Авторки: Родне Деолска* и Викторија Димитрова**
Печалбарите од источна Македонија – дома се враќаат два пати. Еднаш кога е најтопло и еднаш кога е најстудено. Гратчињата долж реката Брегалница, на лето, макар и за неколку куси седмици, ги полнат своите чаршии, своите хотели, кафеани, улици. Зиме пак, во исчекување на уште еден коложег, ги примаат во себе, своите печалбари за семејни собири и традиционални веселби.
За Делчево, Македонска Каменица, Берово и Пехчево, ова значи кусо но важно раздвижување на локалната економија. Во својот неколку неделен престој за време на летото и на новогодишните празници, иселениците и печалбарите прават свадби и крштевки, користат услуги на фризерски и козметичките салони, стоматолошки ординации.
Македонските иселеници кои живеат и работат во ЕУ, во 2023 година, испратиле 462,4 милиони долари, покажуваат податоците на Светска банка. Овие дознаки таа година сочинувале 2,9% од Бруто Домашниот Производ. „Најбогати години“ според дознаки, судејќи според податоците на Светска банка, биле годините на пандемијата, кога беа ограничени патувањата, па девизите се испраќаа по официјални канали. Во 2021 година, една година откако беше прогласена пандемија, македонските иселеници дома испратиле 489,6 милиони долари, a овие пари таа година сочинувале 3,5% од БДП.
Овие податоци ја бележат фреквенцијата на дознаки од 1996 година – кога македонските печалбари дома вратиле 67 милиони долари. Прекуграничното движење на парите може всушност да се сметаат и за добар илустратор за имиграциските процеси. Од 2001 година, кога се случи оружениот конфликт, нагло пораснале дознаките – од 73 милиони долари таа воена година, висината на дознаките постојано растела за да доживее врв во 2008-мата, кога биле испратени 406, 6 милиони долари. По благото опаѓање во 2016 година, дознаките повторно почнувале да растат за во 2018 година и тогаш да достигнат 379 милиони долари.
Враќање дома, ама привремено на лето и за празници
За време на летото, во источниот регион, најголема полза има Берово – дестинација која е барана поради пониските температури, чистиот воздух и природните ресурси кои ги има. Екипата на Локал Актив беше во овој град. Угостителите со кои разговаравме ни рекоа дека особено кон средината на јули и во август се забележува најголема концентрација на луѓе. Најживо е за време на викендите и околу празникот „Голема Богородица“ на 28 Август.
Антонио Арнаутовски, менаџер на „Ловен Дом Берово“ нѐ информираше дека ова се значајни денови за развојот на нивниот бизнис. Затоа тие настојуваат освен автентична храна на гостите да им понудат и дополнителни активности за тие го продолжат својот престој.
„Креираме и дополнителни активности како што се сместување, јавање коњи, изнајмување велосипеди, off road тури, имаме парк со срни за анимација на децата и сл. Во летниот период поради зголемен обем на работа, но предизвик ни е недстатокот на персонал и тоа што ангажираните лица се млади и неискусни, а тоа има влијание и на квалитетот на услугата, сподели Арнаутовски.
Зголемен обем на работа во текот летото и околу новогодишните празници имаат и фризерските салони, цвеќарниците и стоматолошките ординации, чии услуги се далеку поевтини од оние во странство. Во фризерски салон во Делчево затекнавме иселеници од САД, каде услугата за потстрижување мажи чини од 15 до 45 евра – тука ја добиваат за само 250 денари. Во салонот беше присутна и делчевска снаа од Индија која се подготвуваше за свадбена церемонија. Таа не само што е задоволна од овие услуги кај нас, туку и ја смета Македонија за одлична локација за одмор и вкусна храна со многу попристапни цени.
И услугите на стоматолошките ординации се меѓу најбараните во текот на летото. Во Делчево има и такви кои дополнително нудат и естетски третмани, „ботокс“ или „филери“. „Сите тие се на листата на најбарани и кај иселениците“, нѐ информираше Наталија сопственичка на една таква ординација.
Но, за иселениците во деновите кога доаѓаат важни се и административните работи. Ова лето беше трката да се добие термин за нов пасош и лична карта, но и да се плати данокот и други административна работа. Од Општина Делчево за Локал Актив велат дека и на буџетската сметка се чувствува престојот на иселениците. Летото е период кога тие го плаќаат данокот на имот. Па така, во евиденцијата на општината, сумата за летниот период е зголемена за 64 % во споредба со бројките од почетокот на годината до месец мај.
Но, за иселениците во деновите кога доаѓаат важни се и административните работи. Ова лето беше трката да се добие термин за нов пасош и лична карта, но и да се плати данокот и други административна работа. Од Општина Делчево за Локал Актив велат дека и на буџетската сметка се чувствува престојот на иселениците. Летото е период кога тие го плаќаат данокот на имот. Па така, во евиденцијата на општината, сумата за летниот период е зголемена за 64 % во споредба со бројките од почетокот на годината до месец мај.
Градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски, тврди дека престојот на иселениците за време на летните одмори или за време Божиќните и Новогодишни празници нема директен ефект врз буџетот на општината, во смисла на поголем прилив на реални средства. Но подмирувањето на обврските кон општината како што е данокот на имот, ѝ овозможува на општината да функционира.
Пекевски го истакнува фактот дека локалната економија во Малешевијата опстојува и има ефект од дознаките и платите на околу 150 возачи на камиони кои работат за странски фирми. Токму овие печалбари придонесуваат да има живот во овој крај.
„Дознаките од странство на вработените во странство, кои имаат семејства во Берово и уште како влијаат врз локалната економија. Значи, тие платите кои ги земаат, а се времено иселени од Берово ги трансферираат во поголем дел на своите семејства кои живеат овде и на тој начин, тие семејства ја поттикнуваат јавната потрошувачка и влијаат врз развојот на локалната економија во сите сфери на локално ниво“, вели Пекевски.
Иселениците кои вложуваат дома, бараат нивните родители да бидат згрижени од институциите
И додека иселениците со трошењето, дознаките, данокот, инвестициите дома издвојуваат од заработените пари во странство, останува прашањето, како државата им враќа на нивните семејства – оние кои останале да живеат во земјата? Дали општините и институциите, воопшто ги препознаваат нивните барања?
Нона Димитрова која со семејството е иселена во Италија пред 20 години, вели дека кога се таму, но и кога се враќаат во Македонија, една од најчестите теми на кои размислуваат, е грижата за нивните родители кои останале во Македонија.
„Кога се собираме главна тема ни е грижата кон родителите, кои веќе се стари и изнемоштени и не сакаат да живеат во туѓа земја, туку сакаат да се во Македонија. Недостасуваат Домови за стари лица во Македонија. Оние кои имаат среќа родителите ги сместуваат во државни домови, а останатите во приватни, кои се далеку поскапи. Овде што сме во Италија сметаме дека потребно е државата да иницира и да гради Домови за стари лица“, вели Димитрова.
Во источниот дел на Македонија, како што веќе пишуваше Локал Актив, има само еден државен Дом за стари лица – тој во Берово. Но тој е со ограничени капацитети. Има можност да прими 39 станари, а за сместување има долга листа од 160 луѓе. Неодамна Домот беше реновиран и дограден со нова ламела, каде можност да се сместат имаат уште 28 станари.
Своите барања иселениците засега може да ги изнесат единствено преку неформални разговори – на ретките средби со градоначалниците и тоа вообичаено пред избори, кога во земјите каде сега што живеат, доаѓаат да ги посетат политичарите во потрага по нивните гласови.
Претставници на Општина Делчево во текот на изминатата година ги посетиле нашите иселеници во Словенија, Швјацарија и Луксембург.
„Од последните средби со нашите иселеници во Луксембург се иницираше отворање на Здружение за унапредување на соработката на дијаспората од овој дел со Делчево. Разговаравме за можностите за инвестирање, а оваа посета ја искористивме и за средба со амбасадорот на Република Северна Македонија во Брисел за потребите и проблемите кои ги имаат иселениците при нивниот престој во Делчево. Во Швајцарија бевме во Пиду како регион со најмногу иселеници од делчевско. Таму се сретнавме со градоначалници на четири општини и посетивме станица за сортирање отпад од домаќинства како одлична идеја што може да се реплицира и кај нас. Ја посетивме и противпожарната единица од која минатата година набавивме скала за ТППЕ. Ова се соработки кои мора да се негуваат“, стои во писмениот одговор за Локал Актив од Општина Делчево.
Општина Македонска Каменица традиционално, повеќе од 10 години во Август организира „Ден на дијаспората на манастирско“ во туристичкиот комплекс „Еленец“ во селото Цера. Целта на овој настан е да се воспостави блиска соработка со иселениците од овој крај на економско и културно ниво.
Од општината информираат дека досега преку оваа средба, Македонска Каменица се збратимила со три општини од Италија каде живеат најмногу иселеници од овој крај. Благодарение на оваа соработка тие таму имаат свои клубови, новите генерации учат македонски јазик, а на Македонците им се нудат и добри услови за работа и развој. Истовремено, како што велат, овој настан поттикнува и можности за инвестирање во родните краишта.
Во новата владина структура, немаше место за Министерство за дијаспора, кое до почетокот на оваа година имаше цел да воспоставува широка и ефективна соработка на државата со иселениците. Таа работа во ограничен обем сега ја врши Агенцијата за иселеништво. Најава за отворање центри за дијаспора имаше во ноември 2022 година од тогашниот министер Џемаил Чупи. Тогаш 23 општини се согласија на вакви канцеларии, со неколку беше потпишан договор и беа отворени, но тие повеќе не се во функција.
Само источниот регион на Македонија за 20 години загубил над 30 илјади граѓани
И додека државата се реорганизира, градовите се празнат. Источниот регион во последните 20 години станува доминантно печалбарски регион, откако главно млади луѓе започнаа интензивно да ги напуштаат семејните домови. Цели семејства се заминати пред сѐ во Италија, Словенија, Англија и Швајцарија. Малешевијата, Пијанечкиот крај, па и целиот источен регион е во групата на посиромашните плански региони со плати под македонскиот просек.
Во публикација „Регионите во Македонија 2023“ на Заводот за статистика со економските показатели за животот на граѓаните во осумте региони пишува дека во Источниот плански регион просечната нето плата изнесува 434,9 евра. Во најбогатиот – Скопскиот регион, просечната плата е 586,2 евра.
Стандардот на жителите од источниот регион со години и децении е под македонскиот просек, па веројатно тука може да се бара една од причините за големиот број на иселеници. Затоа не зачудуваат резултатите од Пописот од 2021 година, кои покажуваат дека еден од најретко населените региони – Источниот, за 20 години изгубил 31 626 граѓани.
Според податоците од Пописот 2021, кој го спроведе Државниот завод за статистика во Берово попишани се 11684 граѓани, од кои 10890 се резидентно, а 794 се нерзидентно население. Во Делчево има 14825, од кои 13585 се резидентно, а 1240 нерезидентно население, во рударската Општина Македонска Каменица има 6 969 попишани граѓани, од кои 6439 се резидентно, а 530 се неризедентно население. Во Пехчево – најмалата општина во овој микро регион со 4227 жители, резидентно население е 3983, како нерзидентно население се попишани 244 лица.
Проценките на Светска банка се дека 40% од нашите високообразовани луѓе ја имаат напуштено државата. Македонија во Индексот на одлив на мозоци на Global Economy е на петтото место од 41 држава по одлив на мозоци, додека пресметаната загуба на годишно ниво изнесува 1,1 милијарди евра.
Во споредба со податоците од Пописот во 2002 година Брегалничкиот регион има загубено 31624 жители, што е по 8,94 жители на километар квадратен или 17,39 проценти од населението. Во 2002 година регионот бил на петто место со 8,99 отсто од населението во државата. Пад на населението има во сите 11 општини, покажаа податоците од Пописот на население во 2021 година, Процентуално најголем пад има во Зрновци 36,09%, Пехчево 27,8%, Виница 27,4%, Чешиново-Облешево 26,96%, Делчево 22,39%, Берово 21,89%, Македонска Каменица 20,60%, Пробиштип 17,14%, Кочани 17,04%, Карбинци 14,76% и Штип 6,13%.
Во апсолутни бројки најмногу жители во последните 20 години имаат загубено Кочани 6.490 и Виница 5.463. Бројот на жители во регионот во последните години е намален за 31 626, исто како и бројката на домаќинства 2. 115 или минус 3,79%. Сепак, во истиот период бројот на станови е зголемен за 12076 или 14,32%.
Ова се официјалните податоци, по пописот во 2021 година нема други официјални податоци на бројот на иселени лица, бидејќи како што вели професорот од Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“- Штип, Страшко Стојановски, сите истражувања кои ги прават граѓанските организации или универзитетските професори се на база на перцепција. Тој смета за да се добијат релевантни податоци меѓу два пописа, треба прво да се изгради методологија за утврдување на точните податоци за динамиката и фактичката ситуација со иселувањето, а овде треба да се вклучат пред сѐ универзитетите, МАНУ и статистичките центри.
Стојановски оценува дека за да се намали иселувањето на младите од земјава, потребно е процесот на децентрализација да се реализира и тоа веднаш, особено во делот на фискалната децентрализација.
„Освен децентрализација на овластувањата, потребна е и суштинска фискална децентрализација. На пример, за почеток, повратот на ДДВ на општините би требало да биде барем 20%. За во иднина сериозно да се отвори дебата за децентрализација и на дел од министерствата. Задолжително вклучување на младите во процесот на донесување на одлуки на локално ниво. Не само симболички, кога се работи за младински политики, туку суштински за сите прашања“, додава Стојановски.
Поглед од гледната точка на иселениците
Луѓето кои заминале, сѐ уште негуваат цврсти врски со родниот крај, барем додека имаат живи родители и роднини. Секако, предизвик за општините и останатите институции е како да ги привлечат иселениците да инвестираат дома.
Кико Маневски од делечевското село Тработивиште, сега со адреса во Англија, со семејството доаѓа по три-четири пати во годината. Сите поголеми веселби ги прават со пријателите и роднините тука. Некогаш деновите дома ги користат и за некоја изградба или реновирање. Тој додава дека низ светот има места идеални за живеење со добра бизнис клима, квалитетни услуги, добра инфраструктура и кога би размислувал рационално, секогаш би избрал друга земја за живеење, а не Македонија.
Маневски ја напуштил Македонија во јули 1998 година. Пред да се реши да зaмине, почнал приватен бизнис, но набрзо, како млад бизнисмен доживеал пад, како што вели, поради нелојалната конкуренција и коруптивниот државен апарат во земјата.
„Претпоставувам дека и денес младите заминуваат од слични причини како мојата. За жал, во Македонија сѐ уште има политичка, а не пазарна економија и сѐ уште важи правилото – Не е важно што знаеш туку кого познаваш. Моите деца уживаат во Македонија, зборуваат, пишуваат на македонски јазик, но земјата повеќе ја гледаат како дестинација за одмор отколку за живеење“, вели Маневски.
На прашањето дали некогаш би се вратиле дома – во Македонија со цел да инвестираат или тоа да го направат додека се во Англија, Маневски е дециден: „Порано да, имав идеи за развивање бизнис во областа на туризмот и IT. Во последно време сѐ помалку“.
За разлика од Маневски, семејството Апостоловски има поинаков став. Тие од минатата година по 20 години поминати на печалба во Италија се враќаат во родниот крај и започнуваат сопствен бизнис. Нив како што велат љубовта кон родниот крај им била пресудна да се вратат назад.
„Отворивме фабрика за тестенини во близина на делчевското село Град. Искуството од Италија го пренесовме дома. Правиме најразлични тестенини од кои голем дел ги прилагодивме за нашето поднебје. Иако во Италија оваа храна е секојдневно застапена сепак и кај нас оди добро, го збогатуваме асортиманот постојано и работиме на маркетингот. Иако имавме мали локални спорови, сепак од државата добивме помош при отворањето на фабриката“, вели Ганка Тренчовска – Апостоловска, која со сопругот, синот и поблиската фамилија работат заедно.
Ганка кажа дека се целосно посветени на бизнисот и враќањето во Италија не им е веќе опција. Но, ваквите случаи како семејството Апостоловски се бројат на прсти и во Пијанец и во Малешевијата.
Дури, како што вели градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски има само неколку Mалешевци, кои се вратиле од печалба во својот роден крај. Има само еден случај кој инвестирал во отворање фабрички капацитет, додека останатите или се враќаат да ги поминат пензионерските денови, или пак инвестираат во занаетчиски работилници, своето знаење и пракса кое го стекнале во странство го применуваат и овде.
Иако нема официјална евиденција кај сите општини е мал, речиси незабележлив е бројот на бизнис инвестиции на иселениците во регионот, но пак затоа се забележува вложување во купување на станови и недвижнини или реновирања, што имаат најголем удел во локалната економија.
Меѓутоа, наспроти овие ефекти по локалната економија, иселувањето, особено на високообразованите луѓе прави непоправливи последици. Проценките на Светска банка се дека 40% од нашите високообразовани луѓе ја имаат напуштено државата. Македонија во Индексот на одлив на мозоци на Global Economy е на петтото место од 41 држава по одлив на мозоци, додека пресметаната загуба на годишно ниво изнесува 1,1 милијарди евра.
*Родне Деолска е граѓанска активистка од „Регионален центар за застапување – Делчево“
** Викторија Димитрова е новинарка.


