот.

Овој проект требаше да чини вкупно 895.400 евра и со него, како една компонента е предвидената изградба на населба со 41 типскa куќa – во кои требаше да се згрижат овие социјално загрозени семејства. Од овие пари 799.950 евра (или близу 90%) беа обезбедени од беа обезбедени Европската Унија и нејзиниот Инструментот за претпристапна помош (ИПА II). Останатите близу 10% (или 95.450 евра) требаше да бидат обезбедени од општините Штип и Берово кои заедно со Здружението за еколошки одржлив развој – Зелен Институт од Скопје, требаше да го спроведат проектот. Општина Берово преку проект реконструкира 8 куќи на ромски семејства.

Во парите кои го претставуваат локалното учество на двете општини – Штип требаше да обезбеди вкупно 70.000 евра или околу 73%, а останатите 25.450 евра или 27% требаше да ги обезбеди Берово. Но, доцнењето на роковите и несоодветното планирање ја зголеми цената на уделот на општина Штип. Првично предвидениот буџет на општина Штип од 70.000 евра, сега се искачи на над 184.000 евра.

Дополнително, проектот почнат на 1 јануари 2021 година и проектиран да заврши до крајот на 2023 година е далеку од својот крај. Тој во јануари 2024 година беше продолжен до ноември – но и ноември помина и сега ќе влезе длабоко во 2025 г. За овој случај, во повеќе наврати од 2020 година па наваму пишуваше Локал Актив.

Ерол Адемов од општинската администрација на Штип, изјави дека новоодобрените средства, се дел од сосем нов проект, бидејќи издвоените средства за еден донаторски проект, не смеат да бидат повисоки од вредноста на претходно проектираните.

„Во консултација  со Европската комисија, со цел да го завршиме започнатиот проект, овие 7 милиони денари ги издвојуваме како нов проект со цел да се заврши инфраструктурата и го решиме проблемот. Проектот е започнат пред повеќе од три години и во меѓувреме цените пораснаа за 60-70 отсто од тогаш проектираните. Поради тоа, потребни се нови средства за да го завршиме почнатото“, одговори Адемов во собранието на општината откако за ова беше прашан од опозициските советници.

Маријана Рогожарска – Поповска, советничка од партијата СДСМ бараше да се објасни колку пари до сега се потрошени за овој проект, и како што рече, да се разрешат контрадикторностите изнесени во јавноста. „Изјавите во јавноста се дека покрај за жителите на Старо нервно, во новата населба ќе бидат сместени уште 15 други семејства. И зошто на крај на декември се носи одлука за работи кои требало да бидат завршени? Што до сега е направено?“, праша Рогожарска Поповска.

Адемов одговори дека нема отстапување од претходните планови и покрај семејствата во Старо Нервно, ќе бидат сместени и семејства кои живеат во строгиот центар на Штип до Градскиот трговски центар.

„Овој проект требаше да биде завршен до ноември годинава и до сега веќе има две продолжувања. Во текот на спроведувањето на проектот се соочивме со повеќе предизвици, од кои најголеми се финансиските. Сега ја носиме оваа одлука, со цел да се завршат работите навреме, со цел во февруари – март следната година, семејствата да бидат вселени“, објасни Адемов.

Тендерот за набавка на типските куќи го има добиено турска компанија. Семејствата кои требаше да се вселат во населбата Света Недела уште пред 2 години имаат потпишано изјави дека се согласни да ги напуштат сегашните живеалишта.

В.К.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE