Облечени во облека од познати брендови и модни куќи, а придружувани од културни работници, лекари, спортисти, пејачи, политичари, 23 лица со попреченост синоќа продефелираа по импровизираната модна писта во Центарот за култура во Струмица. Оваа уникатна модна ревија е во традиционалната манифестација „Убави сме, свои сме“, на која лицата со попреченост ширеа позитивна енергија на модната писта, а публиката ги испраќаше со аплаузи и поддршка.
Организаторката Анче Туфекчиева од Здружението за помош и поддршка на лицата со Даунов синдром – Вера од Струмица, рече дека манифестацијата „Убави сме свои сме“ и годинава го потврди веке кажаното – дека лицата со попреченост можат да се носат со одредени улоги, но им треба само поддршка.
„Ние како здружение и како родители со ова манифестација испраќаме јасна порака дека ако им дадеме улога на лицата со попречености тие може да се носат со одговорностите. Освен тоа потребна им е и нашата поддршка и подадена рака. Задоволни сме како помина годинашново издание, кое пленеше со позитивна енергија. Додека можеме и имаме сила, ќе ја организираме оваа манфиестација за да ја потсетуваме јавноста дека лицата со попречености се тука меѓу нас и треба да ги уживаат сите права во општеството“, кажа Анче Туфекчиева претседател на Здружението Вера и мајка на дете со Даунов синдром.
Манифестацијата „Убави сме, свои сме“ имаше и музичко забавен карактер. Настапија децата од градинката „Виножито“, ученици од нижите одделенија при основните училишта „Сандо Масев“ и „Видое Подгорец“ од Струмица како и децата со интелектуална попреченост од посебното училиште „Климент Охридски“ од Ново Село. Сите тие на сцена беа едно. Се пееше и играше со изведбите на младите интерпретатори Симона Петрова, Марија Панчуева и Томе Лазаров.
„Овој настан покажа како треба да биде инклузивноста. Манифестацијата покажа дека различностите не се бариера, туку едно голем богатство. Децата со поинакви способности како и сите други деца имаат неограничен потенцијал. Тие се едни од најхрабрите, најсреќните личности кои со својата автентичност и љубов му даваат на светото поубаво место за живеење“, кажа Симона Стојанова која беше во публиката и ја следеше манифестацијата.
Освен од Струмица како манекени на ревијата излегоа и деца од Радовиш, Куманово, Прилеп, Скопје. Оваа манифестација пред осум години тргна срамежливо во едно кафуле, за сега да прерасне во бренд.
Со текот на годините освен во Струмица манифестацијата „Убави сме, свои сме“ беше организирана и во Радовиш и во Валандово. Родителите на овие деца побараа општеството да овозможи услови за овие лица да бидат активни и кога ќе пораснат и кога ќе се осамостојат.
В.Т.


