Струмичани тешко ги менуваат навиките во третманот на отпадот

Слаб е интересот за селекција на отпадот во Струмица. И покрај тоа што 1600 домаќинства добија дополнителна канта за отпадоци, а од неодамна имаат и специјализирани контејнери пред станбените објекти – Струмичани тешко ги менуваат навиките и  малку се вклучуваат во процесот на селекција. Наместо селекција на отпадот, дел од опремата беше вандализирана, а отпадот продолжува да завршува на несоодветни локации.

Бранко Ѓоргиев, директор на ЈПКД „Комуналец“ ги сподели очекувањата граѓаните да покажат многу повисока свест за животната средина. Како решение од „Комуналец“ најавуваат   дополнително едуцирање на населението, но  и санкции за оние кои ја уништуваат опремата и депонираат на несоодветни локации.

„Пред околу еден месец ЈПКД „Комуналец“ постави 60 контејнери за селекција на отпад. Истите тие контејнери беа поставени за колективните станбени објекти, меѓутоа гледаме дека многу малку од граѓаните вршат селекција на отпадот. И покрај нашето укажување и покрај тоа што се брендирани самите контејнери каде што пишува кој од нив каква намена има, сепак многу мал број од граѓаните имаат навика за селекција“, вели директорот Ѓоргиев.

Голем проблем за струмичкото комунално претпријатие, кој се провлекува со години претставуваат и дивите депонии. Овие диви ѓубришта ги има речиси во секое населено место. „Комуналец“ ги чисти и отстранува, граѓаните повторно ги создаваат. Годинава тие диви депонии два пати биле чистени, но, по последната есенска акција повторно се детектирани 14 такви локации.

Наместо да ја користат услугата за подигање на отпадот од центарот за грижа на корисници, многу граѓани избираат сами да депонираат отпад, најчесто на недозволени места, што дополнително ги комплицира напорите за чистење и одржување на јавните површини.

„Не е онака како што ние замислувавме дека ќе биде. Многу полесно им е кабастиот отпад или градежниот шут да го оставаат на несоодветни места,  наместо да се јават на нашиот телефонски број кој функционира 24 часа, седум дена во неделата. Ги прима повиците на граѓаните и ноќта во 10 и во раните утрински часови. Овој телефонски број нон стоп е во употреба, меѓутоа не е онака како што ние мислевме дека ќе наидеме на разбирање од самите граѓани“, вели Бранко Ѓоргиев, директор на ЈПКД „Комуналец“.

Според најавите на Јавното комунално претпријатие до крајот на годината треба да бидат исчистени сите диви депонии, но стравуваат дека истите може повторно да никнат. Токму затоа најавуваат засилени контроли, но и санкции од страна на надлежните инспектори за сите прекршители.

Струмица е една од ретките општини во државата која им дава можност на граѓаните да прават селекција на отпад. Граѓанскиот сектор, како што објави Локал Aктив,  исто така е вклучен во едукацијата на младите.

Општина Струмица донесе План за управување со отпад за перидот 2024 – 2029 година. Во овој документ се вели дека „Општина Струмица започна со собирање и третман на пластика и лименка – отпади кои имаат пазарна вредност. Општина Струмица во соработка со ЈПКД Комуналец Струмица во рамките проектот “Еко паметни општини” започна со доделување на втора канта на индивидуалните домаќинства за селекција на отпад (пластика и лименки).

Граѓаните добија бесплатни канти, кои се на товар на ЈПКД „Комуналец“ и Општина Струмица.

„До граѓаните се апелира на домаќинско користење на кантите за селекција отпад од пластика и лименки. ЈПКД Комуналец направи распоред за подигање на овој тип на отпад еден пат во неделата во денот – среда“, пишува во План за управување со отпад.

З.Ѓ.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE