Референдумска можност за отповикување на градоначалниците, коишто несовесно постапуваат, е една од трите клучни измени на Законот за локална самоуправа, што деновиве се предмет на јавна расправа. Другите две се воведување на комунален редар и поголема вклученост на граѓанскиот сектор во работењето на општините. Предложените новини на кои работи експертска група, беа претставени на вчерашната втора од четирите планирани дебати, што се одржа во Штип.
Еден од ангажираните ескперти е Гордан Георгиев, кој рече дека преку консултативните средби со градоначалниците, невладиниот сектор и експертите ќе се обидат да направат интервенции на неколку нивоа во Законот за локална самоуправа.
-Општините треба да бидат поотчетни кон граѓаните, подостапни кон граѓаните, и мал сегмент којшто ќе предвидиме и ќе поразговараме, околу можноста, и европските практики, за отповикување на градоначалниците. Се разбира, вие ги знаете, тука се работи за разни проценти, до кое ниво би било продуктивно, до кое ниво би било контра продуктивно, вели Георгиев.
Георгиев забележа дека станува збор за еден од најстарите закони донесен во 2005 година, кој го поминал тестот на времето, а како што вели, со сите нови искуства откриени се неколку аспекти, кои можат да се подобрат.
Адаптацијата на Предлог измените на Законот за локална самоуправа треба да завршат до крајот на март. Тоа значи дека новите градоначалници и општински Совети избрани на претсојните Локални избори што треба да се одржат наесен, ќе работат според новите законски измени.
– И потоа да влеземе во консултации со сите парламентарни политички партии и да отвориме таму една дискусија, за да и таму ги презентираме работите, коишто сакаме да ги имплементираме во новото законско решение. Така да очекувањата се од следните локални избори изменетиот Закон за локална самоуправа ќе биде применлив, изјави министерот за локална самоуправа, Златко Перински.
Прашан дали поттик за измените на овој Закон се прават по случајот со скопската градоначалничка, Данела Арсовска, Перински даде потврден одговор.
-Главната иницијација за референдумски отповик на градоначалник, меѓу другото е и да е состојбата којашто ни се случува во Скопје. Но, главната иницијација се потребите и барањата на граѓаните. Сите функционери во Република Македонија се заменливи, освен градоначалниците и сметаме дека тоа не значи казна за градоначалниците, туку напротив ние тоа го гледаме како подобрување и зголемување на квалитетот на нивната работа, изјави Перински.
Ваква дебата во деновите пред Нова Година се одржа во Битола, а предвидени се уште две такви низ државата, каде што со свои предлози и идеи учествуваа градоначалниците, претставници на граѓански здруженија и екпсерти.
В.Д.


