Граѓаните на општина Василево бараат да се набави ново комунално возило за да се реши еден еколошки проблем

Жителите на Општина Василево на јавна дискусија, одлучија, грант од околу 50 илјади долари, обезбеден преку програма на Швајцарската влада и македонското Министерство за локална самоуправа, да се искористи за набавка на камион за собирање и транспорт на смет.

Дискусијата во оваа општина се одржа во рамките на серијата така наречени Форуми на заедницата, на кои граѓаните дебатираат за животната средина посочувајки ги проблемите, но и можните решенија за почиста и поздрава животна средина.

За жителите на Општина Василево најголем проблем се дивите депонии во атарите на сите населени места како и ниската јавна свест за чиста животна средина кај граѓаните. Побараа Јавното претпријатие за комунални дејности „Турија“, да ја подобри инфраструктурата за складирање на отпад и да почне организирано да го собира отпадот од сите населени места во општината. Дополнително, беше побарано инспекциските служби да ги зајакнат контролите.

ЈПКД „Турија“ од Василево, отпадот го собира во 10 од вкупно 16-те населени места, а тоа го врши со два камиона кои се во лоша состојба и често пати во дефект, што го отежнува собирањето. Трошоците за поправка и одржување, како што кажа Наце Иванов претставник на раководството на ова претпријатие, се движат и до 60 илјади денари месечно, а проблемот е уште поголем кога со денови не се собира отпадот од домаќинствата.

Од таа причина граѓаните присутни на Форумот на заедницата одлучија како приоритетна да биде набавката на ново возило со капацитет од минимум 8 кубни метри кое ќе овозможи собирање на отпадот од сите населени места во Општината.  Според нив  залудни ќе бидат сите останати проекти од животната средина, доколку претпријатието нема ресурси и капацитети да одговори на потребите на домакинствата во поглед на собирање и транспорт на отпадот до регионалната депонија „Шапкар“.

Општина Василево е една од десетте општини каде се имплементира втората фаза од програмата  за зајакнување на општинските совети  која ја финансира Швајцарската влада и Министерството за локална самоуправа, а ја кофинансира и спроведува УНДП. Таа ќе финансира 20% од вредноста на возилото што како проект го избраа жителите преку форумот на заедницата.

В.Т.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE